fbpx

Поништен тендерот за изградба на пругата Бељаковце-Крива Паланка, ќе се распишува нов

-

Владата се одлучи да го поништи тендерот за избор на изведувач за изградба на втората фаза од проектот за железничко поврзување меѓу Северна Македонија и Бугарија. За изградба на пругата долга 34 километри меѓу Бељаковце и Крива Паланка од Коридорот 8 ќе се распишува трет по ред тендер за пронаоѓање на најповолен понудувач, но овој пат ќе се бара градежна компанија што ќе ја заврши целата траса од Куманово до Крива Паланка, односно во пакет ќе се тендерира првата и втората фаза од проектот.

„Владата на Република Северна Македонија на Седницата одржана нa 4.10.2020 година, ја зема во предвид ново настаната состојба што се појави во реализација на изградбата на пругата на Коридор 8, фаза 1 Куманово-Бељаковце поради еднострано раскинување на Договорот со изведувачот. Заради огромното значење на изградба на Коридор 8, како и потребата од ефикасност во изградбата на пругата, се одлучи да се поништи тековната постапка за избор на Изведувач за изградба на фаза 2, Бељаковце-Крива Паланка и повторно да се реобјави јавниот повик со тоа во јавниот повик се прецизира изградба на Фаза 1 и Фаза 2, односно планирана изградба на двете фази од еден ист изведувач“, велат за „Мета.мк“ од Министерството за транспорт и врски.

Инаку, изградбата на пругата меѓу Бељаковце и Крива Паланка претставува втор по големина инфраструктурен проект во моментов во земјава, со проектирана вредност од 147 милиони евра. До крајот на годинава, требаше да се избере изведувач за втората фаза од изградбата на пругата кон Бугарија и градежните работи да отпочнат на терен. Првиот тендер за избор на изведувач беше распишан кон крајот на мај 2016 година, но истиот пропадна. Кон средината на 2018 година, беше распишан вториот по ред тендер за пругата Бељаковце-Крива Паланка, постапката стигна до втората фаза во која влегоа осум компании со своите понуди, но владата се одлучи да го поништи меѓународниот тендер.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека во моментов надзорниот орган интензивно работи на правење на пресек во колкав обем е реализиран договорот за изградба на делницата Куманово-Бељаковце. Откако ова ќе се прецизира, ќе се дефинираат новите количини на работи кои преостануваат да се сработат. Потоа, ќе следи подготовка на тендерската документација, која треба да се координира во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). По одобрување од ЕБОР, веднаш ќе се објави јавниот повик за двете фази што ќе треба да се градат во пакет од Куманово до Крива Паланка.

Европската комисија (ЕК) пак во најновиот Извештај за напредокот на нашата земја на патот кон ЕУ упати критики за доцнењето на изведбата на железничкиот Коридор 8, за кој самата ЕУ обезбеди неповратни средства за земјава за реализација на втората и на третата фаза од проектот во висина од околу 130 милиони евра.

„Изградбата на железничкиот Коридор 8 кон Бугарија се соочува со значителни доцнења со завршени само 28 отсто. Ова ќе има сериозни последици за отворање на последниот дел од коридорот „Ориент/Источен-Медитеран“. Потребен е сериозен напор за да се забрза напредокот во сите фази на овој коридор“, се нотира во Извештајот на ЕК.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...