понеделник, 12 октомври, 2026
Meta.mk

МТСП: Пензиите за јули ќе бидат зголемени за 1,2 отсто

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) информира дека, пензионерите со јулската пензија ќе добијат зголемување по основ на усогласување на пензијата со порастот на трошоците за живот, кое во првото полугодие од 2021 година (јануари-јуни 2021 година), во однос на второто полугодие од 2020 година (јули-декември) изнесува 1,2 отсто.

„Зголемувањето на пензијата во номинална вредност изнесува 188 денари на ниво на просечна пензија и 125 денари на ниво на најниска пензија. Редовното законско усогласување на пензијата се врши два пати во годината, од 1 јануари и 1 јули секоја година, според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот, што обезбедува одржување на економската вредност и куповната моќ на пензијата“, соопштија од МТСП.

Додаваат дека, од 2019 година, покрај редовното усогласување, се предвидува и дополнително усогласување во случај доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4 отсто. Покрај овие два начина на усогласување, од 2020 година врз основа на одлука од Владата, може да се изврши уште едно дополнително усогласување ако има пораст на минималната плата во тековната година за повеќе од 15 отсто и пораст на просечна плата во претходната година за повеќе од 5 отсто.

Националниот младински совет со повици за практиканти во Млади Хаб и промотори на Career Hub

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) објави три повици што се од интерес на младите лица во земјава со чија помош тие треба да стекнат вештини за водење на бизнис, според потребите на пазарот на труд преку практикантска работа во компаниите, но и за компаниите кои сакаат да бидат дел од практикантска програма со која ќе им се помогне на младите да стекнат работно искуство и работни вештини според потребите на пазарот.

Проектот „МладиХаб-градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите“ е финансиран од Британската амбасада, со поддршка на претседателот на РСМ. Целта на јавните повици е да се  е да придонесе кон професионален развој и економска независност на младите преку одржлив систем за градење вештини и компетенции прилагодени на потребите на пазарот на труд.

Во рамки на повикот за практиканти, се обезбедува финансиски надоместок за 100 млади лица кои сакаат да поминат низ двомесечна практикантска програма. За таа цел, НМСМ ќе ги мапира правните субјекти кај кои пријавените практиканти ќе ја извршуваат праксата, имајќи ги предвид преференците на правните субјекти и интересите на практикантите. Кандидатите треба да се на возраст од 16 до 29 години, да не се во работен однос, да имаат завршено најмалку основно образование, да можат да извршуваат практикантска работа во времетраење од два месеца во назначен правен субјект. Тие ќе имаат назначено ментор,лице во правниот субјект кое ќе ги следи во текот на целата пракса и за тоа ќе добиваат месечен нето надоместок во висина од 12.500 денари. Со тоа ќе имаат можности за учество и за вмрежување на настани од проектот, можност за вработување по завршување на практиканството и за стекнување на нови вештини, знаења и компетенции.

Промотори можат да бидат лица на возраст од 18 до 29 години, кои имаат слободно време и желба да работат динамична работа исполнета со комуникација со различни правни лица–работодавци. Тоа ќе се постигне преку три компоненти: градење практични вештини кај младите, што ќе им помогне да најдат соодветно работно место; креирање можности за нивно поврзување со работодавачите и обезбедување поддршка за вклучување на пазарот на труд како и можности за нивен личен и професионален развој. Во текот на ангажманот секој од промоторите ќе има задача да мапира бизниси според заинтересираните, кои ќе може да се регистрираат на CareerHub, да ја промовира платформата пред потенцијалните работодавачи, да им помогне на потенцијалните работодавачи при регистрација на платформата, да достави месечен извештај за сработеното до НМСМ, а препорачливо е секој од кандидите да регистрира минимум 10 компании месечно.

Секој од промоторите ќе склучи авторски договор со НМСМ, според кој ќе добие компензација во бруто износ од 1.000 денари по успешно регрутирана и регистрирана компанија на CareerHub. Ангажманот може да трае до декември 2021 година, доколку има заинтересираност од страна на ангажираните промотори.

Преку отворениот повик за правни субјекти (граѓански организации и претпријатија) кои сакаат да бидат дел од практикантска програма која ќе им помогне на младите да се стекнат со работно искуство и работни вештини преку кои ќе ја зголемат својата компететивност на пазарот на трудот, НМСМ ќе делува како посредник помеѓу младите заинтересирани за практиканство и правните субјекти.

Про тоа, граѓанските организации и претпријатијата кои ќе се пријават за практикантската работа ќе добијат: поврзување со соодветен практикант во согласност со потребите на правното лице од страна на НМСМ, покривање на нето месечен надомест од 12.500 денари во времетрање од два месеца за практикантот, поддршка во процесот на практиканство, потенцијал за обликување и градење на нов кадар во организацијата преку практикантската програма.

Правните субјекти треба да имаат најмалку еден вработен, да имаат регистрирано профил на mladihub.mk, да имаат својство на правно лице и да назначат одговорно лице кое ќе го менторира практикантот, да назначат одговорно лице кое ќе комуницира со НМСМ за потребите на практикантската програмата, да праќаат месечен извештај за напредокот на практикантот и да го оценат задоволството од учеството во ваквата програма по нејзиниот завршеток. Практикантската работа се очекува да започне најдоцна до октомври 2021 година, а ќе трае два месеца.

Со U-Report алатката на УНИЦЕФ, младите ќе споделуваат мислења и ќе носат одлуки битни за нивната иднина

УНИЦЕФ заедно со младите, носители на одлуки, претставници од меѓународната заедница и експерти, на вчерашниот настан во Градскиот парк-Скопје ја претстави алатката U-Report – платформа за поддршка на младинско учество, што им овозможува да ги споделат своите мислења за прашања што им се важни и да креираат позитивни промени во своите заедници.

Младите од земјава сега имаат можност да станат дел од глобалната заедница U-репортери со регистрирање на чатботот U-Report MK на Вибер. Оваа платформа, како што информираат од УНИЦЕФ, е активна во 85 земји ширум светот, со повеќе од 15.000.000 U-репортери, кои преку алатката можат да учествуваат во важни процеси на носење одлуки, креирање политики и стратегии кои ги засегаат младите и нивната иднина.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, заменик претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов, заменик претставникот на Делегацијата на ЕУ, Џулијан Васало и други експерти, им се придружија на младите во дискусиите.

„Фокусирани сме на крупни промени во образованието, како најдобар механизам преку кој се влијае на начинот на размислување и однесување на младите. Со ова од најрана возраст ќе учат да се борат за своите права и ставови“, рече Царовска.

Темите за дискусиите беа избрани според мислењата што младите ги споделија како дел од иницијативата „Преосмисли ја иднината“, што ја спроведуваат УНИЦЕФ и Канцеларијата на претседателот Пендаровски.

Преку онлајн прашалник и серија тематски работилници, младите ги идентификуваа образованието, животната средина и менталното здравје како теми кои им се најважни и за кои сакаат да видат промени во земјата.

„Младите имаат глас, а платформи како U-Report служат да дадат фокус на нивните мислења и да им помогнат да продолжат да бидат гласни за прашања кои ги засегаат. Оваа алатка ќе има влијание само доколку младите се регистрирааат и ја користат за да ги искажат своите мислења, а носителите на одлуки да слушаат“, рече Ајвазов.

Податоците од U-Report им помагаат на носителите на одлуки во креирањето стратегии, политики и услуги базирани на реални потреби, како и следење на напредокот во остварување на стратешките развојни цели и остварувањето на детските права.

Регистрирани се нови 18 случаи на ковид-19, нема починати пациенти

Нови 18 случаи на ковид-19 се регистрирани во земјава во последните 24 часа, од направени 3.470 тестирања, објави Министерството за здравство. Според податоците од Институтот за јавно здравје, новите случаи се во: Тетово – 8, Скопје – 4, Гостивар и Охрид по 2, Радовиш и Дебар по 1.

Евидентирани се 5 оздравени пациенти, од Тетово 3 и од Скопје 2.

Нема регистрирани починати пациенти.

Според епидемиолошки анализи во моментов, дистрибуцијата по градови со најмногу заболени покажува дека Скопје има 86, Тетово 78, Гостивар и Кичево по 13 активни случаи на ковид-19.

Досега во земјата се направени вкупно 923.515 тестирања на ковид-19, вкупната бројка на дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155.882, на оздравени пациенти е 150.159, на починати е 5.487, а бројот на активни случаи изнесува 236.

Во ТИРЗ склучени договори за инвестиции во вредност од 105 милиони евра

Во првите шест месеци од годинава во технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) склучени се договори со вкупен обем на инвестиции од 105 милиони евра, покажува анализата за полугодишното работење на Дирекцијата за ТИРЗ.

„Во процедура на формално одобрување влегоа два нови договора, за компанијата Дура, која ја проширува инвестицијата во трета фаза, и Витек, која инвестира во втората фаза. Вкупниот обем на овие две инвестиции е 40 милиони евра, така што заклучно со нив, во првите шест месеци имаме склучени договори во вкупен износ 105 милиони евра. Овие компании во наредниот период треба да донесат 1.850 нови работни места и над 2 милијарди приходи и да уплатат над 70 милиони евра за придонеси и данок на добивка. Во моментов преговараме со 30 компании за вкупен обем на инвестиции над 400 милиони евра“ , рече директорт на ДТИРЗ, Јован Деспотовски, додавајќи дека со ваквиот тренд се очекува една милијарда евра странски инвестиции и отворање на дополнителни 14.000 работни места во следните 3 години.

Во зоните е регистриран и рекорд во однос извозот и на увозот. Вкупниот обем на извозот во првите шест месеци достигна една милијарда и 539 милиони евра, што е за 68 отсто повеќе од 2020 година. Вкупното ниво на увоз исто така достигна 1 милијарда и 535 милиони евра, што споредено со истиот период лани, е за 90 отсто повеќе.

Регистрирано е и значително покачување во однос на просечниот бројот на вработени, односно за речиси 50 отсто зголемување во последните 5 години. Во моментов во зоните има вкупно 14.230 вработени.

Деспотовски најави дека во следниот период ќе се реализираат повеќе иницијативи, меѓу кои воведување на програми за домашни компании, заедно со ИФЦ, наменети за технолошко унапредување и можност за вмрежување на домашните компании во синџирот на набавки, потоа програма за поттикнување на раст на продуктивност, наменета за развој на вештини и поттикнување на продуктивноста на работниците и компаниите и друго.

„Зелен хуман град“ поднесе претставка до Инспекциски совет против ДУП-от кај „Холидеј ин“

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ денеска поднесе претставка против  издаденото одобрение за градба и преименуваниот ДУП кај „Холидеј Ин“. Претставката е испратена до трите надлежни инспекциски служби: Инспекциски совет, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам и Државен инспекторат за локална самоуправа, соопштија од Иницијативата.

На фејсбук профилот, Иницијативата ги повика жителите на Скопје да ја поднесат истата претставка од своите електронски адреси.

Оттаму додаваат дека деталниот урбанистички план кој моментално се применува е спротивен на одредбите од Генералниот урбанистички план на Скопје (2012-2022).

За жителите од Ново Маало велат дека мора да се најде решение и дека тие не смеат да бидат манипулирани, дека монструозните градби ќе им донесат квалитетен живот и дека им се единственото решение.

МЗ: Вакцинацијата на младите од 12 до 15 години започнува в понеделник, преку „Мој термин“ досега пријавени 1.623

Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата и на младите од 12 до 18 години, која започнува од понеделник.

Според податоците од националниот систем „Мој Термин“ до вчера напладне вкупно 1.623 деца и млади покажале интерес за вакцинирање против ковид-19. Најголем број пријавени има во Скопје, и тоа во поликлиниките Букурешт, Јане Сандански, Чаир и Бит Пазар. Според Министерството за здравство, децата и младите од 12 до 16 години ќе се вакцинираат со Фајзер, вакцина која во моментов е единствена дозволена да се користи, согласно препораките од внатрешното упатство за оваа категорија деца за оваа возраст.

Инаку, на вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 446.008 граѓани, соопшти Министерството за здравство. Вкупно се аплицирани 713.114 дози вакцини, а ревакцинирани се 267.106 граѓани.

Изгласани законските измени за намалување на ДДВ за струја, од 18 на 5 отсто

По речиси две неделна неизвесност, парламентарното мозинство вчера попладне ги усвои измените во Законот за додадена вредност. Со нив, ДДВ за струјата, од 18, се намалува на 5 отсто, со што сметките на граѓаните нема да бидат зголемени, и покрај покачувањето на цената на струјата од 1 јули, за 12,3 отсто. Намалената стапка ќе важи од денот на влегување во сила на законските измени до 30 јуни 2022 година.

Од СДСМ соопштија дека и покрај обидите за блокада од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, парламентарното мнозинство предводено од СДСМ уште еднаш покажа посветеност во заштита и унапредување на животниот стандард на сите граѓани. 

„Намалувањето на данокот на додадена вредност е со цел, со пониски цени да им се помогне на домаќинствата за намалување на нивните трошоци“, се вели во партиското соопштение. 

Од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на РСМ (РКЕ), ја поздравија искажаната политичка волја, со која се прифати и имплементира решението на РКЕ за намалување на ДДВ на електрична енергија за домаќинствата. Регулаторите посочуваат дека очекуваат да се прошири опфатот со решенија за пониски сметки за струја и на ранливите групи граѓани, што РЈЕ го покрена уште минатата година.

„РКЕ ќе продолжи да креира иницијативи кои треба низ соодветен институционален пат да донесат решенија за заштита на животниот стандард, кога се во прашање потрошувачите, што практично се покажа и со носењето на законските измени, кои потекнаа од нашата иницијатива што ја покренавме пред една година. Апелирам сега фокусот да се насочи кон проширување на опфатот на ранливи категории – кои треба да бидат сет на прецизно идентификувани категории на домаќинства на кои им е потребна парична помош со која ќе се намалат сметките за електрична енергија: како што се пензионерите со најниски пензии“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

АХВ ќе испитува примероци од угинати животни на државните патишта, целта е заштита на здравјето и безбедност во сообраќајот

Мостри од труповите на угинати животни, куче, мачка, зајак, лисица, волк, куна, ласица, шакал, дивокоза, срна и дива свиња, кои ќе бидат најдени на државните патишта низ целата територија на земјава од страна на вработените на ЈП „Македонија пат“, додека ги извршуваат работните задачи, ќе ги земат ветеринари од Агенцијата за храна и ветеринарство, за да утврдат дали, и од што е животното заболено.

Ова денеска го договорија Николче Бабовски, директорот на Агенција за храна и ветеринарство, и Бекин Мемеди, првиот човек на ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта „Македонија пат“, кои потпишаа меморандум за соработка меѓу овие две институции. Со документот, како што нагласи Бабовски, ќе се зголеми нивото на заштита на здравјето на животните и на луѓето, но и безбедноста во сообраќајот на државните патишта.

„Мостри од угинатите животни кои ќе бидат најдени, ќе бидат земени од страна на надлежниот официјален ветеринар на АХВ, кој ќе ја води постапката при пријава на најдено угинато животно, за што од АХВ ќе биде обезбедена и опрема за земање на мостри. Официјалниот ветеринар е задолжен да изврши надзор и контролата на активностите. Мострите ќе се земаат за контрола и мониторинг на болести кај животните, согласно законските одредби за инспекциски надзор, ветеринарно здравство и Годишната наредба за здравствена заштита на животните“, соопштија од АХВ.

Додаваат дека, за реализирање на овие активности, со вработените од ЈП „Македонија пат” ќе бидат склучени посебни договори, со секој вработен, а ќе бидат дефинирани  и финансиски средства за спроведување на предвидените активности, согласно Меморандумот.

Аудио читач „Кико“, бесплатна дигитална алатка за слепите и за лицата со пречки во видот

Дигиталната апликација – Аудио читач „Кико“, што ја подготви Министерството за труд и социјална политика (МТСП) со УНДП, а со која ќе се олесни комуникацијата и функционирањето на слепите лица, ќе биде бесплатна и ќе може да се користи без интернет поддршка. Таа е достапна за мобилни телефони Андроиди, како и во десктоп верзија за персонални компјутери. Инсталирањето на „Кико“ е едноставно. Преку Google Play Store потребно е да се пребара RHVoice апликација, откако ќе се инсталира апликацијата RHVoice, треба е да се одбере „македонски“ на листата со јазици, па да се кликне „инсталирај“ веднаш до називот „Кико“.

„Слепите лица и лицата со оштетен вид со децении имаа потешкотии при извршување на секојдневните обврски, при учење и читање, затоа што не постоеше аудио читач на македонски јазик, кој соодветно ќе одговори на нивните потреби. Тие беа принудени да користат аудио читачи од соседни земји, на друг јазик, со роботски глас, што им создаваше проблеми“, соопштија од МТСП.

Од тие причини,. МТСП, УНДП и Националниот сојуз на слепи лица на Македонија, ја изготвија оваа дигитална алатка според најсовремени стандарди и со поддршка на експерти за изработка на говорни синтези. Во завршна фаза е и „Хана“-албанската верзија на „Кико“, со што и слепите лице со мајчин јазик албански во земјава и во регионот, ќе добијат соодветен аудио читач.

Мотото на лицата со попреченост „Ништо за нас – без нас“, е основата на која се темелат сите политики на МТСП, кои се креираат заедно со лицата со попреченост, посочуваат од ова министерство.

Филипче: Од наесен на масовни настани најверојатно ќе може да се присуствува само со сертификат за вакцинација

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека во државава се присутни два, три соја на ковид вирусот, но нагласи дека превенцијата и вакцинацијата се важни за сите соеви. Тој најави дека најверојатно од наесен на масовни настани на отворено и затворено ќе можат да присуствуваат само оние граѓани кои имаат сертификат за примена вакцина против ковид.

„Принципите на превенцијата се истите, без разлика за кој сој на вирус ќе дојде-маска, дистанца, дезинфекција на раце. Граѓаните мора да го имаат тоа на ум, станува збор за нивно здравје, и кога е во прашање вакцинацијата, но и кога се во прашање превентивните мерки“, рече Филипче, по состанокот со Македонско – Турската стопанска комора во Македонија-Матто, додавајќи дека треба секој да води сметка за сопственото здравје додека трае пандемијата, која никој не знае кога ќе заврши.

„Присутни се два, три соја на вирусот и тоа што е битно дека принципите се исти – вакцинацијата и превенцијата која важи за сите соеви. Вкупниот број на вакцинирани  во државата, меѓу 70, 80 и 85 проценти, би било нешто што значи колективен имунитет“, појасни Филипче.

Во врска со вакцинацијата на децата, министерот рече дека ќе се види на крајот на неделата каков ќе биде интересот.

„Таа вакцина не е задолжителна, меѓутоа некои земји дефинитивно тоа го препорачуваат. Опцијата е отворена. Вакцината на Фајзер е препорачана за деца од 12 до 16 години, што значи дека е сигурна, мислам дека е тоа уште еден добар момент“, додаде Филипче, најавувајќи дека од есен најверојатно на масовни настани, на настани на отворено и на затворено, би се присуствувало само со сертификат за вакцинација против ковид-19.

Околу тоа дали ќе се воведат построги мерки бидејќи се намалува интересот за вакцинација, се појавуваат нови кластери на заболени и не сите здравствени работници се вакцинирани, Филипче рече дека според нивните анализи здравстениот персонал е вакциниран со прилично висок процент, некаде 85 проценти, а се чекаат и анализите со опфатот на вакцинација на вработените во училиштата и градинките.

Капацитетите за вакцинација, според него, се така димензионирани да може да се вакцинираат меѓу десет и петнаесет илјади граѓани дневно, а поради намалениот интерес за вакцинација преку системот за закажување, се отворија пунктовите без закажување.

„Наша проценка е дека до крајот на јули околу 500.000 илјади граѓани ќе бидат вакцинирани со една доза, а приближно толку ќе бидат ревакцинирани“, рече Филипче.

Водостоите на вештачките езера се на минимална граница, а најкритичниот период допрва претстои

Топлотните бранови кои се последица на климатските промени како и ненадејните покачувања и падови на температурите, предизвикуваат промени во количествата на врнежи, интензитетот и распространетоста. Сушните денови се главната причина заради која е потребно одржување на едно нормално ниво на водостоите на природните езера и реки во државава. Во последниве десетина дена, нивото на водостоите на реките и на езерата трпи мали осцилации на дневно ниво, некаде има тенденција на намалување, некаде на зголемување на водостојот, но генерално сѐ уште состојбата не е критична на ниво на цела држава, велат за Мета.мк од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Состојбата со вештачките езера, пак, покажува водостој на минимална граница, според мерењата на АД ЕСМ. Водата од овие акумулации во голем дел се користи за производство на електрична енергија. Од АД Електрани на Северна Македонија, кои раководат со најголемиот број на хидроцентрали, сметаат дека моменталната состојба со котите засега не е критична и тврдат дека не се црпи повеќе вода од вештачките езера заради производство на струја за извоз.

Од УХМР, пак, за Мета.мк објаснуваат дека најкритичниот период за водостоите допрва доаѓа. Бидејќи, водите во езерата и во реките во најголем дел се полнат од топењето на снегот, процес што трае до јуни, а помалку се полнат од врнежите дожд.

„Јули, август и септември се најкритичните месеци за водостоите, поретко е и октомври. Затоа што во овие месеци се најдолги сушните периоди, има најмалку врнежи, тие се нестабилни и кратки и не се на цела тертиторија, туку се локални. Значи, допрва може да се очекуваат сушни денови и ниски водостои. Но, засега состојбата е стабилна“, вели Атанас Угрински, советник за хидрологија во УХМР.

Тој додава дека врз нивото на водостоите на природните езера и реки влијаат и вештачките акумулации, односно испуштањето на водата од нив за производство на електрична енергија, во случај кога има недостиг на вода од природните езера и реки.

Мерења на УХМР од 13 јули за нивото на водостоите во земјава покажуваат дека во најлоша состојба е водостојот Македонски брод-Треска, минус 4 сантиметри, додека просекот за јули изнесува 9 сантиметри. По него е водостојот на Ботун-Сатеска, каде се измерени минус 16 сантиметри, а просекот за јули изнесува 7 сантиметри. Табелата на УХМР покажува дека во најдобра состојба е водостој на Демир Капија- Вардар, 92 сантиметри, при просек за јули од 93 сантиметри, и Сушево-Струмица, 80 сантиметри, чиј просек за јули е 60 сантиметри.

На природните езера, според мерењата на УХМР, над просекот е водостојот на Дојранското, со 146,98 мнм (метри над морето), а просекот за јули е 144,34 мнм, потоа Охридското, со 693,48 мнм, од просечните за јули 693,58 мнм, а водостојот на Преспанското е понизок, односно изнесува 842,49 мнм., додека неговиот просек за јули е 844,19 мнм.

Нивото на вештачките езера во земјава е речиси на границата со минималното, покажуваат мерењата на АД ЕСМ. Дали се празнат овие акумулации, за да се произведе повеќе електрична енергија за извоз?

На ова прашање од АД ЕСМ за Мета.мк одговорија дека АД ЕСМ од 2020 година произведува електрична енергија исклучиво за потребите на Универзалниот снабдувач и за обезбедување на системските услуги кон АД МЕПСО, што е законска обврска, и не продава електрична енергија на слободниот пазар.

„Производството на електрична енергија е стабилно и се одвива според годишниот план за производство за 2021, со неопходна оптимизација, зависно од дневни или периодични флуктуации во системот“, ни одговорија од државната ЕСМ.

Според мерењата на АД ЕСМ на котите на вештачките акумулации и на Охридското Езеро, податоците од 12 јули, покажуваат гранични вредности на измерените метри надморска височина (мнв).

Во Маврово е измерена мнв. од 1217.19 а, мининалната кота е 1207.00); во Шпиље 575,88 мнв. (минимална кота е 560,00); во Глобочица 686.35 мнв. (минимална кота е 682.50); во Охрид 693.49 мнв. (минимална кота е 693.10); во Тиквеш 248.24 мнв. (минимална кота е 233.00); во Козјак се измерени 444.38 мнв. (минимална кота е 435.08); и во Св. Петка 356.19 мнв, при минимална утврдена кота од 355.00 мнв.

Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за Мета.мк велат дека ја следат хидролошката состојба во државава, од аспект на производство на електрична енергија, а со цел оддржување на енергетската стабилност во системот.

„РКЕ на редовните, месечни состаноци со енергетските компании, по прикажаните анализи, ја детектира состојбата. Доколку се ниски нивоата на видостоите, препорачуваме АД ЕСМ да го стопира користењето на вештачките акумулации за производство на електрична енергија, сѐ со цел водниот потенцијал да се чува како резерва кога системот бара балансирање”, ни одговорија од Регулаторна.

Водните екосистеми страдаат од дисбалансот на водостоите на реките и на езерата

Во секоја водна средина, секој жив свет има свое место и значење, па секоја флуктуација на водните системи, има влијание врз него и еколошки импликации. Затоа мора да се почитува регулативата за нивоата на водите, за да се одржи биолошкиот минимум на организмите. Ова за Мета.мк го посочува професорката на Институтот за билогија, Милица Ристовска, која е вклучена во кампањата „Разбистри се“ на Институтот за комуникациски студии (ИКС), што се фокусира на два специфични проблема: управувањето со водните ресурси и инспекцискиот надзор против прекумерното искористување на природните ресурси (минерални суровини, шуми, почва и вода).

Таа вели дека прекумерното испуштање, но и наглото полнење на водните системи го нарушува балансот на живиот свет во нив, посебно на посензитивните видови, како што е пастрмката, на пример.

„Токму  пастрмката, која живее во поладните води и со повеќе кислород, е загрозен вид во реките каде се градат хидроцентрали“, посочува таа. Додава дека, одговорноста за промените во водостоите на реките и на езерата е и кај луѓето, но и кај институциите.

„Струја мора да се произведува со користење на водите, затоа што е таа битна од социјално економски аспект. Но, тоа не треба да значи дека при изградбата на хидроцентралите и користењето на водите, да се уништува живиот свет и да се загрозуваат еко системите, без да се сноси одговорност. Имаме добри закони и државата е потписничка на многу документи за секаков вид на заштита на природните ресурси од човечки фактор, но во практика тоа многу малку се почитува“, вели Ристовска.

Промовиран двојазичниот прирачник „Живот со аутизам-Предизвици и стратегии за поддршка“

Двојазичниот прирачник за семејствата на деца со аутистичен спектар на нарушување: „Живот со аутизам – Предизвици и стратегии за поддршка“, денеска беше промовиран во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Целта е со прирачникот да се подигне јавната свест за да се влијае врз промената на ставовите на луѓето кон лицата кои се различни, како и создавање на еднакви можности за сите преку помош на стручните лица за доедукација за развивање на современи третмани, помош на родителите за прилагодување на условите во домот, на училиштата за подобрување на условите и квалитетот на едукацијата на овие лица и создавање на услови за нивна квалитетна инклузија во општеството.

„Покрај тоа што е информативен, прирачникот е и многу едукативен бидејќи содржи стратегии што можат да ја подобрат комуникацијата и интеракцијата со лицата со аутистичен спектар на нарушување“, рече сопругата на Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска. Според неа, наша должност, како општество, е да не забораваме на ниту еден член на нашата заедница.

„Различностите не треба да бидат пречка, туку можност да се истражи потенцијалот што секој поединец го носи во себе и на таков начин да направиме простор да ги искаже секој од нас своите посебности и вештини “, истакна таа, додавајќи дека ја препорачува оваа публикација, не само на членовите на семејствата кои живеат со аутизам, туку и на целата македонска јавност.

На промоцијата се обратија и министерот за здравство, Венко Филипче, шефицата на канцеларијата на УНФПА, Афродита Шаља – Плавјанска, како и рецензентите и авторите на прирачникот.

Организатори на промоцијата на прирачникот се ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје и ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје со поддршка на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска.

Прирачникот е резултат на долгогодишна работа на авторите доц. д-р Стојан Бајрактаров, доц. д-р Насер Дурмиши, д-р сци Силвана Филипова и Билјана Крстевска-Кокорманова, а рецензенти се доц. д-р Ана Попоска, м-р Василка Галевска – Јовчевски и м-р Дита Торте – Чиче.

По пауза од една година, манифестацијата „Галичка свадба“ ќе се одржи на 17 јули во Галичник

По пауза од една година поради ковид пандемијата, претстојниов викенд продолжува традицијата на одржување на прочуената културно-сценска манифестација „Галичка свадба“. На годинешното 47. издание, судбоносното „да“ во Галичник ќе го кажат Катерина Илиевска и Филип Бундовски, кој е по потекло од Галичник.

„Ние сме многу среќни што се создадоа услови оваа година да продолжиме со оваа вековна традиција на Мијаците, која секако зазема посебно место во богатото македонското културно наследство. Подготвени сме да ги пречекаме и да им посакаме добредојде на сите посетители од земјава и од странство кои ќе дојдат во Галичник да ги видат и одново да им се воодушевуваат на уникатните свадбарски обичаи и адети, проследени со богатиот колорит на народни носии и изворните песни и ора карактеристични за овие македонски краеви“, изјави Александар Костиќ од организацискиот тим на Месната заедница Галичник, на денешната прес конференција.

Тој упати апел до сите што ќе дојдат во Галичник да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од ковид-19.

Покровител на годинешната Галичка свадба е претседателот Стево Пендаровски, а еден од традиционалните поддржувачи е Министерството за култура.

Според министерката за култура Ирена Стефоска, Галичка свадба е чувар на традицијата и наше скапоцено нематеријално културно наследство.

Традиционално, официјалниот почеток на Галичка свадба ќе биде означен во сабота,  17 јули, со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе биде во недела, 18-ти јули, во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник.

Свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите. Забавните и музичките содржини прилагодени за сите генерации, започнуваат во петок, 16 јули, со настапот на групите: Тоа е Тоа, Љубојна и БендОфф.

ДЗС: Се интензивираат активностите за пописот, на конкурс се бараат реонски попишувачи и инструктори

Државниот завод за статистика (ДЗС) ги интензивира организациските подготовки за претстојниот попис 2021, кој ќе се спроведе од 5 до 30 септември. За таа цел, на 20 јули ќе се објави конкурс за избор на реонски попишувачи и инструктори за пописот на населението, домаќинствата и становите во РСМ, кој ќе трае до 5 август, соопштија од ДЗС.

За на време да бидат обезбедени реонски попишувачи и инструктори и да се остави доволно време за нивна обука, од ДЗС информираат дека со конкурсот ќе се бараат 5.055 реонски попишувачи и 508 реонски инструктори за 50-те пописни реони. Условите на кандидатите се да бидат полнолетни државјани на РСМ, да не се вработени, да имаат завршено најмалку средно образование и да поседуваат компјутерски вештини. Пријавувањето ќе се врши преку веб-апликацијата која ќе биде поставена нa веб-страницата Popis2021.stat.gov.mk, a документите ќе се доставуваат по пошта до ДЗС, а кандидатите ќе можат да ги донесат и лично, на денот на закажаното тестирање во комисиите на пописните реони, информираат од Заводот.

Инаку, првично, пописната акција во државава требаше да се реализира годинава од 1 до 21 април, при што се донесе Законот за попис на почетокот на годината, а од март започна попишувањето на иселениците во странство, дипломатско-конзуларните претставништва, лицата во казнено поправните установи и бездомните лица. Но, процесот запре непосредно пред стартот на пописот, поради притисок на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и истиот се одложи за периодот од 5 до 30 септември. Главниот адут на опозицијата беше дека пописот не треба да се спроведува во време на големи бројки на заразени и починати лица од ковид. Изменетиот датум беше договорен на средбата меѓу премиерот Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, по што веднаш во Собранието беа донесени и измените во Законот за попис.

Инаку, заклучно со денешниот ден, пописот непречено се одвива во странство и досега се самопопишани 190.260 лица во странство, информираат од Државниот завод за статистика.

Објавен конкурсот за прием на студенти во државните домови за студиската 2021/2022

Министерството за образование и наука (МОН) ги известува студентите запишани на јавните и на приватните високо-образовни институции во државата, дека е објавен Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и во други објекти за сместување во државава, за студиската 2021/2022 година.

„За академската 2021/2022 година за студентите се обезбедени 5.235 легла во државните студентски домови и во други сместувачки објекти, од кои 1.249 легла се за студенти од прва година, а 3.986 легла се предвидени за студенти од втора, трета, четврта, петта и шеста година, како и апсолвенти“, соопштија од МОН.

Право на прием имаат редовни студенти, државјани на РСМ, и кои се школуваат надвор од местото на живеење и се запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.

Студентите кои ги исполнуваат условите, треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, а ако немаат можност електронски да аплицираат, треба да пополнат хартиена пријава (евидентен лист) и да ја достават потребната документација во студентскиот дом, информираат од МОН.

Рокот за пријавување на студентите од втора и од повисоките години, почнува од 26 јули 2021 година и ќе трае до 20 август 2021 година. Рокот за пријавување на студентите од прва година започнува од 6 септември 2021, и трае до 24 септември 2021 година.

„Доколку по објавувањето на конечните списоци за примени студенти по домови, остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавување ќе продолжи, сѐ до пополнување на истите, но најдоцна до 15 ноември 2021 година“, соопштија од МОН.

Оттаму додаваат дека, конкурсот, како и сите потребни документи за аплицирање за сместување во студентските домови е објавен на интернет страницата на МОН: https://mon.gov.mk/content/?id=4121.

Намалувањето на данокот за струја на 5 отсто заглави во Собранието, сметките за јули ќе се плаќаат по старо

Сѐ додека Собранието не ги донесе законските измени за намалување на ДДВ-то за електричната енергија, од 18 на 5 отсто, домаќинствата ќе ги плаќаат сметките со постојната ставка на ДДВ од 18 отсто, која е сега на сила, потврди денеска на прес конференција во Владата, министерот за финансии Фатмир Бесими, како одговор на новинарско прашање.

Тој рече дека се надева дека до крајот на месецов пратениците ќе ги изгласаат законските измени, но и во тоа сценарио, сигурно е дека јулските сметки ќе бидат повисоки за дел од граѓаните, зависно од тоа во кој период ЕВН ги чита броилата.

Регулаторната комисија за енергетика на крајот на јуни пресмета дека зголемувањето на цената на струјата треба да изнесува 12,3 проценти, според барањата на енергетските компании. Но, Владата веднаш ги предложи измените во Законот за ДДВ, според кои, со намалувањето на ДДВ од 18 на 5 отсто, нема да има измени во висината на сметките за струја.

Но, овие законски измени сѐ уште во Собранието и не се ставени на дневен ред на седниците закажани за 15 и за 22 јули.

„Ова е едно од прашањата кое има директно влијание кај граѓаните и сметаме дека процедурата треба да се заокружи колку што е можно побрзо за сметките да доаѓаат со намалено ДДВ на 5 проценти“, порача Бесими и ги повика пратениците што е можно побрзо да го донесат законското решение, затоа што е тоа во директен интерес на граѓаните.

Со нови законски измени, уште 1.100 стечајци ќе добиваат месечен надомест од 9.242 денари

Според новиот Предлог-Закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, кој беше денеска усвоен на Влада, се зголемува опфатот на дополнителни 1.100 стечајци. Тие ќе добијат можност за месечен надомест од 9.242 денари, односно 34 проценти од просечната месечна нето плата исплатена во претходната година. Со последната измена речиси 13.000 лица ќе добиваат материјален надомест до вработување или до пензионирање.

Ова го посочија на заедничка прес конференција, премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Заев потсети дека Владата досега, со неколку законски решенија, обезбеди финансиски надомест за невработените чиј работен однос престанал поради стечај, ликвидација и технолошки вишок, односно за 11.420 стечајци.

Шахпаска рече дека со Предлог-Законот, на денот на поднесување на барањето, невработеното лице треба да е на возраст од најмалку 52 години (жена), односно 55 години (маж); да остварило право на паричен надомест по 1 јануари 1993 година, и од 31 декември 2020 година, до денот на влегување во сила на овој Закон, да не било во работен однос. Паричниот надомест од 9.242 денари ќе се остварува сѐ до  вработување или пензионирање.

МОН: Формирани 97 паралелки за дуално образование во 46 средни училишта

Во соработка со општините и компаниите, досега на ниво на државава се оформија 97 паралелки во 46 средни училишта, кои заедно со над 200 компании од есенва ќе спроведуваат концепт на дуално образование, а компаниите беа наведени во конкурсот за запишување во средните училишта. Министерството за образование и наука (МОН) реализираше целосно нова политика на стипендирање за новата учебна година. Предвидени се 2.000 стипендии во вредност од 3.500 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината за сите кои ќе се запишат во дуална паралелка, што е дополнителен мотив за средношколците.

Ова го посочи министерката за образование и наука, Мила Царовска, на денешната работилница за дуалното образование, во рамки на проектот што го спроведува МОН заедно со швајцарската амбасада, „Образование за вработување во Северна Македонија“ (Е4Е@mk).

Царовска истакна дека концептот на дуалното образование е привлечен за младите, затоа што нуди квалитетно образование, а теоретските знаења од училиштето се надоградуваат со знаења и вештини за конкретно работно место, преку практична работа.

„Голем напредок во унапредување на средното стручно образование постигнавме со двете фази од „Учи паметно, работи стручно“. Ја постигнавме целта целосно да ги вклучиме компаниите во процесот на стручно образование на средношколците, затоа што само така, тие не само што ќе ја научат работата, туку ќе го почувствуваат и нејзиниот ритам“, рече таа.

Царовска додаде дека во првата фаза, низ дијалог со локалните самоуправи, училиштата и бизнис заедницата, се утврдиле потребите од отворање на одредени профили и паралелки во секоја од општините. Во втората фаза, во средните стручни училишта се направи промоција на придобивките и можностите кои ги нуди средното стручно образование за младите, за брзо вработување или за продолжување во високото образование.

Инаку, Министерството за образование и наука заедно со Швајцарската амбасада на денешната работилница за дуалното образование ги планираа активностите за следните 5 години за вложување и развој на средното стручно образование во државата.

Вистиномер: Вакцината против ковид-19 не е генетска терапија

Ковид-19 вакцините не се генетска терапија затоа што не се дизајнирани на ниеден начин да ги променат вашите гени, објави Вистиномер во својот нов текст кој го пренесуваме во целост:

Генската терапија вклучува правење на намерни промени во ДНК на пациентот за да се излекува генетска состојба. мРНК од вакцината не влегува во нуклеусот на клетката и воопшто нема интеракција со ДНК, така што не претставува генетска терапија. Центарот за контрола и превенција на болести на САД официјално потврдува дека вакцината против ковид не влегува во интеракција со нашата ДНК на каков било начин. Исто така, во постот не е наведено дека вакцината за децата нема да биде задолжителна. Родителите се тие кои одлучуваат дали ќе ги вакцинираат децата против ковид -19, или не.

Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се тврди дека вакцината против ковид е генетска терапија. Оваа неточна теза е изложена во тврдење дека протоколите за враќање на децата во училишните клупи со следење на наставата со физичко присуство, кои се во фаза на изработка, ќе резултираат фактички со нешто што авторката го нарекува:

мачење со маски, мерење температура, сеење страв и образовно перење мозоци, препознавање лажни вести за во иднина децата самите да посакаат да им биде вбризгана вакцината која е генетска терапија што убива.

Во постот зборот вакцина е во наводници, што укажува дека за авторката тоа име е несоодветно на карактеристиките на производот и дека таа ја наведува јавноста да помисли дека вакцината е генетска терапија.

Протоколите, кои се заштитни и имаат цел да го спречат ширењето на коронавирусот, ги содржат мерките како миење раце, одржување растојание и носење маска, нешто што и досега во светски рамки поткрепени и од Светската здравствена организација, беше пракса.

Дали навистина вакцината е генетска терапија?

Краткиот одговор е не. Ковид-19 вакцините не се генетска терапија затоа што не се дизајнирани на ниеден начин да ги променат вашите гени.

Американската национална библиотека за медицина терминот генетска терапија го дефинира како техника која може да им дозволи на лекарите да третираат состојба со вметнување на ген во клетките на пациентот, наместо да користат медикамент или операција. На пример, докторите со генска терапија можат да вметнат или да заменат мутиран ген кој не функционира на соодветен начин или да стават нов ген во телото којшто ќе направи нешто за да се бори против болест.

Генот се состои од ДНК и служи како базична физичка и функционална наследна единица. мРНК, пак, е различен од ДНК! РНК значи рибонуклеидна киселина. ДНК е дезоксирибонуклеинска киселина и служи како библиотека за инструкции за производство на протеини. Кога клетката сака да продуцира протеин, ја користи ДНК за да продуцира копија од мРНК. ДНК е во јадрото на клетките. Рибозомите не се. Поради тоа, мРНК од ковид вакцината нема да влезе во јадрото на клетката, туку едноставно ќе оди во рибозомите кои ќе го продуцираат спајк протеинот.

Значи, влезот на мРНК во човековите клетки не го менува ДНК на човековата клетка и доколку овие клетки се множат, тогаш мРНК нема да се инкорпорира во генетските информации на новите клетки.

Понатаму, генската терапија вклучува правење на намерни промени во ДНК на пациентот за да се излекува генетска состојба. мРНК од вакцината не влегува во нуклеусот на клетката и воопшто нема интеракција со ДНК, така што не претставува генетска терапија.

Генетските терапии може да имаат долгорочни ефекти зашто перманентно ја менуваат ДНК на клетката. Контранстно на ова, мРНК клетките се секогаш транзиторни и не се наследени од ќерките клетки, што ги прави идеални за користење во вакцините, што, всушност, се прави.

И Центарот за контрола и превенција на болести на САД, официјално потврдува дека вакцината против ковид не влегува во интеракција со нашата ДНК на каков било начин:

мРНК никогаш не влегува во јадрото на клетката каде се чува генетскиот материјал. Клетката го разградува и се ослободува од мРНК веднаш по завршувањето на користењето на инструкциите.

Во постот, исто така, се вели:

Родителите нема да си ги препознаат децата, ќе влегуваат во конфликт, кавги, омраза т. е. сатанизација на училишните деца. Децата веќе не се ваши, туку слуги на ѓаволските грди ликови! Тука не помага никаква терапија освен превентива НЕ ВО УЧИЛИШТЕ!.

Комплетно е невистинито тврдењето дека на каков било начин со протоколите за следење на настава со физичко присуство или со вакцината се зголемува ризикот од домашни конфликти меѓу родителите и децата. Тоа тврдење е небулозно и непоткрепено со факти, односно нема никаква причинско-последична релација меѓу вакцините и одењето на училиште по протокол, со домашните односи.

Постот што го рецензираме го оценуваме како дезинформација и заради тоа што не е наведено дека вакцината за децата нема да биде задолжителна. Родителите се тие кои одлучуваат дали ќе ги вакцинираат децата против ковид, а тоа може да го сторат од 12 јули без претходно закажување и само со вакцината на „Фајзер“ која е единствената одобрена за деца над 12 години засега.