Примањето само на вакцинирани деца во градинките не е дискриминација, туку заштита на здравјето

Загриженост од растечкиот број случаи на голема кашлица во земјава изрази и УНИЦЕФ

-

Објавата што е предмет на оваа рецензија тврди дека забраната за носење на невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца во градинки, всушност е дискриминација, угнетување и понижување на децата и родителите. Но ова не е точно. Вакви мерки се носат за заштита на индивидуалното здравје како на невакцинираните деца така и на останатите деца кои се згрижуваат во детските градинки. Освен тоа, со вакцинирањето се прави и заштита на јавното здравје бидејќи намалениот опфат на вакцинација ги прави шансите за заболување поголеми кај цело население, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Објава на социјалните мрежи тврди дека забраната за градинка на невакцинирани деца е дискриминација. Ова не е вистина.

Повторно и повторно по милијардите и деветстдеведесетидевет илјадити и деветстотинидеведесет и деветти пат удар со дискриминација, потчинување, угнетување, тормозење и понижување врз најкревката, најважната и најмладата популација и врз нивните родители.

Силеџиите на сцена, со харакири директен удар во стомак, пишува во објавата.

Зголемениот број на случаи на таканаречената голема односно магарешка кашлица, ги принуди здравствените власти да препорачаат прогласување епидемија на голема кашлица на територија на Град Скопје.

Прогласувањето на епидемија, меѓу другото, значи сè додека трае епидемијата се препорачува во градинките да се примаат само целосно вакцинирани деца. Објавата којашто е предмет на оваа рецензија тврди дека ваквото постапување, всушност е дискриминација, угнетување и понижување на децата и родителите. Но, ова не е точно. Настрана пластично опишаниот повик за насилство во објавата кон наводните „силеџии“. Вакви мерки се носат за заштита на индивидуалното здравје како на невакцинираните деца, така и на останатите деца кои се згрижуваат во детските градинки. Освен тоа, со вакцинирањето се прави и заштита на јавното здравје, бидејќи намалениот опфат на вакцинација ги прави шансите за заболување поголеми кај цело население.

Препораката нема никаква врска со дискриминација, како што се тврди во објавата, тука е во согласност со Законот за заштита на населението од заразни болести во кој се предвидува задолжителна вакцинација за одредени болести, меѓу кои и голема кашлица.

Вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), вирусен хепатитис Б, и хуман папилома вирус (ХПВ).

Портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ објасни што значи прогласувањето на епидемија за голема кашлица и какви мерки ќе следат во наредните денови.

Тоа значи дека ќе има многу повеќе правни можности за да се регулира начинот и мерките на коишто ќе се применуваат за време на епидемијата, како забраната за носење на невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца во градинки, наредби за здравствени институции како да постапуваат за време на епидемијата, реорганизација на здравствениот систем, носење на препораки во форма на задолжителни препораки за населението и слично, вели Мехмедовиќ.

Претседателот на Комисијата, доктор Александар Петличковски соопшти дека до министерот за здравство ќе се препорача во градинките да се забрани прием и упис на деца кои не се вакцинирани или се делумно вакцинирани. Тој апелираше граѓаните да ги вакцинираат своите деца за да се спречи ширење на болеста.

Тука треба да се фокусираме, да поправиме она што е промашено во изминатиот период. Затоа ќе ги повикуваме сите кои ја пропуштиле вакцинацијата предвидена со редовниот календар. Ќе предложиме да се организира работата на вакциналните пунктови во две смени и дополнително во сабота да се примаат деца за вакцинација, рече тој.

Болеста е најзастапена кај лицата коишто не се вакцинирани, поради што сите напори ќе бидат насочени во таа насока – за пополнување на промашените вакцини.

Главната препорака е вакцинација. Не постои алтернативно решение за вакцината коешто е поефикасно и побезбедно. Можеме да носиме маски, тоа е секогаш препорачливо, бидејќи има и грип и ковид, можеме да одржуваме хигиена, но основна работа е вакцинацијата, вели Мехмедовиќ.

Сега веќе поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити изјави дека препораката од Комисијата за заразни болести за забрана за прием на невакцинирани деца во градинките треба да се сфати во позитивен контекст.

Ова не е дека е некоја забрана или сакаме некого да казниме. Сакаме нивните деца да бидат здрави и живи, да имаме подобра иднина како држава. Апелирам до сите родители, ве молам, вакцините заштитуваат живот, рече Меџити.

Загриженост од растечкиот број случаи на голема кашлица во земјава изрази и УНИЦЕФ. Од организацијата се придружуваат кон повикот на здравствените експерти до родителите и старателите да ги вакцинираат децата што пропуштиле вакцинација. Од организацијата велат дека само со постигнување колективен имунитет може да се заштитат оние што не можат да се вакцинираат, како што се малите бебиња или лицата со слаб имунитет.

Вакцинирањето е една од најефективните мерки на заштита на децата и заедниците од сериозни болести. Докажано е дека вакцините се безбедни и глобално, секоја година, тие спасуваат два до три милиони детски животи од сериозни болести. Вакцинирањето на децата е колективна одговорност. Ги повикуваме родителите и старателите – обезбедете им на своите деца онаква заштита, каква што вашите родители обезбедиле за вас во минатото, се наведува во соопштението на УНИЦЕФ.

Според Светската здравствена организација, големата кашлица се пренесува лесно од човек на човек, главно преку капки од кашлање или кивање. Болеста е најопасна за доенчињата и е значајна причина за болест и смрт на оваа возрасна група.

Забраната за носење невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца во градинки не е дискриминација, туку мерка која што се носи за заштита на населението. Затоа оваа објава ја оценуваме како невистинита.

Петти мировник на ОН е ранет во јужен Либан, САД и Европа ги осудија нападите на Израел врз мировниците

Петти мировник на ОН е ранет во јужен Либан откако бил погоден од огнено оружје, соопштија привремените сили на ОН во Либан (Унифил). Во соопштение, Унифил вели дека мировникот во...