Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ утре одбележува 74 години од формирањето

Годишнината ќе биде одбележана со изведба на најновата претстава „Стапица за глувци“, според текст на Агата Кристи, во режија на младиот и талентиран режисер Борис Василески

Од изведба на претставата „Стапица за глувци“ / фото: Центар за култура „Марко Цепенков“ - Прилеп

Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп утре ќе прослави 74 години од формирањето – завесата првпат се кренала на 18 февруари 1950 година со изведба на претставата „Кир Јања“ од Ј.С. Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски.

Од овој театар информираа дека годишнината ќе биде одбележана со изведба на најновата претстава „Стапица за глувци“, според текст на Агата Кристи, во режија на младиот и талентиран режисер Борис Василески.

Изведбата ќе започне во 19:30 часот.

„Низ годините различните генерации на актери ределе премиери една по друга, имало и падови, но и успеси на театарот. Досега прикажани се околу 360 премиери, одиграни над 7.500 претстави кои ги гледале над 1,7 милиони луѓе. Најгледаната и најиграна, изведена стопати, е ‘Солунски патрдии’ од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски, па потоа ‘Од кол на кол’ во режија на истиот режисер“, велат од прилепскиот театар.

Додаваат дека претстава која најмногу го сврте вниманието, не само на македонската, туку и на балканската публика, е „Тапани во ноќта” од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, која освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Не помалку наградувана е и „Кавкаскиот круг со креда“, која во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот ЕХ Понто во Љубљана, Словенија. Десетина награди има освоено и на МТФ „Војдан Чернодрински“.

Театарот од 2004 година работи во состав на Центарот за култура „Марко Цепенков“.