fbpx

За железницата 2020 е промашена година, наредниве 12 месеци да нема одложување на проектите

-

За развојот на железничката инфраструктура и транспорт во земјава, минатата година претставуваше период што го одбележаа мноштво негативни и многу малку позитивни настани. Со право може да се констатира дека 2020 беше промашена година за железницата, ако се земе во предвид фактот дека беше сопрена изградбата на пругата Куманово-Бељаковце како прва фаза од Коридорот 8 кон Бугарија и беше раскинат договорот со изведувачот, беше поништен тендерот за избор на изведувач за пругата од Бељаковце до Крива Паланка, а не беше ниту завршен во целост ремонтот на железничката делница од Неготино до Ногаевци на железничкиот Коридор 10.

Сеопшт впечаток е дека и државните власти и локалните самоуправи, заедно со транспортните навики на граѓаните, се силно насочени кон развојот на патната инфраструктура, не слушајќи ги предупредувањата на експертите и критиките кои секоја година доаѓаат од Европската Унија за доцнењето на проектите од железничката инфраструктура, особено во делот на пругата кон Бугарија.

По целосниот неуспех да се испочитуваат зададените рокови во делот на железничкото поврзување со Бугарија, владата сега преку новиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски ветува дека во пругата на Коридорот 8 во 2021 година е проектирано да се инвестираат 1,8 милијарди денари.

Недовршената пруга Куманово-Бељаковце; Фото: Бојан Блажевски

Новина во последните владини ветувања се спојувањата на двете фази меѓу Куманово и Крива Паланка во еден тендер, што значи дека идната градежна компанија што треба да се избере годинава ќе треба да работи на целиот потег од Куманово до Крива Паланка во должина од 64,7 километри. Всушност, овие две фази ќе значат довршување на сето она што е започнато како градежни работи од почетокот на 90-тите години на минатиот век до денес како тунели, мостови и железничка траса меѓу двата града.

Судејќи според критиките што пристигнаа во последниот Извештај за напредокот на земјава кон ЕУ на Европската Комисија, нашата влада годинава ќе мора сериозно да се зафати со реализација на градежните работи на терен. За овој капитален проект како за ниту еден друг во земјава, владата има добиено неповратни финансиски средства од ЕУ од дури 130 милиони евра, за кои од Унијата очекуваат конкретни резултати. За нов директор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ лани беше поставен Хари Локвенец, кадар на СДСМ, од кој се очекува да го стави како приоритетен овој проект.

Од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ информираат дека подготовката на тендерската документација за Секција 1: Куманово-Бељаковце и за Секција 2: Бељаковце-Крива Паланка е во завршна фаза на изработка. Тендерската документација на електронската платформа на ЕБОР се очекува да биде објавена до крајот на јануари 2021 година.

„Постапката за избор на изведувачот ќе се спроведе во две фази, предквалификација и квалификација. Рокот за реализација на овие фази, вклучително и периодот потребен за оценување на доставените документи од страна на учесниците, согласно правилата на ЕБОР и позитивното искуство за проекти од овој тип вообичаено трае до 9 месеци“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Актуелната влада во 2021 година треба да поработи и на заокружувањето на финансиската конструкција за третата фаза од проектот за изградба на пругата кон Бугарија, за секцијата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Од околу 600 милиони евра колку што ќе ја чини земјава целото железничко поврзување со Бугарија, повеќе од половина од средствата треба да се наменат токму за изградба на третата фаза која што има најмногу тунели и мостови на трасата, а досега како неповратни средства од ЕУ за неа се обезбедени 60 милиони евра.

„Во однос на третата фаза од Крива Паланка до Деве Баир, интерес за учество во проектот изразија ЕБОР и ЕИБ, а остатокот ќе биде финансиран преку ИПА 2 инструментот на ЕУ за што веќе се обезбедени 60 милиони евра“, информираат од Министерството за транспорт и врски.

Пронаоѓањето на финансиски средства за довршување на Коридорот 8 ќе биде предизвик за владата и во делот на пругата од Кичево до македонско-албанската граница, за која исто така во 2021 ќе треба да се трага по средства од странство.

Во делот на железничкиот Коридор 10, во прв план во 2021 година треба да биде довршувањето на оние инфраструктурни проекти кои веќе доцнат со реализација. Меѓу проектите што се одолговлекуваат е и завршувањето на ремонтот на пругата Неготино-Ногаевци, долга 31 километар, којшто како градежен зафат финансиран од кредит на ЕБОР, се влече полни 7 години наназад.

На Коридорот 10, годинава треба да започне изградбата на заедничкиот железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија во Табановце, за којшто во 2020 година беше комплетирана проектната документација и се трагаше по неопходните средства од 5,2 милиони евра. Идниот објект до железничката станица Табановце ќе се простира на површина од 2.500 метри квадратни, а работењето на полициските, царинските и фитосанитарните служби од двете земји на едно место треба да го забрза протокот на стоки и патници на железничкиот Коридор 10.

На кракот Д од Коридорот 10, во 2021 година се очекува конечно да се стави во функција пругата од Битола до Меџитлија, која што веќе со месеци наназад е завршена со изградба, но чека на официјално пуштање во употреба. Во функција на ова, неопходно е да се потпише Договорот за прекугранична соработка во железничкиот сектор со Грција, којшто е во постапка на усогласување меѓу двете земји. Пругата меѓу Битола и Меџитлија ќе им овозможи на компаниите од Пелагонискиот регион да извезуваат и увезуваат стоки со воз преку Солунското пристаниште, додека на државата овој крак од Коридорот 10 и е повеќе од неопходен како алтернативна траса за превоз на стоки и патници кон Грција во случај на евентуално затворање на пругата од Велес кон Солун од било каква причина.

Пругата Велес-Гевгелија на Коридор 10; Фото: Бојан Блажевски

Во однос на железничкиот транспорт, 2021 година ќе биде клучна за Железници на РСМ-Транспорт. Премиерот Зоран Заев минатата есен најави дека ова акционерско друштво во државна сопственост ќе оди на продажба. Инаку, лани беше изработена Студијата за бизнис сегментација на Железници на РСМ-Транспорт од италијанската консултантска куќа „Pricewaterhouse Coopers Advisory S.rl“. Владата во наредните месеци треба да прецизира како ќе се одвиваат реформите во Железници на РСМ-Транспорт, којшто во моментов е најголемиот државен загубар со милионски долгови, но истовремено го има и државниот монопол во превозот на стоки и патници во железничкиот сообраќај, и тоа како единствен ваков случај долж целиот Коридор 10.

Во наредните 12 месеци од Владата на РСМ се очекува да изнајде финансиски средства за подготовка на проектно-техничката документација за изградба на железничкиот крак кон Меѓународниот аеродром Скопје, со кој би се обезбедила брза, ефикасна и евтина железничка линија со центарот на Скопје. Оваа линија е дел од пообемниот проект за воведување на градско-приградска железница во Скопје, која го опфаќа и потегот од Зелениково до Транспортниот центар. Бидејќи овој капитален проект за главниот град е ветен и во новата владина програма за работа до 2024 година, очекувањата се годинава да се пронајдат барем средствата за изготвување на документацијата, врз чија основа би можело во иднина да се бараат финансии за воведување на градско-приградска железница во Скопје, по пример на околните главни градови Загреб и Белград.

Инаку, македонската влада годинава обезбеди средства во висина од 400 милиони денари за реализација на обврските за железнички превоз на патници од страна на Железници на РСМ-Транспорт, со кои делумно ќе се покријат загубите од патничкиот железнички превоз во земјава. Ситуацијата, барем во делот на патничките возови, не се очекува да биде ништо подобра од 2020 година – мал број на возови кои привлекуваат минорна бројка на патници што го користат ова превозно средство.

Минатата година треба да се одбележи и по малкуте позитивни нешта – на почетокот на 2020 пристигнаа новите електрични локомотиви за Железници на РСМ-Транспорт, додека јавното претпријатие за железничка инфраструктура успеа да ги реконструира железничките станици во Тетово и Гевгелија, како и да го реши проблемот со хидроизолацијата во скопската железничка станица. Вакви слични инфраструктурни зафати од помал обем се очекуваат и во 2021 година, особено во делот на обновата на преостанатите поголеми железнички станици на Коридорот 8 – Гостивар и Кичево.

За очекување е годинава да продолжи реконструкцијата на железничките станици; Фото: Бојан Блажевски

Она што треба да се констатира е дека во следните 12 месеци треба да се надомести сето она што е прекинато, одложено или незапочнато како проекти од железничката инфраструктура и транспорт во 2020 година. Овој вид превоз со децении наназад во нашата земја е оставен на маргините во однос на патниот сообраќај, иако мала континентална земја како нашата, без излез на море, од исклучителна важност е да има развиен и функционален железнички превоз со сите соседи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Путин: Немаме намера да нападнеме земји членки на НАТО

Русија нема планови за напад на земјите членки на НАТО и нема да ги нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но доколку Западот испорача ловци Ф-16 на Украина, тогаш...