вторник, 20 јануари, 2026
Meta.mk

Груби-Гир: Нема простор за евроскептицизам и друга алтернатива освен европската интеграција

Поддршка на Европската Унија во процесите на развој и интеграција на државата, посветеноста на Владата за реформските процеси, политиките на дијалог и стратешките цели на земјава, беа дел од разговорите на денешната средба меѓу вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, и амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, на која се дискутираше и за 20-годишнината од Охридскиот Рамковен Договор и за пописот на населението.

Двајцата соговорници, како што соопштија од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, се согласиле дека треба да се вложат максимални напори за да се постигне единствената цел на Република Северна Македонија за интеграција во Европската Унија.

Груби ја изрази важноста од посредувањето на ЕУ во надминувањето на спорот со Бугарија и благодарност за досегашната заложба за изнаоѓање решение во интерес на двете страни. Тој истакна дека нема простор за евроскептицизам меѓу политичките елити или граѓаните, бидејќи сите достигнувања се заеднички. Исто така, Груби го информирал амбасадорот Гир за зелената агенда, како стратешка ориентација на земјата за подобар живот, по нормативното заокружување на сите политички прашања утврдени во Охридскиот Рамковен Договор и Преспанскиот Договор.

Амбасадорот Гир во име на ЕУ го потврди учеството на одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот Договор.

Дивата депонија кај Ново Село пак се полни и пали, од Комунална хигиена велат собрале повеќе отпад од лани

Дивата депонија кај Ново Село, општина Ѓорче Петров, повторно се полни со отпад и се пали и од таму секојдневно се шири неподнослива миризба, реагираат од граѓанската О2 Иницијатива, од каде посочуваат дека секојдневно во депонијата се носи шут.

„Дивата депонија кај Ново Село деновиве секојдневно си работи, се топат кабли на отворено, се преработува отпад. „Циркуларна економија“ – некој се прави слеп, некој заработува на наше здравје, некој прави голем профит…“, пишуваат на Фејсбук од О2 Иницијативата, споделувајќи повеќе видеа од граѓани на кои се гледа чадот од горењето на отпадот во оваа депонија.

И додека од 02 Иницијативата реагираат за ситуацијата со дивата депонија кај Ново Село, од ЈП Комунална хигиена-Скопје денеска соопштија дека во периодот јануари-јуни 2021 година, нивните екипи само во првите шест месеци од годинава отстраниле над 7.000 метри кубни отпад одложен на јавни површини, а исчистиле и неколку диви депонии составени од мешан комунален, градежен и кабаст отпад, лоцирани во општините Чаир, Кисела Вода и Сарај.

Тие додаваат дека во периодот од 18 до 22 мај годинава ја спровеле акцијата за собирање кабаст отпад во сите скопски општини и дека се собрале и транспортирале рекордни 630 метри кубни одложен мебел и елекронски и електричен отпад. 

Од ЈП Комунална хигиена-Скопје соопштуваат дека во првите шест месеци од годинава подигнале и транспортирале вкупно 79.499 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел од градот, што е за 4.921 тони, или за 6,6 отсто повеќе во однос на истиот период лани.

Студенти на ФЕИТ преку МЕМО практично ќе учат како функционира пазарот на струја

Факултетот за елетротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и МЕМО– Националниот оператор на пазарот на електрична енергија, потпишаа Меморандум за соработка, кој ќе им овозможи на студентите од овој факултет да стекнат практично образование и да работат на заеднички развојно истражувачки проекти поврзани со пазарот на електрична енергија.

Според деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски, соработката претставува можност студентите да стекнат практично искуство за функционирањето на пазарот на струја.

„Како факултет, продолжуваме со потпишување нови меморандуми кои ќе овозможат нови аспекти во студирањето на студентите и можности за професорскиот кадар. Ова е можност нашите студенти да научат како функционира пазарот на електрична енергија, како се дефинираат цените и други економски параметри. Тоа е само прв чекор во нашата соработка, која сѐ повеќе ќе се продлабочува“, рече Ташковски.

Управителот на МЕМО, Симон Шутиноски, рече дека Националниот оператор на пазарот на електрична енергија, ќе помогне при создавање и унапредување на идните кадри во областа на електро-енергетиката.

„Се отвара можност, сите заинтересирани студенти на ФЕИТ да се стекнат со практично знаење и од прва рака, да се запознаат со функционирањето на пазарот на електрична енергија во Република Северна Македонија, а во блиска иднина, и со берзата на електрична енергија, кои се во оперативна надлежност на МЕМО“, посочи Шутиновски, кој додаде дека, со продлабочување на меѓусебната соработка преку заеднички проекти од областа на електротехниката и информациските технологии, пред сè, развојно-истражувачки и други апликативни проекти, од заеднички интерес, ќе се придонесе за развој и унапредување на двете страни.

Според потпишаниот Меморандум, ќе се соработува на развојно-истражувачки проекти, соработка со експерти и професионални тимови, изработка на магистерски трудови, работа на апликативни проекти, консултативни активности, студентска пракса и разни предавања, семинари и други настани.

Драстично намалени нарачките од странство за текстилни производи, компаниите се спасуваат од колапс со откази

На илјадници вработени во текстилната индустрија во државава во текот на јули им се закануваат откази, а главната причина е драстично намалениот обем на работа поради малите или стопираните нарачки од партнерите од странство. Оваа ситуација трае од лани поради ковид кризата и затворањето на пазарите. Но, и покрај делумното стабилизирање на економиите, сѐ уште нема нарачки за текстилни производи кај македонските фирми, кои 90 отсто се ориентирани кон извоз. Па, спасот од финансиската криза голем дел компаниите го гледаат во намалувањето на трошоците за работа, преку откази на вработените или технолошки вишоци, покажуваат согледувањата на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ). Според ОРМ, оваа ситуација ќе потрае уште најмалку една година.

Ова го посочува Ангел Димитров, претседател на ОРМ, воедно и директор на текстилната фабрика „Мода“ од Свети Николе. Тој за Мета.мк вели дека во фабриката веќе 50 вработени добија откази, односно не им беше продолжен договорот за работа, а 460 се на принуден одмор. Димитров вели дека е тоа неминовен процес во моментов, поради редуцираното на целото производство за 50-тина проценти, во однос на 2020, кога се работеше само за залиха, а за многу повеќе во споредба со неколку години претходно. Поради ваквата состојба, дел од домашните капацитети лани се преориентираа за производство на заштитна облека за армијата и за болниците, но тоа е незначителен финансиски ќар и мала искористеност на капацитетите, објаснува тој. Од друга страна, вели дека ваквите нарачки одат преку тендери, за што се губат најмалку 4-5 месеци.

„Нема работа. Се заканува крах на текстилната индустрија и само во текот на овој месец околу 10.000 вработени ќе бидат прогласени за вишок. Ако сакаме да го спасиме барем малото „здраво ткиво“ што остана, мора да го намалиме бројот на вработените. Тоа секако ќе го направиме според законски прописи и со бодирање, зависно од социјалната положба на вработениот, за што е во тек подготовка на списоци. Дадовме опција за оние кои сакаат доброволно да си заминат и на оние кои се пред пензија, на кои ќе им поделиме седум плати. Оние пак, кои ќе се прогласат за технолошки вишок, ќе бидат обесштетени од државата, поточно заводот за вработување, зависно од стажот“, вели Димитров.

Тој додава дека ваквата кризна состојба ќе трае и ќе продолжи и в година, можеби и подолго, ако повторно наесен дојде до нова ковид пандемија. Како претседател на ОРМ, Димитров вели дека секоја текстилна фирма ја решава сопствената кризна ситуација зависно од своите финансиски можности. Тие што имаат пари, им делат по неколку плати на работниците кои ќе ги отпуштат, согласно Законот за работни односи, но во спротивно, фирмите „спасот“ многу скоро ќе го најдат во стечај или ликвидација.

„Поддршката од Владата за исплата на плати, не ја подобри состојбата во текстилот, затоа што таа важеше само за февруари и за март. Од Владата ни најавија дека помош може да очекуваме само со бескаматни кредити за производство, што е засега неприфатливо. Затоа што, за да се вратат кредитите, треба да има продажба, односно нарачки од странските партнери, а тоа нема“, посочува Димитров.

Од „Гласен текстилец“, Здружението на граѓани на текстилната, кожарската и чевларската индустрија за Мета.мк велат дека ја следат состојбата со вработените во текстилот и со отпуштањата што се во тек. Велат дека има некои фабрики во Штип кои имаат работа во овој период. Главниот проблем за ваквата ситуација во која се најде текстилната индустрија, според Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, е што 30 години наназад фабриките не се обидоа да инвестираат во модернизација и автоматизација на производството и во сопствени брендови. Сега, со ковид кризата, се покажа дека тоа ќе им помогнеше за брзо преориентирање кон други пазари и за финансиска стабилност.

„Во однос на отказите, малку фирми досега постапија согласно Законот за работни односи и ги запазија законските формалности во случај на отказ од деловни причини и поделија испратнини на работниците. Има(ше) и такви кои направија изигрувања и кршење на ЗРО, ја пререгистрираа фирмата само за да не дадат плати и слично. Во соработка со финансиската полиција, УЈП и ДПИ, ние реагираме онаму каде што имаме сознанија за законски прекршувања. Во некои фирми, тоа дава резултати. „Глаен текстилец“ ќе бара измени во Законот за прекршоци кој сега предвидува многу ниски казни за работодавачите за незаконски отпуштања и за други изигрувања на штета на работниците. Односно, ќе бара повисоки парични казни и други санкции кои треба да се сметаат за кривично дело“, вели Ампева.

Текстилната индустрија и индустријата за облека во вкупното индустриското производство на државата учествуваат со 12,82 отсто, вработуваат над 37.000 работници и опфаќаат околу 10 отсто од вкупниот извоз на земјава, посочија од Стопанската комора на Северна Македонија(СКМ). Индустриското производство на текстилот и на облеката во 2020 година е намалено за околу 14 отсто, во однос на 2019. Исто е и со бројот на вработените во овие дејности, при што во јануари 2021 година има намалување од 5,4 отсто во однос на јануари 2020 година. Од СКМ објавија дека извозот на текстил, облека и на кожарски производи за 2020 година изнесувал 493 милиони евра и е намален за 10,6 отсто, или за 58 милиони евра во споредба со претходната година, кога изнесувал 551 милиони евра. 

Според Државниот завод за статистика, во првите пет месеци од годинава, во производството на текстил индексот на бројот на вработените е 98,2, односно е помал за 1,8 отсто, а во производството на облека е 93,3, или помалку за 6,7 отсто, во споредба со истиот период во 2020 година.

Индексот на вработените во индустријата, пак, е помал за 2,7 отсто и изнесува 97,3.

МОН: Граѓанските организации се значајни за зачувувањето на менталното здравје кај децата и младите

„Сервисите кои се развиваат од граѓанските организации и здруженија, а чија цел е пружање прва психолошка поддршка на децата, младите и граѓаните, секогаш се добредојден ресурс и поддршка за зачувување на целокупното ментално здравје. Затоа ја поздравувам иницијативата на Црвениот крст што ја препозна потребата од отворање на Центар за прва психолошка и психосоцијална поддршка на граѓаните“,  истакна Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука, на денешната дебата по повод отворањето на Центарот.

Тој додаде дека менталното здравје е исто толку важно како и самиот образовен процес, а училиштата и предучилишните установи се места каде децата го поминуваат најголемиот дел од времето.

„Тоа ни дава обврска во нив да овозможиме услови децата и младите да развиваат здрав начин на размислување и да изградат здрав однос кон себе и кон околината. Да создадеме образовен систем во кој психолозите во училиштата почесто ќе работат со учениците, со што ќе ја промениме погрешната перцепција дека стручните служби служат за дисциплинирање. Сѐ додека не ја смениме оваа перцепција, не можеме да зборуваме за заштита на менталното здравје“, рече Томшиќ.

МОН ги јакне и капацитетите на психолозите и стручните работници во училиштата кои се и стожер во сочувувањето на менталното здравје на учениците. Организирани се вебинари на тема „Совети и добри практики од работата на психолозите во основните училишта“, на кои се зборуваше за промоција и превенција на менталното здравје во училиштата во услови на пандемија.

Дополнително МОН, Министерството за здравство и за труд и социјална политика, во соработка со Универзитетската клиника за психијатрија, веќе имаат воспоставено линија за помош на децата, младите и нивните родители. Но, исто така е важно и зголемувањето на вон-наставните активности со новата Концепција за основно образование, со што се поттикнува креативноста кај децата, се зголемуваат спортските, културните и забавните активности, што придонесува во зачувувањето на менталното здравје кај учениците, соопштија од МОН.

МЗ: Вчера се аплицирани 11.393 вакцини, прва доза примиле 8.355 граѓани

Прва доза вакцина против ковид-19 вчера примиле 8.355 граѓани, а во текот на денот вкупно се вакцинирале 11.393 лица. Заклучно со вчера, на вакциналните пунктови во државата вакцинирани се вкупно 408.953 граѓани.

Досега вкупно се аплицирани 652.680 дози вакцини во државава, а ревакцинирани се 243.727 граѓани, соопштија од Министерството за здравство.

Додаваат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови, интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досегашниот број на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 496.228 граѓани.

Според последните бројки, барем прва доза вакцина примиле 54 отсто од населението над 70 години, 52 отсто од населението над 65 години, 47 отсто од граѓаните над 60 години и 39 отсто од лицата на возраст над 50 години.

Масовна вакцинација се одвива во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Зајакнати инспекциски контроли за спречување пожари на депонијата кај Добрашинци

Државниот инспекторат за животна средина информира дека, на 7 јули спроведе вонреден инспекциски надзор на депонија, лоцирана во близина на селото Добрашинци што се користи за отстранување на отпадот од Струмица. Депонијата во моментот на надзорот не била опожарена, но граѓаните од околината се жалат дека таа често гори.

Од Инспекторатот соопштуваат дека, областа зафатена со депонирање има површина од 12 хектари и е оградена, како и дека има можност за неовластен пристап, што повремено се злоупотребува за потпалување на депонијата. Поради високите температури доаѓа и до самозапалување.

„На теренот има механизација што врши прекривање со земја, а се доведува и вода за гасење од системот во состав на Водостопанство АД, што минува покрај депонијата. Јавното претпријатие се задолжи да ги зајакне контролите, редовно да проверува евентуални оштетувања на оградата и да врши почесто прекривање на отпадот со земја, а со тоа да обезбеди и уште еден багер со кој прекривањето со земја ќе се врши на поголема површина, со цел спречување на нови опожарувања“, соопштија од ДИЖС.

Реакција на МНР за несоодветните изборни спотови во Република Бугарија

Министерството за надворешни работи, денеска со соопштение реагираше до Софија, во врска со објавените предизборни спотови во Република Бугарија, во кои се покажуваат територијални претензии кон нашата држава.

„Во напорите за засилување на дијалогот и зацврстување на довербата, сето во функција на унапредување на добрососедските односи, објавувањето на предизборни спотови во кои се изразуваат територијални претензии и еднострани чувства за припадност и присвојување кон друга соседна држава, не е во духот на градење пријателство и почитување на европските вредности, за кои заедно толку многу се заземаме“, стои во соопштението на МНР.

Се додава дека се очекува официјалните претставници на Република Бугарија да се оградат и да ги осудат ваквите настапи на една од потенцијалните политички учесници во највисокиот дом на Бугарија.

Инаку, вчера, партијата ВМРО-БНД на поранешниот бугарски министер за одбрана Красимир Каракачанов, во финалниот предизборен спот на партијата, има објавено  и кадри од Охрид, а во контекст дека оваа партија е за одбрана на „бугарштината“.

БМРО-БНД на последните парламентарни избори во Бугарија не успеа да го мине прагот за освојување пратенички мандати.

МЗ: Вчера се аплицирани 12.590 вакцини, прва доза примиле 9.377 граѓани

Прва доза вакцина вчера примиле 9.377 граѓани, а вкупно во текот на денот се вакцинирале 12.590 граѓани, информираат од Министерството за здравство.

На вакциналните пунктови заклучно со вчера се вакцинирани вкупно 400.235 граѓани. Вкупно се аплицирани 640.886 дози вакцини, а ревакцинирани се 240.651 граѓани, додаваат од Министерството.

Оттаму додаваат дека досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 494.389 граѓани.

Со последните бројки, 54 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 52 отсто од лицата над 65 години, 47 отсто од населението над 60 години и 39 отсто од граѓаните со возраст над 50 години.

Од Министерството за здравство потсетуваат дека, вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација, се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес на веб страницата vakcinacija.mk и лица вработени во критична инфраструктура. Вакцинација се одвива во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

На меѓународната вселенска станица ќе се намести движечки робот за помош на астронаутите (видео)

Европската вселенска агенција (ЕСА) на меѓународната вселенска станица (МВС) се подготвува да постави тн. „роботска рака“ (ЕРА). Таа ќе полета на 15 јули, а пристигнувањето се очекува на 23 јули. Станува збор за движечки робот, кој ќе се движи надвор и блиску до рускиот дел на МВС. Лансирањето ќе се изврши со руската ракета „Протон“.

„ЕРА“ е долга 11 метри и може да се смести и надвор од вселенската станица. Уредот е со цел да им помогне на астронаутите кога ќе излезат од вселенскиот простор, а може да биде од помош и при инсталирање и замена на елементи од надворешната страна на Станицата. „Раката“ има седум зглобови и ќе може да издржи товар од неколку тони, како и да превезува астронаути, како кран.

Со роботот ќе можат да управуваат астронаути од внатре и од надвор од вселенската станица.

Изработката на роботот во голема мера беше финансирана од владата на Холандија и од конзорциум на европски компании, како што се „Ербас одбрана“, „Спејс Недерланд“ и Европската вселенска агенција-ЕСА.

Младите најмногу сакаат да студираат за информатичари и лекари, најмалку за уметници [инфографик]

Бројот на лицата кои се запишуваат на факултетите и на високите стручни школи во државата се намалува, а младите најмногу сакаат да учат за електроничари, информатичари и математичари, најмалку за уметници. Тоа го покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Притоа, факултетите за информатика, медицински и економски науки привлекуваат најголем број на студенти на првиот циклус на студии.

Според нив, во академската 2020/2021 година се запишани вкупно 50.881 студент на додипломски студии на високите школи и на факултетите, што е намалување за 1,7 отсто, во однос на академската 2019/2020 година.

Најголем интерес за студирање во изминатава академска година имало за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, каде биле запишани 3.800 студенти на додипломски студии. По него, следуваат трите медицински факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот во Тетово и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде вкупно имало 8.196 студенти на додипломски студии. Петти на листата на „ТОП 5“ факултети со најмногу студенти е Економскиот факултет при УКИМ со 2.259 студенти.

Во исто време, во академската 2020/2021 година најмал интерес за студирање имало за Факултет за драмска уметност, каде се запишале 67 студенти, за ликовна уметност, со запишани 124 студенти, и за музичка уметност каде се запишале 282 студента, при што сите редовни студенти.

Најголем број студенти, 83,8 отсто, се запишани на државните високообразовни установи, покажуваат статистичките податоци, додека 15,5 отсто на приватните високообразовни установи.

Во прва година на студии во академската 2020/2021 година, запишани се 12.365 студенти или 24,3 отсто (опфатени се и студентите што запишуваат прва година по втор, трет и повеќе пати).

Од запишаните 42.631 студенти на државните високообразовни установи, како редовни студираат 39.000 лица. Додека на приватните се запишани на додипломски студии 7.905 студенти, од нив како редовни се 6.745.

Од државните, најголем е бројот на запишани студенти на УКИМ, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде се запишале 22.489 студенти, од кои редовни 21.388. А, од приватните, најмногу запишани студенти, 2.024, има на Меѓународниот балкански универзитет-Скопје и на Југоисточно европскиот факултет во Тетово – 1.660.

Вчера се аплицирани вкупно 14.084 вакцини, прва доза примиле 9.493 лица

Вакцинацијата против ковид-19 се одвива непречено низ државата, интересот се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 492.662 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

На вакциналните пунктови заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 390.623 граѓани, прва доза вакцина вчера примиле 9.493 граѓани, а вкупно во текот на вчерашниот ден се вакцинирале 14.084 граѓани.

Во државата вкупно се аплицирани 627.948 дози вакцини, а ревакцинирани се 237.322 граѓани.

Со последните бројки, барем прва доза вакцина примиле 53 отсто од населението над 70 години, 50 отсто од населението над 65 години и 45 отсто од лицата над 60 години.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација, се вакцинираат возрасни, граѓани кои искажале интерес на веб страницата vakcinacija.mk и лица вработени во критична инфраструктура. Вакцинација се одвива во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп, потсетуваат од Министерството за здравство.

МЗ апелира медиумите да не шират непроверени тези за неефикасноста на „Синовак“

Министерството за здравство реагира на дел од објави и пренесени ставови во медиумите дека кинеската вакцина „Синовак“ не штити од делта сојот како и од тешка клиничка слика при разболување на вакцинираните со оваа вакцина.

„Ова тврдење е апсолутно неточно, нема ниту една студија или научен доказ кој ова го потврдува. Апелираме медиумите да не пласираат непроверени тези од поединци кои не се засновани на официјални информации од меѓународните здравствени институции. Досегашните анализи и официјални инофрмации на СЗО која ја одобри оваа вакцина, покажуваат дека истата е ефикасна 51 отсто при заштита на асимптоматските случаи и штити 100 отсто од развој на тешка форма на болеста“, информираат од Министерството за здравство.

Појаснуваат дека, согласно најновите две студии на СЗО спроведени во Бразил за ефикасноста на вакцината од новите соеви, што се во моментот во циркулација, потврдено е дека истата штити 50 отсто во првата студија и 83 отсто во втората студија.

„Како што ќе има нови официјални студии и податоци за ефикасноста на вакцините, Министерството за здравство ќе ја информира јавноста. Во овие исклучително чуствителни моменти, кога започнува масовната вакцинација во нашата земја, апелираме на максимална одговорност од сите поединци и медиуми во однос на вакцинацијата и споделување исклучително на ставови кои се поткрепени со научни докази и потврдени студии“, апелираат од ова министерство.

Загубени работни места и намалени плати: Текстилниот сектор е еден од најпогодените во ковид кризата

Кризата предизвикана од ковид пандемијата во текстилната индустрија донесе голем број на загубени работни места, намалени плати и ризик за физичкото и психичкото здравје на работниците. Намалената побарувачка од странство за текстилни производи, ја загрози ликвидноста на компаниите и предизвика намалување на вкупниот нето извоз, кој лани беше помал за 300 отсто во  однос на 2019 година. Постои тенденција на намалување на работните места, односно голем број на откази и непродолжување на договори за работа, не се исплаќа прекувремената работа ниту минат труд, се даваат пониски плати од минималната и слично.

Ова се дел од сознанијата кои беа презентирани на денешната панел дискусија на тема „Индустрија во криза – предизвиците на текстилната индустрија пред и по кризата со ковид-19“, организирана од Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ).

ЗМАИ презентираше резултати од анкета спроведена во 10 општини меѓу работодавци и работници од текстилниот сектор за работењето во време на ковид кризата, кои оцениле дека владините мерки за финансиска поддршка биле недоволни, односно делумно ги ублажиле состојбите, потоа дека мал дел од фирмите спроведуваат заштитни мерки при работа, а не секоја исплатува редовно плата, минат труд и прекувремени часови работа.

Според програмската директорка за владеење на правото и добро управување, Данче Даниловска Бајдевска, глваниот заклучок е дека правата на текстилните работнички се прекршени во најголема мера, во однос на другите дејности, и дека текстилниот сектор е еден од најпогодените од ковид кризата.

„Идните јавни политики за подобрување на состојбата во текстилната индустрија мора да бидат насочени кон долгорочна одржливост и стабилно враќање во насока на раст и развој на технологиите и економските услови за вработените и работодавачите”, потенцира Даниловска Бајдевска.

Виктор Стојкоски, еден од главните истражувачи на проектот, истакна дека во април 2020 година во споредба со една година претходно невработеноста во текстилната индустрија се зголемила за 128 отсто, а учеството на лица со примања под минималецот за 17,6 отсто.

Тоа укажува дека текстилната индустрија била нестабилна и пред почетокот на пандемијата, но дека потоа овие проблеми дошле до поголем израз.

Според Директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчевска, работодавачите треба да овозможат безбедни и здрави услови за работа, а работниците да се охрабрат за пријавување на прекршувања на права од работен однос или безбедност и здравје при работа.

„Во текстилниот сектор во 2020 година извршени се 1.443 надзори, изречени се 173 инспекциски мерки и предлог за поведување на една кривична пријава. Во 2021 година продолжија инспекциски надзори и во периодот јануари–мај 2021 извршени се 700 надзори во текстилниот сектор и се изречени 202 инспекциски мерки”, посочи Тренчевска, која додаде дека ќе продолжат засилени инспекциски редовни и вонредни надзори.

Кристина Ампева од Здружението „Гласен Текстилец“ , рече дека корона кризата драстично ги уназади работничките и човековите права.

„Се вратија девијантни појави кои ги елиминираме во изминатите години, како усни откази, исплати на плати од 2 денара, враќање на дел од плата назад на работодавач, спогодбени раскинувања на договори кои работниците не ги потпишале… Најмногу нѐ загрижува што некои работодавачи ја злоупотребија државната помош наменета за задржување на работните места и за исплата на минимална плата“, рече Ампева.

Таа додаде дека голем дел од проблемите со кои се соочува текстилната индустрија можеа да бидат помали доколку уште пред 30 години компаниите инвестирaа во модернизација на производството и во создавање на сопствени брендови наместо 95 отсто од капацитетите да работат за странски брендови. Тоа, според неа, во услови на ковид криза заедно со субвенциите од државата ќе им овозможеше на фирмите брзо да го пренасочат производството за заштитна опрема и облека за извоз и со тоа задржување на работниците.

Настанот беше организиран во рамките на проектот „Одговор на социо-економските ефекти од ковид-19, преку поддршка на ранливи групи на ниско платени работници, работници кои се дел од неформалната економија и привремено вработени работници”, поддржан од Фондацијата Отворено Општество – Македонија.

ДЕБАТА: За спречување на корупцијата, потребни се сериозни активности, а не декларативни изјави

Декларативните изјави за значењето и спроведувањето на фундаменталните права, не значат ништо без конкретни и сериозни активности во спречувањето на корупцијата, во кои ќе бидат вклучени сите засегнати страни: институциите, парламентот, граѓанските здруженија, академската средина и сите интересни групи.

Ова беше заеднички заклучок на денешната дебата на тема „Што стои на патот во спроведувањето на антикорупциското законодавство?“, во рамките на 9. сесија на Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија (НКЕУ-МК), на работната група 4–Правда, слобода и безбедност, во организација на Европското движење.

„Не е доволно само да се лоцира проблемот, туку треба да се дојде до нови одговори за старите прашања за корупцијата“, изјави националната координаторка на НКЕУ-МК и професорка на Филозофскиот факултет при УКИМ, Милева Ѓуровска.

Во дебатата беа вклучени претставници на здруженија и асоцијации, на синдикатите, универзитетски професори, како и експерти од Словачка.

Директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика од Братислава, Томаш Стражај, рече дека дури и во Словачка, која е членка на ЕУ веќе 17 години, сé уште трае борбата против корупцијата и враќање на довербата на јавноста.

„Процесот на борба против корупцијата е многу важен и не смее да заврши ниту со добивање датум, па дури ни со целосно членство во ЕУ“, изјави тој.

Зузана Петкова, управен директор на непрофитната организација „Стоп Корупција“ од Братислава, посочувајќи конкретни случаи и рече дека дел од најважните алатки во нејзината држава се поттик на свиркачите, односно, доушниците или т.н. шепкачи, контрола на јавните набавки, поддршка на истражувачкото новинарство и подигање на јавната свест преку разни кампањи.

Државната секретарка на МВР, Магдалена Несторовска, констатира дека корупцијата е присутна во сите сфери на општественото живеење и дека борбата против неа е првиот стратешки приоритет, но за реални резултати, таа треба да биде сеопфатна, на сите сегменти.

„Не може да се чисти само еден дел од општеството, туку е потребна соработка на сите ресорни министерства, од детектирање, преку градење интегритет, до подигнување на свеста“, рече Несторовска.

Дипломатот Андреј Лепавцов укажа дека корупцијата ги ослабува институциите и претставува проблем за безбедноста на државата, додека професорот од Факултетот за безбедност УКЛО од Битола, Трпе Стојановски, ги посочи разликите меѓу тоа каква треба и каква е состојбата.

„Иако изминатите две – три децении се правеа клучни реформи и тезите на секоја власт се, целосна посветеност на прашањето за антикорупција и негово поставување на рамниште на приоритет, ние сé уште имаме сериозен проблем со корупцијата“, изјави Стојановски, кој рече и дека причини за тоа има повеќе, како што се амнестии, одлив на мозоци, па и пандемијата.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска вели дека состојбата со корупцијата е многу сериозна.

„Една од клучните точки е недостиг на транспарентност што треба да овозможи подетално информирање на граѓаните за постапките при назначување на кандидатите за јавни функции, за јавни набавки и други информации за кои јавноста има право да добие информации“, изјави претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Како најподложни сектори на корупција, таа ги посочи урбанизмот и општините, менувањето на систематизациите за вработувања со непотизам и партиска припадност, изборите и разрешувањата на директори на ЈП.

Се очекува препораките од домашните и од странските членови на работните групи за ефикасно справување со корупцијата, преку вклучување на пошироката јавност, да бидат корисни за напредокот во Поглавјето 24 од пристапните преговори за членство во ЕУ.

Проектот Национална конвенција за ЕУ во Северна Македонија е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати, за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори. Проектот е финансиран од УСАИД и Словачката агенција за развој.

Замрзната сметката и имотот на Рашковски и на неговите деца, со одлука на Кривичниот суд

На барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Основниот кривичен суд Скопје, донесе одлука да го замрзне имотот и сметката на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, како и на неговите две малолетни деца. Според Кривичниот суд, одлуката е со цел, „да не дојде до осуетување на намирувањето на оштетното побарување во текот на кривичната постапка“.

Во предметот како оштетена се јавува државата со оштетно побарување во вкупен износ од 17.642.237,00 денари.

„Уважувајќи го барањето, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, донесе Решение за привремена мерка, со кое спрема едно од осомничените лица е определена привремена мерка – забрана за располагање со средства од сметка на која осомничениот како физичко лице има овластување да располага. Со истото Решение спрема две малолетни лица, на кои првоосомничениот во предметот е законски застапник, е определена привремена мерка – забрана за оттуѓување или оптоварување на своите недвижности или стварни права кои врз недвижноста се запишани во корист на законскиот застапник. Воедно, спрема едно правно лице во сопственост на трет осомничен, судијата на претходна постапка определи привремена мерка – забрана за отуѓување или оптоварување на движни ствари“, соопшти Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Истовремено, претходно изречените мерки за обезбедување на осомничените се продолжени за нови 30 дена.​

Рашковски беше приведен на 16 април годинава, во рамки на истрагата за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци. За него се води постапка под сомнение дека, како генерален секретар купил софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци, иако Министерството за внатрешни работи тоа не го побарало и не го користиле софтверот. Тој во истражниот затвор, односно во притвор, беше задржан неполни два месеца. Првично на Рашковски му беше изречен куќен притвор, но по жалбата на обвинителството, на 21 април решението беше преиначено во ефективен притвор. Истрагата беше проширена за уште една јавна набавка на друг софтвер, а на 4 јуни, Апелациониот суд донесе одлука тој да биде пуштен од ефективен притвор во куќен притвор.

Вистиномер: Вакцината против ковид-19 не содржи крв од деца

Неточно е тврдењето во постот дека изумителите на вакцините признале оти составен дел на вакцините е крвта од деца. Не навлегувајќи во религиозните аспекти на постот, ниту, пак, во верските чувства, фактичките медицински информации од науката негираат постоење на крв или крвни продукти во вакцините, ниту од возрасни, ниту од деца. Како невистинити ги оценуваме и наводите дека вакцинацијата е задолжителна, пишува Вистиномер.мк.

Рецензираме пост на Фејсбук во којшто лажно се тврди дека вакцинирањето е задолжително. Временскиот контекст во којшто е споделен статусот, односно датумот на неговата објава – 30 јуни 2021 година, алудира на вакцината против ковид-19 актуелна во посочениот временски период.

Постот почнува со зборовите:

За задолжителното вакцинирање

Вакцинирањето не е задолжително. Секој граѓанин избира дали сака или не сака да се вакцинира, по што изразува интерес за вакцинација преку пополнување на формулар.

На официјалната страница за вакцинација на Министерството за здравство, јасно е наведено дека вакцинирањето е доброволно.

Доколку граѓанинот од која било причина одлучи да не се вакцинира, тогаш тој за излез од државата и за влез во определени земји (согласно националната политика и стратегија на секоја држава засебно), треба да приложи ПЦР тест. Министерството за здравство, исто така, издава и сертификат дека некој прележал ковид. Механизмите за патување за оние кои од било која причина не сакаат да се вакцинираат се бројни.

Понатаму во постот што го рецензираме се наведува:

Ако јадењето на крв од животни човекот го оделува од Бога, тогаш колку повеќе крвта од малите деца го оделува човекот од Бога, која е состав на вакцините (за кое признаваат и нивните изумители). Зарем сето ова нѐ треба да ни предизвикува загриженост?! Треба да одговориме: „Не, благодариме Цезаре! Нема да те послушаме! Повеќе сакаме да умреме доколку Господ дозволи, но нема да се согласиме да ни ја убиете и душата и телото!“

Дали навистина вакцините против ковид-19 содржат крв од мали деца и дали тоа го признале нивните изумители? Се разбира дека не.

Целосниот состав и сите компоненти на вакцините кои се администрираат во Македонија може да се пронајде на следниот линк на официјалната страница за вакцинација.

Детската болница во Филаделфија, САД, објавува одговори на најчесто поставувани прашања на следниот линк.

Вакцината против ковид 19 било да е мРНА вакцина или аденовирусна вакцина, не содржи какви било крвни продукти, вклучително црвени крвни зрнца, бели крвни зрнца или тромбоцитинаведуваат оттаму.

На следното кратко видео, доктор Пол Офит зборува за состојките кои ги има во ковид вакцините. Таму не се споменуваат крвни продукти, ниту крв од деца, како што лажно се тврди во овој пост.

Двете болници кои работат под заедничкиот бренд Небраска Медисин“, а се лоцирани во градот Омаха во сојузната држава Небраска во САД, објавуваат дека вакцините не содржат клетки од абортирани фетуси:

Ниту една ковид-19 вакцина нема користено клетки од фетуси од претходни абортуси. Разбираме дека оваа тема е многу чувствителна во верските заедници. Сакаме сите да донесат информирана одлука. Ги охрабруваме сите што се загрижени дека се користени клетки од фетуси во вакциналниот развој да ги измерат ризиците и бенефитите на вакцините со својот лекар.

Клонирани фетални клетки (НЕ ФЕТАЛНО ТКИВО) некогаш се користат при развојот или продукцијата на вакцините. Фајзеровата вакцина не е направена користејќи човечки клетки, но тие се користеле при тестирањето на вакцината. Овие клетки не се од неодамнешни абортуси, туку од клеточни линии изведени од фетални клетки од фетуси од пред 4 или 5 децении. Феталните клеточни линии се клетки кои се одгледуваат во лабораторија. Индивидуалните клетки од 1970-ите или 80-ите години оттогаш се имаат размножено во многу нови клетки, креирајќи фетални клеточни линии. Овие фетални клеточни линии се оддалечени од оригиналните фетални клетки со илјадници генерации и тие не содржат никакво ткиво од фетуси.

Но, овие клетки не се дел од составот на вакцината! Крвни продукти, пак, воопшто не се дел од составот, ниту тестирањето на вакцината, ниту од нејзиното производство.

Невистина е изнесеното во постот, дека изумителите на вакцините признале оти составен дел на вакцините е крвта од деца. Не навлегувајќи во религиозните аспекти на постот, ниту пак, во верските чувства, фактичките медицински информации од науката, негираат постоење на крв или крвни продукти во вакцините, ниту од возрасни ниту од деца.

Исто така, како невистинито го оценуваме и тврдењето дека вакцинацијата е задолжителна.

Шахпаска: За период од 15 години, во предучилишните установи се вклучиле 5.000 деца, Роми

Развојот на интелектуална љубопитност, истрајностa, социјалните вештини и емотивната стабилност во текот на детството се подеднакво важни за успехот на децата во доживотното учење, социјалната интеграција, личниот развој и подоцна, при вработувањето. Ова го посочи министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на денешниот завршен настан за постигнатите резултати од проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишно образование“.

Целите на овој проект од значење на ромската популација, беа: отстранување на бариерите за пристап до предучилишни установи на децата Роми на возраст од 3 до 6 години, инклузија и нивна социјализација и зајакнување на свеста кај нивните родители за важноста на раниот детски развој и образованието.

Шахпаска информираше дека во изминатите 15 години од имплементацијата на проектот, во него бесплатно биле вклучени околу 5.000 деца Роми од 20 општини, а за таа цел биле ангажирани 20 негувателки-Ромки, како и 17 медијатори во соработка со градинките, негувателките и проектниот тим.

„Ромските деца не се сместени во сегрегирани групи во градинките, туку во интегрирани, заедно со другите заедници во Северна Македонија. Ова е уште еден доказ дека градиме општество еднакво за сите“, истакна министерката.

Проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишно образование“ во учебната 2020-2021 година беше имплементиран во 20 општини, беа опфатени 120 деца, бројка која ќе беше далеку поголема, ако не беше ковид пандемијата.

„Она што во 2006 година започна како проект, денеска е една успешна јавна политика. Образованието е клучен предуслов за целосна интеграција и инклузија на ромската популација“, истакна директорот на Ромскиот едукативен фонд, Реџепали Чупи.

Соработката со Ромскиот Едукативен Фонд и имплементацијата на овој проект продолжува и оваа учебна година, 2021/2022, со вклучување и физичко присуство на 400 деца Роми.

Порталб.мк: За 11 пати зголемен негативниот природен прираст, и селата влегоа во негативна зона [инфографик]

Освен Скопскиот регион, во сите останати седум плански региони лани е регистриран драматичен негативен тренд на природниот прираст на населението, што значи намалување на бројот на новородените, а пораст на смртните случаи, пишува „Порталб.мк“. Според демографите, ова е последица на здравствената криза која резултираше со речиси 5.500 смртни случаи од ковид-19 и поради која државата беше затворена и внатре и од надвор. Во 2020 година, статистиката покажа пад на наталитетот и пораст на морталитетот на ниво на државата.

Пандемијата го зема својот данок и во демографијата
Во кризната 2020 година статистиката измери драматичен пад на природниот прираст на ниво на државата, од минус 6.724 лица. За разлика од 2019 година, лани и селските општини влегле во зоната со негативен природен прираст.

Според аналитичарите по статистика и демографија, овие податоци покажуваат дека здравствената криза удри и по демографската структура во земјава.

„Имавме пандемија која силно се одрази врз негативниот прираст и овој тренд ги зафати и селските средини, ова значи дека и тие се соочија со проблемот на зголемен морталитет, а намален наталитет. Би посочил два фактора – прво големата смртност поради ковид-19 и второ, ограничувањата во движењата што ги имавме. На луѓето им беше ограничено, па дури и забрането да патуваат, немаше миграции кои исто така се фактор кој влијае врз наталитетот “, вели за „Порталб.мк“ , демографот Дончо Герасимовски, еден од поранешните директори на Државниот завод за статистика.

А, што покажува најновата статистика? Во 2020 година само во Скопскиот регион е регистриран позитивен природен прираст од 36 лица. Најголем негативен прираст од скоро 2.000 лица има во Пелагонискиот регион.

Еден од факторите кои детерминираат вакво негативно движење беше ограничената миграција. Така, лани се регистрирани 2.920 отселени и доселени лица, додека во 2019 таа бројка изнесувала 3.174 лица. Демографите велат дека ваквиот тренд на негативен природен прираст продолжува и годинава, во првиот економски квартал, освен во неколку општини како Арачиново, Желино, Липково.

„Дефинитивно, 2020 е една карактеристична година во која се забележува негативен демографски тренд. Кај нас и годинава, според првичните податоци, околу 70 општини се соочуваат со негативен природен прираст. Ова е проблем не само за Македонија, туку и за регионот. Во Србија на пример негативниот природен прираст во првите четири-пет месеци изнесува 43.000 и очекувам дека оваа бројка значајно да се зголеми до крајот на годинава. Состојбата е влошена и во Бугарија каде морталитетот е во пораст, а наталитетот во опаѓање. Ова се случува подолг период, а пандемијата само ја влоши состојбата“, анализира Герасимовски.

Во пандемската 2020 година, морталитетот е во пораст, а наталитетот во пад. Така лани биле регистрирани 19.031 живородени деца, што е за 4,1 отсто помалку во однос на 2019 година. Во изминатите седум години, или од 2014 наваму, секоја година е регистриран намален број на живородени деца. Во 2014 година имало 23.596 живородени деца.

Најголем број на живородени лани од скопските општини, регистран е во општините Чаир и во Аеродром, а повеќе од 1.000 живородени деца имало само во општина Тетово. Од друга страна, статистиката покажува дека лани бројот на умрените лица е зголемен за 26 отсто во однос на претходната година и изнесува 25.775 починати.

Трендот на иселување, особено на помладата популација, според аналитичарите, останува клучен фактор кој и натаму ќе ја менува демографската карта на земјава, со очекувани последици, намалување на природниот прираст на населението во државата.

Шест нови случаи на ковид-19, нема оздравени, ниту починати лица

Министерството за здравство информира дека, согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 3.028 тестирање, а се регистрирани 6 нови случаи на ковид-19, по два во Скопје, Битола и во Кичево.

Не се регистрирани починати лица, ниту оздравени пациенти.

Според градови, во Скопје има 68.676 случаи на ковид-19, од кои активни се 65, во Куманово се заболени 8.882, од нив се активни 10, а во Прилеп има 8.327 случаи од кои 6 се активни.

Досега во земјата се направени вкупно 887.621 тестирања на ковид-19, вкупната бројка на ковид-19, дијагностицирани се вкупно 155.706 лица, бројката на оздравени пациенти е 150.067, на починати е 5.486, а на активни случаи изнесува 153.