Порталб: Во Тетово сообраќајниот хаос останува проблематичен, загрозени се и учениците

Припадници на неколку јавни институции и невладини организации вчера одржаа состанок во Тетово за да разговараат за безбедноста на учениците во училиштата. Еден од најголемите проблеми кој беше посебно истакнат е густиот сообраќај во градот, што според еден од присутните директори „го загрозува животот на учениците“. За ова, припадникот на полицијата рече дека проблемот не лежи само во полицијата, туку додаде дека ЈП „Градскиот паркинг“ не работи како што треба и дека општината не помага во овој поглед, пишува „Порталб.мк“.

Џелал Алили, директор на ОУ „Наим Фрашери“, кој беше присутен на дебатата што се одржа во салата на Општина Тетово, истакна дека густиот сообраќај е сериозен проблем за безбедноста на учениците во градот, и додаде дека бил член на таква комисија но дека потоа дал оставка.

„Минатата година бев член на Комисијата за сообраќај во Тетово, дадов оставка без воопшто да учествувам на состанокот затоа што видов дека е невозможно, јас како обичен граѓанин да влијаам на подобрувањето на состојбата со сообраќајот во Тетово. Затоа и го прашав Секторот за внатрешни работи за тоа што прават? Тие можат да направат многу, но очигледно или немаат соодветни алатки или не сакаат. Секој почеток на учебната година праќам барање до надлежните органи да имаат полицајци во училиштето, барав да се постави соодветна сигнализација, истата е поставена, но не гледам полицаец. Потребна ни е локалната полиција“, рече Џелал Алили, директор на „Наим Фрашери “.

Припадникот од СВР Тетово, Бобан Симјановски, се согласи со ваквата изјава на директорот, според него, не е виновна само полицијата, туку и општината, која, како што рече тој, ЈП „Градски паркинг“ не функционира, нема доволно паркинг, ниту неопходни услуги.

„Сообраќајот во нашиот град е лош, но ние, со ресурсите што ги имаме, секојдневно се бориме со овој проблем и знаеме дека ситуацијата е таква, но не е проблем само на сообраќајната полиција; сите велат дека полицијата не работи, но тоа не е вистина. Излезете во град и ќе видите дека насекаде има полиција, ние се обидуваме да ги покриеме деловите од градот каде има повеќе сообраќај“ изјави Бобан Симјановски, службеник во сообраќајната полиција во СВР-Тетово.

Тој рече дека самите граѓани не се совесни и паркираат насекаде, а не може да се постави полиција на секој чекор. Тој посочи дека од општината не добиваат помош.

„Еве јас моментално сум кај општинската зграда, но општинскиот зонски паркинг не работи, имаме узурпации на сообраќајни места, ние од наша страна ја вршиме работата, има разни продавници кои ги узурпираат овие места. Ние имаме преземено мерки за ова, но каде се општински инспектори кои треба да дојдат и да помогнат, не можеме да ги поместиме, можеме да ги пријавиме случаите итн. Потребна ни е помош од општината, за жал овие не функционираат, услугите за паркирање не функционираат, нема доволно паркинг и има многу возила, секоја куќа има по 2-3 коли, а пак училиштата се обидуваме да ги покриеме секој ден за да можат децата да бидат безбедни“, рече Бобан Симјаноски, службеник во сообраќајната полиција во СВР-Тетово.

Ахмед Ќазими од Секторот за образование при општина Тетово рече дека ваквите координативни средби многу помагаат за подобрување на безбедноста на учениците во училиштата. Тој рече дека во однос на сообраќајот сите треба да бидеме внимателни за децата да бидат побезбедни .

„На почетокот на секоја учебна година имаме консултативна и координативна средба меѓу институциите за јавна безбедност во градот, а оваа година заедно со началниците на различни полициски одделенија одржавме состанок, на кој ги покренавме безбедносните проблеми во училиштата и околу нив со оглед на состојбата со глобалната пандемија, и со оглед на фактот дека во училиштата се присутни само првачињата, второ одделенците и градинките, на годинешната координација присуствуваа директорите на основните училишта и градинките; разговаравме за активности што се предвидени да се реализираат во институционална интеракција и проекти од областа на безбедноста на учениците при одење и враќање од училиште. Останува да се зголеми безбедноста во сообраќајот каде покрај воспитните мерки секој мора да биде одговорен за однесувањето во сообраќајот, било со кола, било како пешак, но барањето на училиштата беше надлежните полициски органи и другите институции да бидат повнимателни за да имаме слободни тротоари за ученици и пешаци, да не се дозволи паркирање на возила пред училишни згради, да не се создава сообраќаен метеж околу училишните згради и поради загрозување на безбедноста на учениците“, истакна Ахмед Казими од Одделот за образование при општината на Тетово.

Инаку, состојбата со извршување кривични дела, односно нарушување на јавниот ред и мир во и околу училиштата од година во година се подобрува, велат податоците на Секторот за внатрешни работи од Тетово. Во текот на 2013 година, во и околу училиштата биле регистрирани вкупно 40 дела на нарушување на јавниот ред и мир, во 2018-2019 година имало вкупно шест нарушувања на јавниот ред и мир, додека во 2020 година нема регистриран таков случај.