fbpx

Седум години се врши ремонт на пругата Ногаевци-Неготино на Коридорот 10

-

Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ веќе седум години врши ремонт на железничката пруга Ногаевци-Неготино. Оваа делница од Коридорот 10 е долга 31 километар, а изведбените активности се одолговлекуваат во време кога соседните земји Бугарија, Грција и Србија градат брзи пруги на главните паневропски коридори што минуваат низ нивните територии.

Ремонтот на пругата започна во декември 2013 година, кога тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески вети дека рокот за изведба на реконструктивниот зафат ќе биде една година, додека по делницата возовите во иднина би се движеле со брзина од 120 километри на час. Седум години подоцна, надлежните власти не сакаат да коментираат за овој проект, освен дека ремонтот на оваа железничка делница е при самиот крај.

„Во однос на вашето прашање во врска со дозавршувањето на ремонтот на пругата Ногаевци-Неготино и рокот предвиден за реализација на проектот, ве упатуваме за одговор да се обратите до ЈП за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија, кое е договорна страна со Изведувачот на овој проект“, ни одговорија од Министерството за транспорт и врски.

„Мета.мк“ до Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ во изминатиов месец во три наврати ги испрати прашањата во врска со пругата Ногаевци-Неготино, но досега не добивме одговор кога ќе заврши ремонтот на оваа пруга на Коридорот 10. Во меѓувреме, возовите на оваа делница не можат да ја достигнат ветената брзина од 120 километри на час. „Мета.мк“ пишуваше за доцнењето на овој проект и во март 2019 година. 

Ремонтот на пругата Ногаевци-Неготино се изведува со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), којшто земјава го доби во далечната 2010 година. Кредитот се подигна за ремонт на три делници на Коридорот 10 во должина од 54,4 километри, при што досега беа завршени градежните работи на делот Миравци-Смоквица и Табановце-Куманово.

Ремонтот на пругата Ногаевци-Неготино чини речиси 9,4 милиони евра, а последен пат оваа железничка делница била реконструирана во далечната 1968 година.

Како резултат на минорните инвестиции во реконструкција на железничката инфраструктура сиот изминат период, на пругата од Табановце до Гевгелија возовите се движат со намалена брзина на одредени делови од трасата, што допринесува за зголемување на времетраењето на патување. Инаку, токму железничкиот Коридор 10 е главната траса по која се одвива речиси целокупниот товарен железнички превоз во земјава и претставува единствениот функционален паневропски коридор во земјава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

До обвинителството не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите

Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство, [email protected], не пристигна ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, соопшти...