fbpx

Преживеани тврдат дека грчките крајбрежни власти ги присилиле мигрантите за несреќата да ги обвинат Египќаните

Двајца преживеани во катастрофата за Би-би-си велат дека мигрантите биле замолчени и заплашени од грчките власти, откако сугерирале дека крајбрежната стража можеби била виновна за трагедијата

-

Продолжуваат бранувањата околу трагедијата што минатиот месец се случи во близина на грчкиот јужен брег кај градот Пилос, кога се преврте рибарски брод кој превезуваше мигранти од Либија кон Италија. Новите докази дополнително ја оспоруваат официјалната верзија на грчките власти за смртоносното потонување на бродот во кое се проценува дека загинале до 600 лица.

Двајца преживеани опишале како крајбрежната стража ги притиснала да опишат деветмина Египќани кои биле на бродот како трговци со луѓе, објави Би-би-си.

Деветмината граѓани на Египет беа приведени набрзо по потонувањето на бродот и беа обвинети за убиство од небрежност и шверц на луѓе.

Двајцата преживеани во катастрофата велат дека мигрантите биле замолчени и заплашени од грчките власти, откако сугерирале дека крајбрежната стража можеби била виновна за трагедијата.

Изминатиов месец беа изнесени тврдења дека крајбрежните власти користеле јаже за да го влече рибарскиот брод што можеби го предизвикало потонувањето, а истото го покажа и неодамна објавената истрага на Гардијан, германскиот јавен радиодифузен сервис АРД/НДР/Фанк и грчкиот истражувачки медиум Соломон во соработка со Форензис – истражувачка агенција со седиште во Берлин, Германија која ги истражува прекршувањата на човековите права.

Грчката крајбрежна стража била одговорна за потонувањето на мигранскиот брод, покажува независна истрага

„Тие прикачија јаже од лево. Сите се префрлија на десната страна на нашиот брод за да го избалансираат. Грчкиот брод тргна брзо, предизвикувајќи нашиот брод да се преврти. Тие продолжија да го влечат и понатаму“, вели еден од преживеаните за Би-би-си.

Мажите опишале како поминале два часа во вода пред да бидат спасени од крајбрежната стража и однесени на копно.

„Кога луѓето рекоа дека грчката крајбрежна стража е причината, службеникот задолжен за испрашувањето побара од преведувачот да му каже на соговорникот да престане да зборува“, велат сведоците за Би-би-си, кои додаваат дека на спасените им било кажано да бидат благодарни што не умреле.

Ново видео од пренатрупаниот брод исто така фрла сомнеж врз верзијата за настаните на грчките власти. Видеото било направено во момент кога бродот бил во состојба на мирување во водата.

„Би-би-си Верифај“ потврди дека снимката била снимена во време кога крајбрежната стража тврдела дека на бродот не му треба спасување и всушност била снимена од самата стража.

Сервисот успеал да потврди и дека поголемиот брод во заднина е танкер со нафта од кој било побарано да му даде намирници на малиот брод со мигранти.

„Би-би-си Верифај“ виделе и судски документи кои покажуваат сериозни несогласувања помеѓу сведоштвата на преживеаните дадени за крајбрежната стража и доказите кои подоцна биле презентирани пред судијата.

Во првичните изјави на петмина преживеани, никој не спомнал дека крајбрежната стража се обидела да го влече мигрантскиот брод со јаже. Неколку дена подоцна, пак, пред судијата, сите објасниле дека имало неуспешен обид за влечење.

Крајбрежната стража првично негираше дека користела јаже, но подоцна ја повлече изјавата, признавајќи дека користела едно јаже – наводно, само за да се обиде да се качи на бродот и да ја процени ситуацијата.

Во друг извештај за истрага за шверц на луѓе објавен минатата година, откако друга група мигранти беше спасена од крајбрежната стража во Грција, се опишува како сведоците во инцидентот биле заплашувани од крајбрежнтие власти. Правниот случај тогаш пропадна пред да дојде до судење, но сведоштвата отворија прашања за тоа како грчките власти се справуваат со вакви катастрофи.

Грчките власти сега тврдат дека обвинетите Египќани се дел од шверцерски синџир. Доколку бидат прогласени за виновни, се соочуваат со доживотна казна затвор.

Повиците за меѓународна независна истрага, упатувани и од страна на ОН, досега се игнорирани. Европската комисија посочи дека верува во грчката истрага.

Студија нарачана од групата Зелени/Европска слободна алијанса во Европскиот парламент покажа дека просечното судење во Грција за мигранти обвинети за криумчарење луѓе траело само 37 минути, а просечната затворска казна била 46 години.

Во студијата се вели дека пресудите често биле донесувани по сведочењето на еден полицаец или службеник на крајбрежната стража и, во повеќе од три четвртини од случаите, тие не се појавувале на суд за нивните тврдења да бидат вкрстени со други сведоштва.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...