fbpx

Државата и германската „Вибе“ преку арбитража ќе го решаваат спорот со недоградената пруга Куманово-Бељаковце

-

Спорот меѓу државата и германската компанија „Вибе“ околу недоградената пруга Куманово-Бељаковце ќе се решава пред меѓународен суд. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска најави дека преку арбитража ќе се решава прекинот со изградба откако фирмата-изведувач „Вибе“ на 29 мај годинава го известила Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ дека бара раскинување на договорот за изведба на пругата долга 30,8 километри.

Министерот Бочварски изјави дека ќе се почека одлуката од арбитражата во однос на раскинатиот договор, но и појасни дека ќе се оди со распишување на нов тендер за довршување на изградбата на оваа железничка делница во 2021 година. Тој појасни дека нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски, којшто заклучно со август изнесува 31,6 отсто, е резултат токму на потфрлувањата што се случуваат на Коридорот 8 за железничко поврзување со Бугарија.

Со претстојниот ребаланс на државниот буџет, најмногу кратења на средства ќе има токму во делот на железничкиот Коридор 8, бидејќи средствата не можат да се реализираат поради тоа што досегашниот изведувач го раскина договорот за пругата Куманово-Бељаковце.

Министерот Благој Бочварски изјави дека е недозволиво пругата кон Бугарија да се гради две и пол децении, како и дека не смееме во иднина да дозволиме да ни се случат слични работи како што е застојот со изградбата на пругата Куманово-Бељаковце. Во делот на развојот на железничката инфраструктура, тој потенцираше дека во неговиот четиригодишен мандат ќе започне со реализација на втората и третата фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија, односно изградбата на железничките делници Бељаковце-Крива Паланка и Крива Паланка-Деве Баир.

Инаку, „Мета.мк“ веќе две недели чека одговор од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ за тоа до каде е стигната тендерската постапка за избор на изведувач што треба да ја гради делницата од Бељаковце до Крива Паланка, како втора фаза од пругата кон Бугарија. Вториот по ред тендер беше распишан во 2018 година, а требаше токму до есенва да се избере градежната компанија што ќе ја гради делницата долга 33,9 километри. Меѓународниот тендер е стигнат до втората фаза од изборот на најповолен понудувач, при што за изведба на проектот вреден над 140 милиони евра се борат осум компании.

Покрај тоа што од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура како инвеститор молчат за поставените прашања, од Министерството за транспорт и врски за потрага по било какви информации во однос на резултатите од тендерската постапка упатуваат токму до инвеститорот. Пругата Бељаковце-Крива Паланка треба да биде завршена со изградба во рок од 48 месеци од воведувањето во работа на идниот изведувач.

„Мета.мк“ со месеци наназад го следи процесот на изведба на железничкиот Коридор 8 во земјава, а месецов објави и детално објаснување за причините на застојот и до каде е стигнато со изградба на пругата Куманово-Бељаковце.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Македонија гласа: Седми претседателски избори со седуммина кандидати

Денеска се одржуваат седмите претседателски избори во Република Северна Македонија, а за функцијата Претседател на РСМ се натпреваруваат седум кандидати. Со право на глас на Претседателските избори 2024 во Избирачкиот...