Средношколци и студенти ќе бидат дел од жирито на детскиот фестивал „Џифони“ во Италија“

фото: Џифони-Македонија

Петнаесет македонски средношколци и студенти од вчера па во наредните девет денови ќе бидат дел од меѓународното жири на најголемиот филмски фестивал за деца на светот – „Џифони“ кој се одржува во Италија.

Под мотото „Восклик на радоста“, оваа година фестивалот „Џифони“ постепено се враќа во киносалите. Така, на 3.000 учесници во живо ќе им се придружат уште 2.000 учесници поврзани онлајн од Италија и од други земји ширум Европа, соопштуват од тимот „Џифони“-Македонија.

По пет претставници во секоја од трите старосни категории ќе ја следат програмата од просторитте на „Џифони Македонија“, во согласност со протоколите за безбедност. Тие, заедно со своите врсници во кино-салите во „Џифони“ и онлајн, ќе ги гледаат филмовите на програмата, ќе дискутираат за нив со гостите и ќе гласаат за своите фаворити.

Фестивалот е посветен на јубилејот-50 години од првото издание на „Џифони“, кој минатата година не можеше да биде соодветно одбележан поради пандемијата. Овогодинешниот настан се одржува под името „Giffoni50Plus“.