Забраната за прием на невакцинирани деца во градинките не е фашизам, туку заштита на населението

Откако Комисијата препорача на подрачјето на Скопје да се прогласи епидемија на голема кашлица со една од мерките, нецелосно или воопшто невакцинираните деца да не бидат примани во градинките, на социјалните мрежи започнаа да се шират теории на заговор и повторно да се активираат антиваксерските движења, како што е случајот со објавата што ја анализираме

Фото: МТСП, март 2024 г.

Постапките на надлежните институции се во согласност со законите и Уставот на државата и тие во никој случај не можат да се наречат фашистички. Забраната за носење невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца во градинки не е фашизам, туку мерка којашто се носи за заштита на населението. Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на СЗО покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека одлуката на Комисијата за заразни болести, да не се примаат невакцинирани деца против пертусис во градинките, поради епидемијата од оваа болест во Скопје, била фашистичка.

Вчера нашето општество премолча фашистички акт, забрана за невакцинирани деца во градинка.
Срамен однос на еден народ кон својот пород. Изговори? Милиони…. Моите деца пораснаа, одамна не се во градинка. Но сите деца македонски јас ги сметам и за мои. А вие?, стои во објавата.

Поради зголемениот број заразени со голема кашлица, а согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари 2024 година прогласи епидемија на пертусис во Скопје, информираа од Министерството за здравство за Вистиномер.

Претходно, Комисијата за заразни болести препорача на подрачјето на Скопје да се прогласи епидемија на голема кашлица со една од мерките, нецелосно или воопшто невакцинираните деца да не бидат примани во градинките. Согласно правилниците и законите кога станува збор за официјално прогласена епидемија, градинките веќе бараат потврда за целосна вакцинација со ди-те-пер вакцина за децата кои се на предучилишна возраст од Скопје.

Од понеделник (11.03.2024) невакцинираните или нецелосно вакцинираните деца со вакцината ди-те-пер нема да се примаат во градинките, информираа од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) на 8 март.

Од ДСЗИ изјавија дека ја добиле одлуката на министерот за здравство, а која е врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести (КЗБ). Во препораката од Комисијата се вели дека Инспекторатот се задолжува да врши вонредни инспекциски надзори и да забрани прием на деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани или се нецелосно имунизирани со ДиТеПер.

Откако Комисијата препорача на подрачјето на Скопје да се прогласи епидемија на голема кашлица со една од мерките, нецелосно или воопшто невакцинираните деца да не бидат примани во градинките, на социјалните мрежи започнаа да се шират теории на заговор и повторно да се активираат антиваксерските движења, како што е случајот со објавата што ја анализираме.

Препораката на Комисијата за заразни болести нема никаква врска со фашизам, како што се тврди во објавата, туку е во согласност со Законот за заштита на населението од заразни болести во кој се предвидува задолжителна вакцинација за одредени болести, меѓу кои и голема кашлица.

Вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), вирусен хепатитис Б, и хуман папилома вирус (ХПВ).

Во Законот за заштита на населението од заразни болести во членот 4 јасно е наведено дека:

Секој има право на заштита од заразни болести и обврска да се заштити себеси и другите од заразување.

Во Уставот на државата во член 39 јасно е наведено:

На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Постапките на надлежните институции според тоа, се согласно законите и Уставот на државата и тие во никој случај не можат да се наречат фашистички.

Вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година. Вакцините помагаат да се заштити вашето дете од болести кои можат да предизвикаат сериозна штета или смрт, особено кај луѓе со неразвиен имунолошки систем како доенчиња.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Според Светската здравствена организација, големата кашлица се пренесува лесно од човек на човек, главно преку капки од кашлање или кивање. Болеста е најопасна за доенчињата и е значајна причина за болест и смрт на оваа возрасна група.

Забраната за носење невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца во градинки не е фашизам, туку мерка која што се носи за заштита на населението. Затоа оваа објава ја оценуваме како невистинита.