МОН: Продолжувањето на наставата со физичко присуство зависи од тоа колку одговорно ќе се однесуваме сите

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Учениците и наставниците да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19 и одговорно да се однесуваат и на двор од училиштата со цел да се спречи ширењето на болеста, апелира Министерството за образование и наука (МОН). Оттаму велат дека онлајн наставата ја следат над 80 отсто од учениците.

Ако сите се придржуваме на мерките за заштита, протоколите функционираат, велат од МОН додавајќи дека продолжувањето на наставата со физичко присуство зависи од тоа колку одговорно ќе се однесуваме сите.

„Министерството за образование и наука, заедно со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ги презема сите мерки, препораки, протоколи, алгоритми и укажуваме на целосно нивно почитување од страна наставниците, учениците и родителите“, се вели во апелот.

Потоа додаваат дека повеќе од 80 отсто од учениците ја следат онлајн-наставата без потешкотии, а останатите кои немаат уреди или интернет-врска, ги следат часовите на Националната радио-телевизија, додека наставниците имаат обврска постојано да комуницираат со нив и да им доставуваат печатени материјали.

„Министерството за образование и наука е во постојана комуникација со директорите на училиштата и локалните самоуправии тековно се работи на обезбедување услови за непречено функционирање на онлајн наставата“, стои во соопштението.