Photo by Dalton Caraway on Unsplash

Во 2 часот по средноевропско време, американскиот Конгрес ќе продолжи со работа на утврдувањето на победата на американскиот претседател Џо Бајден. Гардијан јавува дека до моментот на упадот на приврзаниците на Доналд Трамп во зградата на Конгресот, електорските гласови на само две сојузни држави биле официјално избројани. Очекувањата се дека целокупната процедура ќе трае до доцна во ноќта. Ненси Пелоси испрати и официјално писмо до колегите дека Конгресот ќе продолжи со работа, јавуваат американските медиуми.

Процедурата која што до денеска претставуваше формалност во историјата на досегашните американски претседателски избори беше прекината вечерва по упадот на приврзаниците на Трамп во зградата на Конгресот откако претходно се судрија со полицијата и ги преминаа барикадите пред објектот. По ваквиот чин, гласовите на електорите беа безбедно евакуирани заедно со конгресмените.

Сепак, Си-ен-ен и Гардијан јавуваат за една загината жена во немилите настани во Вашингтон, како и за дваесетина приведени лица досега и за заплена на најмалку пет парчиња оружје. Во Вашингтон до рано наутро е прогласен полициски час, а се очекува допрва да се соопшти бројот на уапсени лица кои учествуваа во упадот во Конгресот, но и на конечната бројка на повредени лица. Припадниците на Националната гарда, над 2.700 на број, и останатите безбедносни сили успеаја да ја расчистат зградата на Конгресот од демонстрантите, со што се обезбеди продолжување на работата на конгресмените.

Во меѓувреме, покрај бројните реакции на меѓународната заедница, и видни претставници на Републиканската партија на САД остро реагираа на настаните што се случија во Вашингтон. Поранешниот американски претседател од редовите на републиканците Џорџ Буш го осуди денешниот упад во Конгресот, соопштувајќи дека вака се оспоруваат изборни резултати во банана републики – не во нашата демократска република.

Американскиот републикански сенатор Мит Ромни ги осуди вечерашните настани, посочувајќи дека истите биле поттикнати од американскиот претседател Трамп. И републиканскиот сенатор Ричард Бур во изјава директно го обвини Доналд Трамп за денешното насилство, пренесува Гардијан.

Во меѓувреме, американските медиуми јавуваат дека Твитер го заклучи официјалниот профил на Доналд Трамп за период од најмалку 12 часа откако претходно беа отстранети три твита објавени од претседателот. Би-би-си јавува дека Фејсбук, Твитер и Јутјуб го отстранија видеото објавено од претседателот Трамп, во кое тој за време на упадот ги повика неговите приврзаници да си одат дома, но и го повтори лажното тврдење за изборна измама.

Светските медиуми јавуваат дека на вечерашните протести приврзаниците на Трамп уништиле и медиумска опрема на новинарските екипи коишто ги следеле во живо и известувале за настаните пред Капитол Хил.

Десетици илјади приврзаници на американскиот претседател Доналд Трамп се собраа денеска на протест во Вашингтон во последен обид да обезбедат пресврт во резултатите од претседателските избори на кои победи демократот Џо Бајден, а најрадикалните демонстранти се обидоа да не дозволат мирен трансфер на власта.