Кијив повторно нападнат со дронови, трета ноќ по ред

На целата територија на Украина, противвоздушната одбрана уништила 20 дронови и две крстосувачки ракети

-

Ноќеска, трет ден по ред, украинскиот главен град Кијив беше повторно цел на руски напади, при што украинската противвоздушна одбрана неутрализирала десетина непријателски летала, јавува украинската државна новинска агенција ukrinform.net, повикувајќи се на Воената администрација на градот Кијив.

„Три дена по ред, Кијив беше нападнат со Шахиди (дронови произведени во Иран). Минатата ноќ беше извршен најголемиот напад со ирански дронови. Беспилотните летала навлегуваа над главниот град од различни правци. Околу 10 непријателски цели беа детектирани и уништени од единиците на противоздушната одбрана и системите во воздушниот простор над Кијив“, објаснува Серхиј Попко, шефот на Воената администрација на градот Кијив.

Делови од непријателските дронови паднале во неколку населби, при што има оштетувања на куќи. Повредени се 19-годишна девојка и двајца мажи, кои се пренесени в болница.

„Поприлично гадна ноќ“, реагираше на Твитер британската амбасадорка во Украина, Мелинда Симонс. Таа објасни дека цел на дроновите била и населбата во којашто таа живее.

На целата територија на Украина, противвоздушната одбрана уништила 20 дронови и две крстосувачки ракети.

Во изминатиот 24-часовен период во Украина, продолжија воените дејствија и во другите подрачја. Напади се вршени и во регионот Донецк, каде биле повредени осуммина жители, а можно е да има и повредени и мртви во Мариупол и Волноваха, но од таму нема точни информации.

Во регионот Харкив, руските агресорски сили веќе имаат до 20.000 војници во секторот Купјанск, но украинските вооружени сили ја држат ситуацијата под контрола, известува ukrinform.net.

Инаку, претседателски и парламентарни избори во Украина дефинитивно ќе има дури по крајот на војната, јавува агенцијата, повикувајќи се на една пратеничка.

МОН: Историја, географија, физика, хемија и биологија повторно ќе бидат посебни предмети

Направени се измените на Концепцијата за основно образование, на чија потреба во изминатиот период упатуваше стручната и пошироката јавност, а особено наставниците од основните училишта, информираат од Министерството за...