Забраната за примање невакцинирани деца во градинка во време на епидемија, не е дискриминација

Кога е прогласена епидемија, државните органи имаат овластувања да постапуваат според Законот за заштита на населението од заразни болести односно да забранат невакцинираните деца да доаѓаат во градинките

Photo by CDC on Unsplash

Со објавата се шири паника и се обвинуваат здравствените власти, иако станува збор за стандардно постапување кое поради недоволен вакцинален опфат беше применувано и во 2019 година, кога имаше епидемија со морбили. Вистиномер во архивата на граѓанскиот суд од 2019 година, пронајде неколку судски пресуди во кои родители на невакцинирани деца ги тужат градинките зашто тие не ги примале нивните невакцинирани деца. Судот во сите случаи ги одбил барањата на тужителите. Законските норми се јасни, ДЗС има право и должност да забрани дејност во објект кој претставува непосредна опасност за ширење заразни болести или епидемија и да нареди спроведување други општи и посебни мерки, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ДАЛИ ОВИЕ ЗАКАНИ ПО ДЕЦАТА ВО ГРАДИНКИТЕ ИМААТ ДРУГА ПОЗАДИНА???1. Зошто упаѓаат “инспектори” во детска установа, каде нема пристап ниту родител???
2. Зошто бараат список, листа на невакцинирани деца – ЖИГОСАНИ како во холокаустот???
3. Зошто список со лични податоци за невакцинирани или делумно вакцинирани деца, за да можат да упаднат дома и со која цел???
4. Дали мислите дека со вашата “одговорност” кон овој убиствен здравствен систем, дека вашето дете е безбедно???
5. Зарем не е доволна потврда од педијатар, дека вашето дете е здраво за прием во градинка, како и до сега???
Ало педијатри зошто молчите???
Ало родители, ако дозволите тие нема да застанат…ќе продолжат со тиранија врз вашите деца?!?
ЗАРЕМ ЗАБОРАВИВТЕ НА КОРОНА ФАШИЗМОТ И ЕВИДЕНТНИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ПО ВАШЕТО ЗДРАВЈЕ, ЖИВОТ И СОСТОЈБИ ВО ОПШТЕСТВОТО???
Исто така, додаваат оттаму, ќе се задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со ДТП.”

Објавата се однесува на најавените вонредни инспекциски надзори од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат во градинките, поврзано со епидемијата со голема кашлица која е прогласена во Скопје. Откако Центарот за јавно здравје Скопје прогласи епидемија, а Комисијата за заразни болести препорача до министерот за здравство во градинките да не се примаат невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца, оваа препорака беше прифатена од страна на министерот. Потоа тој даде писмено одобрение до Државниот здравствен и санитарен инспекторат да врши вонредни инспекциски надзори во градинките и да се преземат мерките предложени од Комисијата за заразни болести, односно невакцинираните со ДиTеПер вакцина или нецелосно вакцинираните да не се примаат во градинките.

Ова е стандардно постапување во епидемија кое поради недоволен вакцинален опфат беше применувано и во 2019 година кога имаше епидемија со морбили. Забраната за одење во градинка на невакцинирани и нецелосно вакцинирани деца во услови на епидемија не е ниту закана, ниту дискриминација наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме.

Вистиномер во архивата на граѓанскиот суд од 2019 година, пронајде неколку судски пресуди кога имаше прогласено епидемија од морбили, исто како што сега во Скопје е прогласена епидемија на голема кашлица. Во овие судски процеси од 2019 година тужителите родители на невакцинирани деца ги тужат градинките зашто тие не им дозволиле на нивните невакцинирани деца да ги посетуваат предучилишните установи. Од овие судски одлуки произлегува дека судот во сите случаи ги одбил барањата на тужителите, поради тоа што на сила биле известување од Министерството за труд и социјална политика до градинките, имало решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за изречена мерка забрана за згрижување во установата на деца кои не се имунизирани со МРП вакцината (во тоа време МРП вакцината била од интерес поради тоа што имало епидемија од морбили, а сега во епидемија на голема кашлица прогласена во Скопје од интерес е Ди Те Пер вакцината). Градинките не се задолжителни установи.

Членот 64 точка 9 од Законот за заштита на населението од заразни болести пропишува дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат има право и должност да забрани дејност во објект кој претставува непосредна опасност за ширење заразни болести или епидемија и да нареди спроведување други општи и посебни мерки пропишани со овој закон. Кога Министерството за труд и социјална политика ги известува сите јавни и приватни детски установи дека е потребно да се преземе противепидемиска мерка како забрана за носење во градинка на деца кои не примиле вакцина (во случајов ДиТеПер вакцина против пертусис), им дава и задолжување да ги почитуваат одлуките што ќе бидат донесени од страна на Министерството за здравство. Потоа Државниот санитарен и здравствен инспекторат има право и обврска да оди во инспекциски надзор во градинките и да им наложи на градинките да не згрижуваат во установата деца кои не се имунизирани или се нецелосно имунизирани согласно задолжителниот календар за имунизација, со задолжување веднаш да се пристапи кон извршувањето на мерките и без суспензивно дејство на евентуалната жалба против предметното решение.

Во една од судските пресуди од 2019 година пишува:

Правилно првостепениот суд утврдил дека доверителот не сторил веројатно дека однесувањето на должникот, кое се состои во временски ограничено (додека трајат мерките за заштита од епидемија на заразна болест- морбили) недозволување прием на детето, може да добие квалификација на дискриминаторски однос по кој било од дискриминаторските основи предвидени со одредбите од чл.5 ста.1 точ.3 и 4 на Законот за спречување и заштита од дискриминацијата и со одредбата од чл.12 ст.1 на Законот за заштита на децата, а од причини штостанува збор за судир на две права и тоа правото на детето да биде згрижено во предучилишна установа и правото на детето на соодветна здравствена заштита, при што таквото право не се однесува единствено и исклучиво на детето на доверителот, туку и на сите останати деца кои се згрижени кај должникот (градинката).Таквиот судир на правата, а според правилно утврденото од страна на првостепениот суд, е дека треба да биде решен врз основа на принципот на доминантниот интерес на детето, но и општеството во целина.

Понатаму во пресудата се вели дека е правилен заклучокот на првостепениот суд дека зголемената опасност од ширење на заразни болести, која постои во услови на меѓусебен контакт во детската установа кога во истата престојуваат деца кои не се вакцинирани со соодветна вакцина, доведено во корелација со прогласената епидемија на морбили на подрачјето на Скопје, претставува оправдана причина за временски ограничено одбивање прием на таквите деца во детската установа.

Таквата опасност постои не само за заразување на детето кое не е вакцинирано, туку и на останатите деца последователно, доколку дојде до негово заразување, па консеквентно на тоа мерката за забрана на прием на децата кои што не се соодветно вакцинирани во детската установа е насочена кон заштита на здравјетона пошироката детска популација, а не само за малолетното дете на доверителот, односно таквата мерка има карактер на општа заштитна мерка.Доверителот/родител не може да се повикува на правото на згрижување на неговото дете во претшколска установа ако со истото се загрозува здравјето на неговото дете, но и здравјето на останатите деца згрижени во таа установа, бидејќи сопственото право може да се протега до границите кои нема да ги повредуваат правата на другите, пишува во пресудата од граѓанскиот суд до која дојде Вистиномер а која е од 2019 година. 

Таа не е единствената судска пресуда во полза на градинките кои што одбивале згрижување на  невакцинираните деца во 2019 година кога имаше епидемија на морбили. И во друга пресуда која ја најде Вистиномер на сајтот на граѓанскиот суд Скопје, се посочувa:

Во таа смисла, првостепениот суд правилно утврдил дека доверителите (родителите на невакцинираните деца) во конкретниот случај, не сториле веројатно дека однесувањето на должникот (градинката) кое се состои во временски ограничено (дека трајат мерките за заштита од епидемија на заразна болест-морбили) недозволување на прием на децата, може да добие квалификација на дискриминаторски однос по кој било од дискриминаторските основи предвидени со одредбите од чл.5 ст.1 т.3 и 4 на Законот за спречување и заштита од дискриминација и со одредбата од чл.12 ст.1 на Законот за заштита на децата, од причини што станува збор за судир на две права и тоа правото на детето да биде згрижено во предучилишна установа и правото на детето на соодветна здравствена заштита, при што таквото право не се однесува единствено и исклучиво за децата на доверителите, туку и на сите останати деца кои се згрижени кај должникот, дотолку повеќе што таквиот судир на правата треба да биде решен врз основа на принципот на доминантиот интерес на детето/децата но и општеството во целина. Во таа смисла, зголемената опасност од ширење на заразни болести, која постои во услови на меѓусебен контакт со детска установа кога во истата престој уваат деца кои не се вакцинирани со соодветна вакцина, доведено во корелација со прогласената епидемија на морбили на подрачјето на Скопје претставува оправдана причина за временски ограничено одбивање прием на таквите деца во детската установа.

Се додава дека таквата опасност постои не само за заразување на децата кои не се вакцинирани, туку и на останатите деца последователно доколку дојде до нивно заразување, па консеквентно на тоа мерката за забрана на прием на децата кои што не се соодветно вакцинирани во детска установа е насочена кон заштита на здравјето на поширока детска популација, а не само за децата на доверителите, односно таквата мерка има карактер на општа заштитна мерка.

Од тие причини правилно првостепениот суд утврдил дека доверителите, родителите на малолетните деца не можат да се повикуваат на правото на згрижување на нивните деца во претшколска установа ако со истото се загрозува здравјето на нивните деца, но и здравјето на останатите деца згрижени во таа установа бидејќи сопственото право може да се протега до границите кои нема да ги повредуваат правата на другите. Правилно првостепениот суд утврдил дека независно од причините поради кои што децата на доверителите не се вакцинирани со МРП вакцина, одбивањето за нивен прием од страна на должникот е оправдано со соодветните мерки за заштита во услови на прогласена епидемија на морбили на подрачјето на Град Скопје од надлежните здравствени власти и како такво постапувањето на должникот има правен основ во домашниот правен систем но и во меѓународните правни акти за заштита на правата на детето. Во таа смисла, првостепениот суд правилно ја имал предвид одредбата од чл.24 на Конвенцијата за правата на детето од 20.11.1989 година, според која државите потписнички на Конвенцијата го признават правото на детето, на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација, државите ќе настојуваат на ниедно дете да не му биде одземено правото на таква здравствена заштита и државите ќе се залагаат за целосно остварување на ова право и преземање соодветни мерки, меѓу другото, за сузбивање на болести и развој на превентивна здравствена заштита, пишува во пресудата.

Вакцинацијата со ДиТеПер е дел од задолжителниот календар за имунизација. Децата кои не се вакцинирани не се жигосани, градинките не се задолжителни, па за заштита на нивното здравје и на здравјето на вакцинираните деца, се обезбедуваат услови во кои ќе има заштита на јавното здравје во услови на прогласена епидемија. Кога е прогласена епидемија, државните органи имаат овластувања да постапуваат според Законот за заштита на населението од заразни болести односно да забранат невакцинираните деца да доаѓаат во градинките. Со оглед на тоа што вакцинацијата е задолжителна, доколку нивните родители ги вакцинираат, нема да им биде забранет пристапот во градинките. Не е точно изнесеното во објавата дека на невакцинираните и на делумно вакцинираните некој ќе им упадне дома. Државниот здравствен и санитарен инспекторат има овластување кога ќе добие информација од вакциналните пунктови дека одредени родители не ги вакцинирале своите деца согласно Календарот за задолжителна имунизација, да ги викнат тие родители на порамнување односно да им биде врачена глоба.

Директорката на ДСЗИ, доктор Рената Младеновска веќе изјави дека вакви случаи веќе има, односно дека доста е казнувано, но дека е поважно што тие порамнувања повторно не завршуваат со вакцинација на децата.

Како ни ги испраќаат вакциналните пунктови списоците на родители, со име презиме на децата, со лични податоци, ги повикуваме на порамнување и имаме доста казнувано. Како завршуваат тоа е побитно прашање. Дел од родителите се сложуваат и ја плаќаат казната, но со тоа не сме го решиле проблемот бидејќи детето останува невакцинирано. Од друга страна, има родители коишто не сакаат да ја платат казната и завршуваат на суд, каде судот им дава опомена и плаќаат судски трошоци, вели Младеновска.

Во објавата се шири паника и се обвинуваат здравствените власти и градинките поради спроведување на регуларни процедури кои веќе ги имаат спроведено и порано во епидемијата со морбили, а со цел спречување на ширењето на заразна болест пертусис или голема кашлица. Изнесените квалификации за тиранија, фашизам и последици по здравјето се неосновани со оглед на тоа што вакцините го штитат здравјето на децата и спречуваат искоренети болести да го загрозуваат животот и здравјето на децата и возрасните.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.