Фото: Принтскрин | twitter.com/JoeBiden

Откако стотици приврзаници на претседателот Доналд Трамп вчера насилно упаднаа во Конгресот на САД, ноќеска по македонско време беше вратена контролата врз законодавниот дом и конгресмените се вратија на работа, па рано утрово ја потврдија изборната победа на новиот претседател на САД, Џо Бајден, јавуваат светските новински агенции.

Конечната победа на Бајден над досегашниот претседател Доналд Трамп, кој се бореше за втор мандат, ја потврди актуелниот заменик претседател Мајк Пенс, кој беше во Сенатот кога претседавачот ги објави резултатите.

Крајниот резултат е дека Бајден и Камала Харис добија 306 електорски гласови, а Трамп и Пенс 232.

„Објавата на состојбата со гласовите од претседателот на Сенатот е доволна потврда за лицата што се избрани за претседател и заменик-претседател на САД, коишто ќе стапад на должност на 20 јануари 2021“, рече Пенс.

По прогласувањето на новиот претседател, Доналд Трамп го призна поразот и вети нормално предавање на функцијата преку соопштение кое го објави заменикот шеф на персоналот во Белата куќа, Ден Скавино. Трамп порача дека одлуката „претставува крај на најдобриот прв мандат во историјата на претседателствувањето со САД“.

„Иако воопшто не се согласувам со исходот од изборите и фактите се неповолни за мене, сепак ќе има уреден пренос нс 20 јануари“, се вели во соопштението на Трамп кое го објави Скавино.