недела, 16 ноември, 2025
Meta.mk

За производи во пластична, метална и стаклена амбалажа во Србија ќе се плаќа кауција

Според некои предлози за измени во Законот за амбалажа и амбалажен отпад, граѓаните на Србија ќе мора да ја чуваат пластичната, стаклената и металната амбалажа за да можат потоа да направат поврат на парите што им се земени како кауција, пишува српскиот портал „Мондо“.

Амбалажата за која ќе се наплатува кауција, ќе биде посебно обележана, а обврска на производителите или увозниците ќе биде да одлучат колку таа ќе чини. Засега не се знае како точно ова ќе функционира, но се претпоставува дека кауцијата ќе биде калкулирана во цената на производот и со враќање на амбалажата купувачот ќе можеда го добие назад само делот платен за кауција.

Филип Абрамовиќ, помошникот министерот за животна средина, рече дека оваа идеја е како одговор на заложбата да се намали фрлањето на отпад и неговото трупање во депониите и тој да се рециклира со што ќе се намали задувањето на животната средина. Србија, доколку се усвои овој предлог, ќе влезе во редот на некои европски земји, како Геранија, Австрија и Швајцарија, кои веќе го практикуваат плаќањето за поврат на амбалажата. Таму се плаќа кауција за пластично шише и лименка по 0,25 евро центи, а за некои стаклени шишиња од 0,08 до 0,15 евро центи.

Засега во Србија не е кажано каде некои од продавниците ќе ја чуваат собраната амбалажа, до моментот на носење за рециклажа, особено помалите продавници кои би можеле да имаат проблем со складирање. Дополнително, некој од вработените би требало да се занимава само со оваа работа која по дефиниција им припаѓа на комуналните фирми.

Хигиенските влошки и тампони станаа бесплатни за сите жени во Шкотска

Хигиенските производи се бесплатни за сите жени, одлучи шкотскиот Парламент доцна синоќа, со што Шкотска станува првата земја во светот со ваква законска одлука.

Според новиот закон, влошките и тампоните ќе бидат бесплатни и достапни во сите трговски центри, клубови за млади и апотеки, при што проценетите годишни трошоци за спроведување на Законот се пресметани на 24,1 милиони фунти.

Инаку, во 2018 година Шкотска стана првата земја во светот која обезбеди бесплатни хигиенски производи на факултетите и на универзитетите.

Новиот закон (The Period Products (Free Provision) Scotland Bill), ја помина првата фаза во Парламентот, со 112 гласови за, ниеден против и еден воздржан. Сега минува во втората фаза, во која членовите на парламентт можат да предложат амандмани.

Во текот на расправата, Моника Ленон, предлагач на Законот, рече дека неговото усвојување ќе биде движечки момент и дека ќе прати вистински сигнал до граѓаните на оваа земја за тоа колку серизно Парламентот ја прифаќа рамноправноста на половите.

Во Македонија храната многу се фрла, а малку се донира

Нашата држава не е исклучок од светската практика на фрлање на храната која пред истекот на рокот може да се донира за граѓаните од разни социјални групи, од бездомници, до вработени кои поради минималните приходи, не можат да си дозволат повеќе од еден скромен оброк дневно. Или, пак, да се преработи и рециклира.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, ФАО, ја рангира Македонија на 8. место во светски рамки според количествата на фрлена храна, во однос на бројот на жители, при што е утврдено дека најмногу се фрла овошје и зеленчук, а најмалку живина и риба. Податоците што јавно се пласираат покажуваат дека во Македонија годишно се фрла храна во огромни количества кои можат да нахранат околу 13.000 граѓани со три оброци дневно.

„Додека од една страна имаме вишок на храна, истовремено над 400.000 граѓани имаат проблем да си обезбедат доволно храна поради недостиг од финансии и кои, во просек, имаат по еден оброк во денот. Од друга страна околу 30 проценти од произведената или увезената храна никогаш не се користи, бидејќи се расипува веднаш по производството, во текот на транспортот или е фрлена од големите синџири при дистрибуцијата“, посочи Наташа Доковска Спировска, од „Новинари за човекови права“, на завршната конференција на проектот „Мобилизација на заедницата во борба против гладот“, кој се реализираше со поддршка на ЕУ, во рамки на ИПА Програмата.

Целта на истражувањето била да се направи проценка на бројот на компаниите кои имаат волја и можности да донираат храна, како и проценка на количините на храна што би се донирала, а што би било во интерес на разни хуманитарни активности и проекти на организации и институции. Резултатите од проектот наведуваат на неколку клучни работи: дека сопствениците на продавници за храна не се свесни за можностите за донирање, дека е низок степенот на познавање на регулативата и дека нема соодветни мерки на мотивација за донаторите на храна.

Анкетата што се спроведе во рамките на овој проект меѓу производители, маркети и угостителски објекти, при што се контактирале 80 потенцијални испитаници, а на прашалникот одговориле 29, покажала дека најголем проблем во државава е недостигот на информации за состојбата околу донирањето на храна. Од една страна има многу семејства кои не можат да си обезбедат доволен број на оброци во денот, а од друга страна производителите, дитрибутерте и угостителските објекти секојдневно фрлаат храна како непотребен вишок, дури и онаа што е безбедна и може да се употреби.

„Голем проблем е да се утврдат точните количества на вишоците храна, бројот на фирмите кои ја фрлаат, нивните непознавања и пречките со кои се соочуваат при донирањето. Така, на прашањето, дали сте размислувале да ја донирате храната на која и истекува рокот, 10 компании одговориле потврдно, 6 дале негативен одговор, две рекле дека размислуваат за такво нешто, а четири дека порано донирале храна. На прашањето, што правите со храната на која и истекува рокот, а не е потрошена, 6 компании одговориле дека ја фрлаат, по три рекле дека ја враќаат кај дистрибутерите и ја продаваат по намалена цена, до истекот на рокот, а 6 испитаници дале разни други одговори. Околу 45 отсто одговориле дека го селектираат отпадот од храна во посебни контејнери и соработуваат со компании за собирање и рециклирање на отпад, а 38 отсто одговориле негативно“, објасни Доковска Спировска.

Таа додаде дека меѓу испитаниците имало и такви кои рекле дека не знаат зошто би ја донирале храната кога од тоа немаат никакви бенефити, како и дека не знаат кому да ја донираат и како тече тој процес, односно се плашат од дополнителни административни процедури.

Според Душко Христов од „Банка за храна“, доколку се донесе и профункционира Законот за донирање на храна, кој чека да влезе во собраниска процедура, Македонија ќе има вишоци на храна на пазарот. Бидејќи, освен даночните поволности за компаниите кои ќе ја донираат, Законот ќе ја утврди и висината на казните за оние компании кои ја фрлаат, а ќе се прецизира и работењето на здруженијата кои се занимаваат со донација на храна.

Ситуацијата со фрлање на храната е присутна во речиси сите земји. Според извештајот на Европскиот парламент за намалување на отпадот и зголемување на безбедноста на храна, до 2030 година државите треба да ја преполоват количината на фрлена храна. Според Евростат, околу 23 проценти од населението во Европската унија е изложено на ризик до сиромаштија или социјална исклученост, а во исто време се фрлаат околу 88 милиони тони храна годишно.

Анализите на ОН покажале дека на глобално ниво непотребно се фрла или губи околу една третина од храната произведена за човечка потрошувачка, додека годишните економски и придружни трошоци на животната средина што се однесуваат на непотребниот отпад од храна изнесуваат 1,7 трилиони долари.

Хигиенските производи за жени во Шкотска ќе станат бесплатни, кај нас и натаму се луксуз

Револуционерна одлука на шкотските власти: хигиенските производи за сите жени наскоро ќе се делат бесплатно. Шкотскиот парламент се очекува денеска да ја донесе оваа  одлука, со што Шкотска ќе стане првата земја во светот која се одлучи на ваков потег.

Според одлуката, производите, како што се тампони и влошки, ќе бидат бесплатни за сите жени во Шкотска и достапни на одредени јавни места, како што се трговските центри, младинските клубови и аптеките.

Се очекува првото читање на овој закон ќе помине денеска во шкотскиот парламент, јави „Ројтерс“. Предлог законот го поднесе пратеничката Моника Ленон, која за прв пат поднесе ваков сличен нацрт предлог во 2017 година.

Спроведувањето на оваа одлука ќе ја чини државата околу 24,1 милион фунти или 28,84 милиони евра.

„Тоа не се никакви луксузни производи. Тие се навистина неопходни и никој во Шкотска не би требало да биде без производи за месечен циклус“, рече Ленон.

Шкотската влада во 2018 година беше првата во светот која обезбеди бесплатни хигиенски производи во училиштата, факултетите и универзитетите.

Како што веќе објави „Мета.мк“, истражувањето на Институтот за јавно здравје и на „Новинари за човекови права“, покажа дека во Македонија цели 90 отсто од ученичките од руралните средини отсуствуваат од училиште четири до пет дена во текот на месецот кога имаат месечен циклус, а 75 отсто од ученичките во урбаните средини изостануваат два до три дена поради истите причини. Како причини за ова се наведени несоодветните услови за управување со менструалната хигиена на училиште или работно место, како и високата цена на средствата.

Организацијата „Новинари за човекови права“,  со поддршка на амбасадата на Велика Британија го реализираат проектот за менструално здравје во земјава и следејќи ги трендовите во Европа, иницира намалување на данокот на средствата за лична хигиена од 18 на 5 отсто.

Инаку интенција на земјите членки на Европската Унија е да се намалат или укинат даноците за тампоните и влошките. Во Шпанија, Франција и Германија се веќе намалени. Санитарните производи се бесплатни во училиштата во Велика Британија. Во скандинавските држави со години наназад средствата за лична хигиена вклучително и оние за одржување на менструалното здравје, се дел од училиштните тоалети.

Вонреден состанок на експерти од Македонија, Албанија и Грција за критичната состојба со Преспанското Езеро

Министерството за животна средина и просторно планирање, МЖСПП, информира дека ја следи состојбата со Преспанското Езеро и презема активности. Од таму велат дека МЖСПП се заложло „да го иницира процесот на воспоставување на Комитетот за управување на Преспа Паркот и е во процес на обезбедување на номинации од страна на земјите членки: Македонија, Албанија и Грција“.

Тие додаваат дека, во меѓувреме, Секторот за управување со водите иницира вонреден состанок на националните експерти од Дримската група, „за да ги разгледаат состојбите и да разменат сознанија и согледувања за начините за итно надминување на актуелните состојби со намалување на нивото на водата во Преспанското Езеро“.

Од МЖСПП најавуваат дека ќе организира тематска координативна средба на национално ниво следната седмица, со претставници од научниот совет за спроведување на планот за управување со сливот на Преспанското Езеро, општината Ресен, Управата за хидро-метеролошки работи, граѓански организации од регионот и сите засегнати страни во имплементацијата на планот, за да разговараат за можностите за спроведувањето на мерките од планот.

Обновливите извори на енергија во фокусот на Самитот за Западен Балкан на ЕБОР

На Самитот за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој, ЕБОР, кој се одржува во Лондон, во фокус на дискусиите е енергетиката од обновливи извори и зелената економија. Како што соопштија од Владата, техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој заедно со министерката за финансии, Нина Ангеловска, и министерот за економија Крешник Бектеши се во еднодневна работна посета на Лондон, остварил средба со Мартина Ларкин, извршната директорка на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија.

На средбата Спасовски истакнал дека СЕФ е место на кое Македонија ги презентира сопствените искуства во областите што се во фокусот на светската економија, како што се енергетиката и енергетските реформи, со доминантна улога на транзицијата кон обновливи извори на енергија, потоа определбата да се следат трендовите на Зелената економија, предноста на незагадувачките и енергетски ефикасните индустрии, како и придобивките од четвртата индустриска револуција, односно дигитализацијата на услугите и на економските процеси.

Во насока на поддршка на проекти од Зелена економија и енергетска ефикасност, денеска во Лондон, договор за менаџирање на кредитните линии за оваа намена за мали и средни претпријатија како и за граѓаните, потпишаа членови на Управниот одбор на ЕБОР и Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор и генерален извршен директор на Шпаркасе Банка Македонија, АД Скопје.

Потенцијалите за заемна поддршка на полето на обновливите извори на енергија беше тема и на средбата меѓу Спасовски и менаџерскиот тим на една од водечките француски компании во ова поле „Акуо енерџи“, соопштија од Владата.

Кина и Индија се сѐ помалку привлечни, инвеститорите трагаат по нови пазари

Кина и Индија ја изгубија својата привлечност кај глобалните инвеститори, па сѐ повеќе можности за инвестирање им се отвораат на други земји од светот. Земјите од Западен Балкан, меѓу кои се Србија и Бугарија, исто така се на таа карта, како држави добри за инвестирање, пишува српскиот портал „Мондо“, цитирајќи го лондонски „Фајненшел тајмс“.

Една од приказните за инвеститорите што доминираше во последните две децении, а таа беше, пазарите во развој, изгуби добар дел од својот стар сјај. Глобализацијата тргна наназад, растот на трговијата никогаш не заздрави од финансиската криза, а во последно време политичарите од развиените земји сѐ повеќе ги зголемуваат царините со цел да ги задржат работните места во своите држави, пренесува „Фајненшел тајмс“.

Движењето во спротивна насока на работната сила во производството, од богатите во посиромашните земји, како и на стоките, значително забави. Кои нови пазари сè уште можат да предизвикаат возбуда кај инвеститорите?

Двете најголеми земји, Кина и Индија, веќе не се толку привлечни како некогаш. Економскиот раст во Кина забавува веќе некое време, а ширењето на корона вирусот ѝ зададе дополнителен удар на економската активност, покрај секторот на недвижнини, кој долго време е во неповолна состојба. Економијата на Индија е во застој. Најавите за реформи насочени кон олеснување на бизнисот продолжуваат и за време на мандатот на премиерот Нарендра Моди.

Всушност, според ММФ, реформските напори стивнаа на сите нови пазари. Бранот на финансиска либерализација, приватизација и отворање кон мултилатерална трговија во 90-тите години, помогна за брз раст на пазарот во првата декада на 21 век, тврди ММФ, додавајќи дека тие земји сега се соочуваат со многу потешки задачи – дерегулација на пазарот на трудот и подобрување на управувањето во целина. Реформите се најбавни во најсиромашните земји.

Сепак, сè уште има многу причини инвеститорите да обрнат внимание на можностите што се појавуваат на пазарите во развој. Како прво, финансиските услови се поволни за инвестиции. Уште откако централната банка на САД се откажа од нормализирање на каматните стапки, се чини дека монетарната политика се најде во зоната на „златокосата“ – ниту премногу лабава за да ги охрабри дестабилизирачките текови на „жешките пари“ ниту премногу цврста за да предизвика проблеми во земјите кои се потпираат на надворешни извори на финансирање во долари. Ниската инфлација ќе им помогне на посиромашни земји.

Инвеститорите подготвени да инвестираат готовина знаат дека дури и развиените пазари не се поштедени од макроекономските шокови. Индустриското производство низ САД и Европа се соочува со проблеми, делумно како резултат на трговските тензии и делумно како резултат на неволјите што ја погодија особено автомобилската индустрија, вклучително и последиците од скандалот со дизел емисиите. Ова доведе до забавување на растот во Европа, САД и развиените земји во Азија, а сите од нив се погодени од забавувањето на економскиот раст во Кина.

Новите европски пазари, вклучувајќи ги Бугарија и Србија, можат да имаат корист од намерите на европските компании да ги приближат своите синџири на снабдување поблиску до дома. Мексико може да им служи и на американските компании за исти цели како фрагмент од глобалната економија, иако на краток рок, има проблеми со државната нафтена компанија. Многу аналитичари го свртуваат вниманието кон Египет, кој ја заврши програмата на ММФ минатата година, како земја што може да ги надмине очекувањата.

ХЕЦ „Чебрен“: Стара идеја, во ново јавно-приватно пакување

Долгогодишна политичка заложба и идеја на сите досегашни влади, но без никаква реализација. Тоа беше, и сѐ уште е, изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ на Црна река – главниот адут во сите партиски програми што добива посебен акцент во секој предизборен период. ХЕЦ „Чебрен“ би требало да ѝ донесе сигурна снабденост со струја на државава и намалување на увозната зависност.

И покрај сите 13 досега распишани и неуспешни тендери за ХЕЦ „Чебрен“ во изминатите 20-тина години, од низа причини, и покрај повеќе изработени студии од странски експерти, идејата, стара повеќе од 30 години, сѐ уште живее.

Која е главната причина за неуспешните тендери ?

„Наједноставно кажано, нема доволно вода за релизација на толку скап проект. Тоа е основната причина за сите досега пропаднати тендери за ХЕЦ „Чебрен“.  Проектот е прегломазен за исполнување, а количество на вода што го има Црна река е премало за таква грандиозна централа каква што е замислена. Тоа е главниот проблем. Залудно се прават постојано студии и се објавуваат тендери. Потврда дека нешто многу фали во тие студии е и фактот дека на секој тендер се пријавуваат по десетина странски компании кои набргу се повлекуваат, кога ќе видат според документацијата дека станува збор за неисплатлив проект. Затоа досега и нема конкретна понуда за ХЕЦ „Чебрен“, велат експерти упатени во оваа проблематика.

Според нив, природниот хидро-потенцијал на Црна река нема капацитет за работа на хидроцентрала која би произведувала 1.000 мегават-часови струја годишно. За тоа треба огромно количество на вода, многу поголемо од она што го има сега оваа река. ХЕЦ „Чебрен“ може да биде само со помал капацитет, колку ХЕЦ „Тиквеш“, на пример.

„Навистина не е јасно, зошто секоја влада наназад упорно го форсира овој проект, кога нема услови за негова реализација. Идејата е нереална и несигурна. Последната студијата не е достапна ниту на факултетите, па не може стручњаците да го кажат своето мислење“, посочуваат експертите.

Пред неколку дена на прес конференција техничкиот премиер Оливер Спасовски и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски најавија дека е објавен нов, меѓународен јавен повик за јавно-приватно партнерство за изградба на ХЕЦ „Чебрен“.

  • Цената на проектот била над 570 милиони евра.
  • Седум компании веќе побарале да ја подигнат пред-тендерската документација.
  • Немало да се изработува посебна студија, дека ги имало многу досега, а последната е од ноември минатата година.
  • Моќноста на хидроелектраната е предвидена на 333 мегавати, а годишното производство на струја, 1.000 гигават-часови.
  • Тендерот ќе трае до 3 април годинава.

Приватниот партнер, како што рече Ковачевски, ќе треба да ги обезбеди парите за изградба на електраната, а ќе добие концесија за вода од 60 години. ЕСМ, како јавен партнер, ќе треба да изгради пристапен пат до хидроелектраната, поврзување со трафостаница и ќе ја понуди ХЕЦ „Тиквеш“, во состав на ХЕЦ „Чебрен“, бидејќи припаѓа на исто сливно подрачје. Ковачевски оптимистички најави дека, по 15 години неуспешни обиди и 13 тендери, ХЕЦ „Чебрен“ ќе биде изградена, „затоа што има политичка волја“.

До почетокот на минатата година тендерите за ХЕЦ „Чебрен“ одеа во комбинација со ХЕЦ „Галиште“, која беше тргната како неисплатлив проект, а остана „Чебрен“, како пореален. Владата лани ја најавуваше оваа инвестицијата во вредност меѓу 600 и 800 милиони евра, реализација преку јавно-приватно партнерство, меѓу ЕСМ и странска компанија. Беше кажано и дека ИФЦ, како дел од групацијата на Светска банка, е вклучена во процесот на тендерирање и анимација на странски инвеститори.

Според претходни студии, изградбата на ХЕЦ „Чебрен“ би траела 7-8 години, а повратот на инвестицијата би бил за период од 25 до 30 години. На првичните тендери за изградба на „Чебрен“ и „Галиште“, пред околу две децении во просек се јавуваа по десетина и повеќе угледни странски компании. Што беше тоа што на компаниите не им се допаѓа во тендерските понуди, никогаш не беше јавно обелоденето од надлежните институции во државата. Неофицијално, инвеститорите никогаш немаа од македонските влади доволна гаранција дека проектот ќе им биде економски исплатлив.

Тутунскиот комбинат во Прилеп е најстара компанија во Македонија и една од постарите во Европа

Прилепскиот Тутунски комбинат е во групата најстари компании кои се основале во Европа и кои сѐ уште функционираат на пазарот. Тој е основан во далечната 1873 година. Ова го покажува извештајот на порталот „Бизнис фајненсинг“, каде на мапата на Европа, за секоја земја се нотирани најстарите компании на континентот, но кои сѐ уште работат и произведуваат.

„Сместен во ѕидовите на опатијата на Свети Петар во Салцбург, „Свети Петар Стифтс Кулинариум“ ресторанот е отворен во 803 година и останува најстариот ресторан во Европа, каде сè уште можете да јадете, пишува британскиот портал. Се зборува дека во него биле послужувани Кристифор Колумбо, Јохан Георг Фауст и Волфганг Амадеус Моцарт. Ако се тргне малку понапред, преку границата кон соседна Германија, ќе се најде „Стафелтер Хоф Винарија“, основана уште во 862 година“, посочува порталот.

Словачката „Кремника Минт“ е исто така меѓу најстарите компании во Европа. Таа зазапочнала со производство и трговија на нане во 1328 година, кога земјата уште била под власта на Кралството Унгарија. Најдолгиот бизнис во Франција е исто така нането – „Мона де Париз“, компанија која е основана во 864 година. Но, таа опстојувајќи низ годините, ја смени функцијата и подоцна стана печатница за франци, а потоа и за евра, додека за времето на нацистичката окупација, печатеше и посебна германска валута.

Најстарата компанија во Србија е Апатинската пиварница, основана во 1756 година, во Босна и Херцеговина е најстара Сараевската пиварница, основата 1864 година, а во Хрватска е најстаро бродоградилиштето во Краљевица кое постои од 1729 година.

Според истражувањето на порталот, најстарата компанија на светот е градежната „Конго куми“ од Јапонија.

Општина Бутел отвори 24 часа дежурен телефон за пријавување на нерегуларности

Општина Бутел од денес отвори дежурен телефонски број, на кој што жителите ќе можат да пријават нерегуларности во делот на комуналните работи, на животна средина и урбанизам, како што се палење смет, токсичен отпад, уништување на јавно зеленило, дефекти на улично осветлување, уништување на детски игралишта и паркови, диви депонии, нелегално градење и друго. Телефонскиот број 075/249-314 ќе биде во функција за жителите на Општина Бутел 24 часа, соопштуваат од општината.

„На дежурниот телефон треба да се пријавуваат сите нерегуларности кои се во надлежност на општината: На овој начин ќе се олесни работата на инспекциските служби, бидејќи со директна пријава кај нив ќе можат навреме да интервенираат. Во исто време, општината станува поуслужна и подостапна за сите граѓани“, изјави Велимир Смилевски, градоначалникот на Општина Бутел.

Од општината информираат дека повиците ќе се примаат нон-стоп, 24 часа, а ќе има дежурни екипи кои информацијата веднаш ќе ја праќаат до инспекторите за да можат тие навремено да излезат на терен.

Просечната плата во декември изнесува 26.836 денари

Просечната нето плата исплатена по вработен во декември 2019 година изнесува 26.836 денари, објави Државниот завод за статистика. Според објавените податоци, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември минатата година, во однос на декември 2018 година, бележи раст од 4,1 отсто, а зголемувањето се должи, пред сѐ, на порастот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: транспорт и складирање за 12,4 отсто, објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 12 отсто и градежништво за 11,9 отсто.

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата лани во декември, во однос на претходниот месец ноември, е забележано во секторите стручни, научни и технички дејности за 9,3 отсто, информации и комуникации за 8,4 отсто и објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 6,8 отсто.

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во декември 2019 година, изнесува 39 932 денари.

Брегу: Западен Балкан вложува помалку од еден отсто од БДП за иновации и истражувања

Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, РСС, Мајлинда Брегу, во авторскиот текст на сајтот на РСС, наведува дека Западен Балкан вложува помалку од еден отсто од БДП за иновации и истражувања како и дека само 30 до 40 отсто од деловните субјекти се занимаваат со иновации, но повеќето од нив се финансираат самостојно, без никаква поддршка од јавниот сектор.

Брегу наведува дека инвестирањето во иновации ќе ги забрза реформите и ќе го поттикне развојот на регионите а истовремено ќе создаде услови и можности за спречување на се поголемиот одлив на квалификувана работна сила. Босна и Херцеговина, Македонија и Србија, пишува Брегу, се меѓу првите десет земји во светот според одливот на квалификувана работна сила во 2018 година. Во последните пет години 5,7 милиони луѓе мигрирале и го напупштиле Западен Балкан, што е една третина од населението.

Брегу во текстот наведува дека иновациите се начин Западен Балкан да ја поттикне економијата и растот со тоа што ќе им помогне на компаниите да произведуваат повеќе, со помалку трошоци, или да имаат подобри  резултати со истите средства.

„Иновациите побрзо се шират на заеднички пазар и носат поголема конкуреност на глобалниот пазар. Тие ја зголемуваат способноста на државата, на одржлив и ефикасен начин да ги решава заедничките проблеми, најчесто со примената на новата технологија“, наведува Брегу и додава дека технологијата од ден на ден ја обликува светската економија и дека иновациите се основа на конкурентноста.

Волонтерите од Црвен крст на 25.064 лица им помогнале полесно да се снајдат во клиниките во Скопје

Волонтерите од Црвен крст за 5 месеци им помогнале на 25.064 лица полесно да се снајдат во универзитетските клиники во Скопје, соопштуваат од Министерството за здравство. Министерството информира дека успешно функционира овој проект кој се одвива во соработка со Црвениот крст, во кој волонтерите им помагаат на пациентите полесно да се снајдат низ клиничкиот комплекс, со цел да стигнат до потребната клиника за снимање, преглед или анализа.

„Во периодот од октомври минатата година, кога стартуваше овој проект, до денес, помош од волонтерите побарале 25.064 лица на седум клиники, каде се поставени пунктовите, што покажува дека оваа мерка е корисна за пациентите“, информираат од Министерството.

Волонтерите се лоцирани на седум најфреквентни локации во комплексот клиники „Мајка Тереза“, во периодот од 8:30 до 12 часот, секој работен ден.

Тие, од искуствата на терен, информираат дека најмногу пациенти побарале помош за упатување на интерните и на хируршките клиники.

Панама и Кајманските острови се новите земји на „црната листа“ на ЕУ

Министрите за финансии на ЕУ вчера додадоа уште четири земји на „црната листа“ на ЕУ на даночни засолништа, надвор од блокот, вклучувајќи ги Панама и територијата на САД, Кајмански острови.

На состанокот на министрите во Брисел се ажурира „срамната“ листа, на која се додадоа четири нови земји на веќе постојниот список од осум земји. Така, освен Панама и Кајмански острови, Палау и Сејшели се другите два нови учесника.

Црната листа во целост ги вклучува: Американска Самоа, Кајмански острови, Фиџи, Гуам, Оман, Палау, Панама, Самоа, Сејшели, Тринидад и Тобаго, Американски Девствени Острови и Вануату, објави магазинот „Политико“.

„Додавањето на Кајманските острови на црната листа, која е инаку, британска прекуокеанска територија, треба да биде предупредување за Соединетите Американски држави, во контекст на разговорите по Брегзит, меѓу Лондон и Брисел“, се вели во соопштението на германскиот конзервативен пратеник, Маркус Фербер.

„Ова испраќа јасен сигнал дека идејата да се претвори Велика Британија во даночен рај, нема да биде прифатлива за ЕУ“, рече Фербер, член на Европската народна партија.

Владите на ЕУ за прв пат ја воведоа „црната листа“ во декември 2017 година со 17 земји, по низата скандали за затајување данок, како што се „Панама документи“, кои откриваат до кој степен компаниите и поединците отишле за да избегнат да ги платат своите реални даноци.

Од британската влада посочија дека, земјата е „свесна за одлуката на ЕУ“ и дека „како самоуправа и фискално автономна јурисдикција, се охрабруваат Кајман и ЕУ тесно да соработуваат за решавање на какви било нерешени прашања“.

Министрите за финансии на ЕУ вчера ја ажурираа и таканаречената „сива листа“ на ЕУ, во која се вклучени земји кои ветија дека ќе ги поправат своите даночни практики за да ја избегнат „црната листа“.

Животот е најскап во Швајцарија и Норвешка, Македонија меѓу најевтините

Анализата на деловниот магазин Ceoworld рангира 132 земји во светот кои се најскапи за живеење, како и оние каде се најприфатливи условите за живот. Швајцарија и Норвешка дефинитивно се водечки кога станува збор за високите цени на производите и на услугите.

Истражувањето ги мери трошоците за храна, облека и обувки, даноци и комунални услуги, интернет, транспорт и ресторани. Заклучокот е дека Швајцарија е на прво место, Норвешка на второ место, а потоа следуваат Исланд, Јапонија, Данска, Бахами, Луксембург, Израел, Сингапур и Јужна Кореја, пишува порталот „Новац.хр“.

Кога станува збор за соседите, Хрватска е 53-та, Црна Гора е 90-та, а БиХ и Србија се на 96-то и 98-то место. Не само што е Хрватска поскапа од овие три земји, туку во неа е поскап животот и од Словачка и Унгарија. Само Словенија е во предност и се наоѓа на 47-то место. Македонија е на 113 место на листата.

Од друга страна, трите суперсили, САД, Кина и Русија, се рангирани на 20, 80 и 82 позиција. Германија е на 29-то место според висината на цените, Ирска е на 13-та, а Австрија е 21-та. Со оглед на стандардот, животот е многу поевтин во земјите како Пакистан, Индија, Авганистан, Сирија и Тунис.

Германија е рангирана на 29 место според трошоците за живејачка, додека Ирска е на 13-то место, а Австрија на 21-то место.

Во најскапата Швајцарија, животот е за 22 проценти поскап отколку во Њујорк, каде  трошоците за сместување се двојно пониски.

Масовен штрајк во Грција против новиот закон за социјално осигурување

Синдикатот на вработените во јавниот сектор (АДЕДИ) во Грција, денес започна со 24-часовен штрајк, во знак на протест против новиот закон за социјално осигурување.
Од утрово, во шест часот, на улиците на главниот град Атина нема автобуси, тролејбуси и трамваи, а не работи ни метрото, бидејќи сите вработени во јавниот превоз учествуваат во штрајкот. Само железничкиот сообраќај ќе функционира нормално.

Проблеми ќе има и со поморскиот превоз, бидејќи бродовите во најголемото пристаниште Пиреа, ќе останат во пристаништето, додека промени во функционирањето на сообраќајот ќе има и во другите две пристаништа во Атина.

Во штрајкот ќе учествува и Федерацијата на вработените во државните болници, како и Федерацијата на вработени во локалната самоуправа.

Новинарите исто така ќе имаат прекин во работењето од пладне, до 15 часот, во знак на поддршка на барањата на синдикатите.

Синдикатите на вработените во јавниот сектор изјавуваат дека со новиот закон не се менува старосната граница за пензија и дека се задржува границата од 67 години или 62 години старост, со 40 години работен стаж. Меѓу другите барања се, враќање на 13-та и на 14-та плата, како и државна гаранција за сите пензии.

Според грчки владини извори за агенцијата АНА-МПА, протестите се против законот донесен од, сега веќе, непостоечката партија СИРИЗА во 2016 година, чии негативни одредби се укинуваат во новиот закон од страна на актуелната влада на Нова демократија.

„Ова е неразумно, штрајковите имаат чисто партиски мотиви и цели“, изјавија грчки владини извори за АНА-МПА. Грчкиот министер за труд и социјална политика Јанис Врусис рече дека станува збор за атрактивен закон што предвидува и зголемување на пензиите, дека е тоа првиот закон за социјално осигурување во историјата кој базира на експертска студија со која се потврдува одржливоста на системот за осигурување во земјата до 2070 година, како и дека е ова првиот закон по 12 години кој што не предвидува намалување на пензиите.

Просечната бруто плата во Словенија лани била 1,753 евра

Просечната бруто плата во Словенија во минататата година изнесуваше 1,753,83 евра, а нето износот на просекот во државата беше 1.133,50 евра, објави Словенечкиот статистички завод, потенцирајќи дека платите се зголемиле и во јавниот и во приватниот сектор.

Просечната бруто плата е зголемена за 4,3 отсто номинално, а за 2,7 отсто реално во однос претходната година, додека порастот на нето платата изнесува ниминално 3,7 отсто, а реално 2,1 отсто.

Бруто платата во приватниот сектор во просек е зголемена лани за 3,9 отсто, во јавниот сектор вкупноза 5,4 отсто, а во државата управа за 6,5 отсто.

Надпросечниот пораст на платите во државниот сектор најмногу е последица на реализацијата на договорите за зголемување на платите и одобрените трошоци за работа во јавниот сектор, за кои лани се постигна договор меѓу синдикатите на јавната управа управа и владата, објави статистичкиот завод на Словенија.

Хрватска ИКЕА нема веќе да продава пластика за една употреба

Хрватска ИКЕА  ги отстрани пластичните производи за еднократна употреба, со цел да придонесе за заштита на животната средина и да создаде позитивно влијание врз луѓето и врз планетата. По тој повод, во стоковната куќа на ИКЕА во Загреб на 13 февруари беше изложен последниот примерок на „мртва“ пластична сламка, пренесува хрватски Н1. 

Последниот примерок на „мртва“ пластична сламка изложен во Загреб

Покрај сламките, одлуката за укинување на пластичните производи за еднократна употреба важи и за производите како што се кесички за мраз и вреќи за ѓубре, што  беа дел од понудата на ИКЕА во Загреб. Одлуката, исто така, вклучува и пластични производи за еднократна употреба за сервирање храна во ресторанот на ИКЕА за клиентите и вработените во кантината, како што се приборот за јадење, сламки, чаши, чинии и мешалки за пијалоци.

„ИКЕА сака да го олесни поздравиот и поодржливиот начин на живот. Пластиката за  еднократна употреба има значително влијание врз здравјето на нашата планета, како и на самите нас, а до 2050 година, се проценува дека ќе има повеќе пластика во океаните отколку што ќе има риби. Свесни сме дека ова е сложен проблем и сакаме да придонесеме за негово решавање. Веруваме дека елиминирањето на пластиката за еднократна употреба и воведувањето на нови, поодржливи, заменски производи, е значаен чекор кон тоа. Ги покануваме клиентите во Хрватска да ни се придружат во создавањето на подобар, секојдневен живот и со употребата на производи направени од обновливи или рециклирани материјали, да придонесат за заштита на животната средина и ублажување на климатските промени “, рече Алдо Леле, директор за одржливост во ИКЕА за Југоисточна Европа.

Посетителите на стоковната куќа ИКЕА Загреб сега можат да најдат еко замена за речиси сите пластични производи за еднократна употреба. Наместо пластика, на клиентите им се нудат бамбус сламки, „сламки“ од нерѓосувачки челик или направени од три слоја тврда, валана хартија. Исто така, наместо кеси за замрзнување за еднократна употреба, ИКЕА нуди поодржлива опција, кеси за неколку употреби, со затворач.

Инаку, шведскиот гигант ИКЕА уште во средината на 2018 година најави дека до 2020 година ќе престане со продажба на пластични производи за една употреба. Како што пренесоа тогаш од компанијата, оваа продажба ќе престане во сите продавници на ИКЕА ширум светот, а компанија ќе се посвети на производи опд материјали кои ќе можат да се преработуваат или да се рециклираат.

Стопирањето на продажба на пластични производи за еднократна употреба е составен дел на идните планови за производството на ИКЕА, кое ќе базира само на употреба на обновливи материјали и на оние што можат да се рециклираат.

Потегот е во насока на најавата на Европската унија, дека целосно ќе се забранат за употреба еднократните пластични производи, како сламки, хигиенски марамчиња и стапчиња за мешање пијалок и за држење балони.

Производството е ограничено поради недостиг на квалификувана работна сила

Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во јануари 2020 година е зголемен за 0,4 процентни поени во однос на декември 2019 година и изнесува 22,6, а во однос на јануари 2019 година е зголемен за 2,5 процентни поени, објави Државниот завод на Македонија (ДЗС).

При тоа, најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила, со 25,6 отсто, недоволната странска побарувачка со 17,5 отсто, недоволната домашна побарувачка со 14,9 отсто и неизвесното економско опкружување со 12,5 отсто.

Според ДЗС, состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во јануари годинава, во однос на декември 2019 година, е поповолна, исто како и очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци, во однос на претходниот месец, додека залихите на готовите производи се непроменети.

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во јануари 2020 година е нешто подобра во споредба со претходниот месец, како и во однос на јануари 2019 година. Се очекува бројот на вработените да се зголеми.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во јануари 2020 година изнесува 71,1 %.