Донесена одлука за прием во градинки на деца кои примиле три дози ДиТеПер вакцина

Одлуката стапува на сила денес, а ќе се применува од понеделник

Photo by charlesdeluvio on Unsplash

Согласно препораките на Комисијата за заразни болести од состанокот одржан вчера, министерот за здравство Илир Демири донел одлука со која се дозволува прием и престој во детски градинки на деца кои по Catch-up календар ја комплетирале примовакцинацијата (три дози ДиТеПер вакцина), со задолжително примање на првата ревакцина 6 месеци по примањето на последната (трета) доза од примовакциналната серија.

Од Министерството за здравство соопштија дека одлуката стапува на сила денес, а ќе се применува од понеделник.

Додаваат и дека се пристигнати ДиТеПер вакцините за возрасни и дека граѓаните можат да се вакцинираат во вакциналните пунктови.

„Вакцините се безбедни и претставуваат најголемо достигнување на здравствениот систем. Апелираме до сите граѓани, особено до родителите на децата во предучилишна возраст да ги вакцинираат своите деца затоа што главен приоритет е нивната здравствена заштита“, велат од Министерството за здравство.

Вакциналните пунктови за имунизација работат во две смени со цел да им биде полесно на родителите да ги имуницираат своите деца, додаваат од министерството.