На граничниот премин Табановце денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и неговиот српски колега, министерот за инфраструктура, градежништво и сообраќај, Томислав Момировиќ, поделија повеќе картички за бесплатни патарини за српските туристи кои транзитираат низ Коридорот 10, кон Грција. Овие картички за српските државјани ќе важат до 15 август, а од 15 јуни досега, поделени се повеќе од 40.000 вакви картички, информира Бочварски.
Ова е според одлука на Владата од 25 мај годинава, а во знак на благодарност за помошта на Србија за донација на вакцини и за вакцинација против ковид-19 за македонските граѓани.
Двајцата министри зборувале за реализација на проектот „оне-стоп-шоп“, железничка станица на Табановце, каде на едно место ќе се вршат сите царински и гранични процедури заради побрз проток на стоки и луѓе. Се разговарало и за повторно воведување на брзиот воз на релацијата Белград-Скопје-Солун, како и за изградба на брзи ленти на граничните премини меѓу двете земји заради олеснување на трговијата.