Топлотен бран: излегувајте ако е неопходно, внимавајте на храната и заштитете ги животните

Tоплотниот бран зафати делови од јужна Европа и северозападна Африка, а се прогнозира дека во овие делови од светот во наредните денови ќе бидат забележани рекордни температури

-

Топлотниот бран зафати делови од јужна Европа и северозападна Африка, а се прогнозира дека во овие делови од светот во наредните денови ќе бидат забележани рекордни температури. Се очекува температурите да надминат 40 степени Целзиусови во делови од Шпанија, Франција, Грција, Хрватска и Турција, јави Би-Би-Си.

Од денеска во земјава, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението почнуваат да важат следните препораки:

  • Ослободување од работни обврски на најранливите групи население (бремените жени и лица на возраст над 60 години);
  • Во градинките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот;
  • Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници,
  • Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на  обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Сите региони во државата, Скопскиот, Осоговско-Малешевскиот, Пелагонискиот и Охридско-Преспанскиот се во портокалова фаза.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство соопштуваат дека со порастот на температурите се зголемуваат и потенцијалните ризици од појава на труење со храна. Високите температури се потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив навреме не се преземат мерки за обезбедување на доволни количини храна и вода за пиење.

„За да се спречи евентуална појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор и нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување на храната. При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната, да се купува храна од проверени места каде има услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди“, апелираат од АХВ.

Оттаму додаваат дека за да се спречи расипување, разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред консумација треба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат.

Понатаму, од АХВ апелираат дека сопствениците на домашни миленици мора да се придржуваат на неколку правила за да спречат несакани последици од топлотен удар.

„Милениците да не се оставаат во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце, да се избегнуваат прошетки на домашните миленици во текот на најтоплиот период од денот. На животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода, да се обезбеди престој во проветрени простории. Порастот на температурите над 30 степени Целзиусови и за животните на фармите претставува голем стрес кој може да се манифестира со намалено консумирање на храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст“, велат од АХВ.

Во случај на топлотен удар кај животните (забрзано и плитко дишење, тетеравење, зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите), животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество на воздух и, да му се даде доволна количина свежа вода. Телесната температура, апелираат од АХВ, да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо.

Франција преку свои експерти ќе помага во процесот на реформи во правосудството

Министерот за правда Игор Филков одржа средба со Амбасадорот на Франција, Н.Е.Кристоф Ле Риголер на која се разговараше за соработката меѓу двете земји во областа на правосудството, проектите и...