Во рамки на 4-то издание на Beach Film Festival, третиот EuropeanFilmChallenge-MК со европски филмови, ќе се реализира со уникатно филмско доживување на брегот на Охридското Езеро, соопштуваат организаторите.
Од 14 јуни до 23 август, додека трае Европскиот филмски предизвик, учесниците треба да изгледаат 10 европски филмови на легална платформа, а за тоа време следува богата содржина со филмски критики, интервјуа, подкасти и препораки за тоа, кои филмови носат екстра поени до победата.
Во рамките на предизвикот се овозможува прекрасно и уникатно летно доживување за вистинските филмофили на годинешното издание на Beach Film Festival од 21 до 25 јули 2021 година во Охрид.
Во рамки на официјалната селекција се вклучени 14 краткометражни и 5 долгометражни филмови, меѓу кои се Honey Cigar, Moon, 66 Questions, Human Factors, Sexfish и Jedini Izlaz. Фестивалот како и секоја година ќе го затвори специјална проекција на македонски филм, а за ова издание тоа е филмот Homo (2020) на режисерот Игор Иванов Изи. Сите проекции на 4. изадние на Beach Film Festival се бесплатни и се прикажуваат на плажата Горица 3, покрај прекрасното Охридско Езеро, каде сите филмофили и љубители на европските филмови можат да уживаат во гледањето на филмови од европската кинематографија.
Љубителите на европскиот филм можат да се вклучат во предизвикот со регистрација на следниот линк и за секој гледан долгометражен филм на овогодинешното издание на Beach Film Festival да освојат дополнителни 40 поени.
Европскиот филмски предизвик (European Film Challenge) е иновативна дигитална платформа што ја поврзува најголемата заедница на љубители на европскиот филм и ја промовира европската кинематографија.
Во Македонија проектот е на Центарот за социјални иновации Блинк 42 – 21 заедно со европски партнери во 9 држави, преку програмата на МЕДИА-Креативна Европа и Европската филмска индустрија.