Министерството за транспорт и врски го достави на разгледување инвестициониот план за изработка на студија за изградба на железнички крак до Меѓународниот аеродром Скопје во рамките на новата ИПА III програма, кој треба да се разгледа од страна на Делегацијата на Европската Унија, информираат за „Мета.мк“ од ова министерство.

Ваквиот потег следува откако воведувањето на аеродромскиот воз влезе како проект во Програмата за работа на Владата за периодот 2020-2024 година, а претходно проектот беше вклучен и во Националната транспортна стратегија за периодот 2018-2030 година. Новиот железнички крак би се градел на потегот од железничката станица Миладиновци до терминалната зграда на аеродромот, со должина од околу 5 километри.

Реализацијата на овој инфраструктурен проект би овозможила воспоставување на директна врска со воз од Транспортниот центар во центарот на Скопје до аеродромот. „Мета.мк“ изминатава година објави серија на текстови, во кои укажа дека аеродромскиот воз би можел да биде најбрзиот, најевтиниот и најудобниот превоз за граѓаните кои патуваат до и од скопскиот аеродром. Воедно, ваквата железничка линија може да се користи како градско-приградска железница за населението од општините Петровец, Илинден и Гази Баба, но и од сè поголемиот број на граѓани вработени во индустриските зони околу аеродромот.

Во Националната транспортна стратегија за периодот 2018 – 2030 година е проценето дека изградбата на аеродромскиот воз би чинела околу 30 милиони евра. Овие средства би биле потребни за изградба на железничката пруга до аеродромот, како и за нова железничка станица кај терминалната зграда, без средствата што ќе бидат потребни за набавка на новите возови.