fbpx

ЕУ нуди средства за железница, владата повеќе сака да гради патишта

-

Европската комисија во Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан во делот за нашата земја посочува дека ќе ја финансира изградбата на нова и надградбата на постојната железничка инфраструктура. Во финансискиот пакет вреден 9 милијарди евра, кој за земјите од Западен Балкан ќе бидат достапни преку ИПА III фондовите, но и преку дополнителни грантови и кредити што би ги добиле наредниве години, Европската комисија јасно потенцира дека приоритет е поврзувањето во правец исток-запад, како и север-југ меѓу земјите од Западен Балкан.

Притоа, со средствата што ќе ги обезбеди ЕУ, за нашата земја се посочува финансирањето на железничкиот Коридор 8 помеѓу Скопје и бугарската граница, со цел двата главни града Скопје и Софија да се поврзат со воз. Воедно, во Економско-инвестицискиот план е спомената надградбата на постојната железничка врска од Ниш кон македонско-српската граница, но и повторното железничко поврзување меѓу Белград и Приштина, а со тоа и ставањето во функција на пругата на овој крак од Коридорот 10, која од Скопје преку Приштина и централниот дел на Србија, би не поврзала со Белград.

Во објавениот документ на ЕК за нашата земја се споменати единствено проектите за изградба и обнова на железничката инфраструктура, иако нашите државни власти своите приоритети со години наназад ги ставаат на изведбата на нови патишта. И завчера премиерот Заев на заедничката прес-конференција со еврокомесарот Оливер Вархеји изјави дека е задоволен што е прифатена листата на созреани национални проекти, споменувајќи го унапредувањето на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8. Сепак, во Економско-инвестицискиот план на ЕК во делот за земјава не стои никаде дека ќе се поддржуваат проекти од патната инфраструктура.

Професорот Зоран Кракутовски од Градежниот факултет при УКИМ за „Мета.мк“ вели дека Европската комисија веќе подолг период е конзистентна во транспортната политика во однос на проектите кои ги поддржува во нашата земја.

„Зошто железницата и нејзината модернизација или доградба е приоритет во овие политики? Затоа што железницата е транспортен систем кој е со речиси занемарливи екстерни транспортни трошоци предизвикани од транспортот по општеството (тоа се трошоци кои се однесуваат на влијанија врз животната средина и врз безбедноста во сообраќајот) во однос на патниот транспорт. Другиот мотив за ваквите политики на ЕК претпоставувам е во тоа што железницата е транспортен систем кој е многу поекономичен кога има транспорт на подолги растојанија и/или кога имаме голем волумен на сообраќај, а особено е значаен за земји кои немаат излез на море“, вели Кракутовски.

Неговото лично мислење е дека изградбата на железничкиот Коридор 8 и проблемите кои во последниве години се јавија се резултат на многу слабиот менаџмент во Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ за ваквите специфични и битни проекти.

„Мислам дека треба да се формира посебна Владина Агенција за инвестиции во железничката инфраструктурта која ќе ги превземе обврските и одговорноста за реализација на овие проекти“, потенцира професорот Кракутовски.

Инаку, покрај тоа што еврокомесарот Вархеји вчера дојде во Скопје со Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан, тој на владата и го достави и Извештајот за напредокот на нашата земја за 2020 година што го подготви Европската комисија. А токму таму, во поглавјето за трансевропската мрежа и европската ТЕН-Т мрежа, се нотира дека не е направен напредок во завршувањето на секторските реформи и препораките од 2019 година остануваат актуелни до денес во однос на поглавјето за транспортната поврзаност.

ЕК бара нареднава година да се зајакне оперативниот и техничкиот капацитет на сите институции кои се бават со развој на коридорите од ТЕН-Т мрежата и да се хармонизира правната рамка со европската регулатива за трансевропската мрежа.

„Изградбата на железничкиот Коридор 8 кон Бугарија се соочува со значителни доцнења со завршени само 28 отсто. Ова ќе има сериозни последици за отворање на последниот дел од коридорот „Ориент/Источен-Медитеран“. Потребен е сериозен напор за да се забрза напредокот во сите фази на овој коридор“, се нотира во Извештајот на ЕК.

Критика од Европската комисија има и за бавната реализација на кракот Д од патниот Коридор 10, односно на експресниот пат Градско-Прилеп кој продолжува кон граничниот премин Меџитлија. До надлежните државни институции, ЕК има и конкретна препорака – да се подобрат значително политиките за задржување на вработените лица во институциите кои работат на големите инвестициски проекти, бидејќи токму нивното заминување од досегашните работни места го попречува завршувањето на стратешките проекти.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Пратеници, градоначалници, фирми, граѓани – Кој колку пари донирал за кампањата на претседателските кандидати?

Некој по 500 денари, некој по 100.000 денари, а некој по 300.000 денари. Донации за кампањите за претседателските избори пристигнувале од пратеници, градоначалници, членови на партии или пак преку...