fbpx

Грчката крајбрежна стража била одговорна за потонувањето на мигранскиот брод, покажува независна истрага

Истрагата покажала дека бродот се свртел кон југ и бил во мирување најмалку еден час, пред да се случи вториот и фатален обид за влечење од страна на крајбрежната стража

-

Обидите на грчката крајбрежна стража да го влече рибарскиот брод кој превезувал стотици мигранти е веројатно причината за потонување на бродот, покажала заедничката истрага на Гардијан, германскиот јавен радиодифузен сервис АРД/НДР/Фанк и грчкиот истражувачки медиум Соломон во соработка со Форензис – истражувачка агенција со седиште во Берлин, Германија која ги истражува прекршувањата на човековите права.

Овие медиуми започнаа истрага за инцидентот во кој се проценува дека се исчезнати над 500 лица. Рибарскиот брод што превезуваше мигранти од Либија кон Италија потона во близина на грчкиот брег на 14 јуни, а 104 лица ја преживеаја несреќата.

Репортерите и истражувачите спровеле повеќе од 20 интервјуа со преживеаните и ги искористиле судските документи, како и изворите на крајбрежната стража за да изградат слика за пропуштените шанси за спасување и игнорираните повици за помош.

Повеќемина преживеани рекле дека обидите на грчката крајбрежна стража да го влече бродот на крајот го предизвикале неговото потонување.

Крајбрежната стража на Грција, пак, жестоко негира дека се обидувала да го влече бродот.

Истрагата на медиумите открива нови докази, меѓу кои и тоа дека брод на крајбрежната стража закотвен на пристаниште во близина не бил испратен до местото на инцидентот, но и оти грчките власти дури три пати не реагирале на понудите за помош од Фронтекс – агенцијата за гранична и крајбрежна стража на ЕУ.

Во превртениот брод кај Пелопонез најверојатно имало околу 100 деца

Форенсис ги мапирала последните часови на бродот пред потонувањето, користејќи податоци од дневникот на крајбрежната стража и сведочењето на капетанот на рибарскиот брод, исто како и рутата на движење, податоци за поморскиот сообраќај, сателитски снимки и информации од видеа направени од блиските комерцијални бродови и други извори.

Последните движења на рибарскиот брод биле во спротивност со тврдењата на крајбрежната стража на Грција и откриваат недоследности во официјалниот извештај за настаните, вклучително и насоката и брзината на движење на бродот.

Истрагата покажала оти пренатрупаниот брод почнал да се движи кон запад откако се сретнал со единствениот брод на грчката стража што бил испратен на местото. Според повеќе сведоштва на преживеаните дадени за Гардијан и пред грчките обвинители, крајбрежната стража им рекла на мигрантите дека ќе ги одведе во Италија. Ова се коси со официјалната верзија на грчките власти дека бродот сам почнал да се движи кон запад. Покрај ова, истрагата покажала и дека бродот се свртел кон југ и бил во мирување најмалку еден час, пред да се случи вториот и фатален обид за влечење од страна на крајбрежната стража.

Повеќето преживеани опишуваат различни настани кои укажуваат на тоа дека бродот навистина бил влечен.

„Чувствувам дека се обидоа да нѐ истуркаат од грчките води за да заврши нивната одговорност“, изјавил еден од преживеаните.

Точните околности на потонувањето не можат да се докажат во отсуство на визуелни докази, пишува Гардијан. Неколку преживеани сведочеле оти им биле одземени телефоните од властите, а други навеле дека снимиле видеа неколку моменти пред потонувањето.

Останува прашањето зошто новиот брод на грчката крајбрежна стража што отишол на местото – наречен „920“ и кој бил мнозински финансиран од ЕУ, не ја снимил операцијата на своите термални камери.

Крајбрежната стража на Грција соопшти дека нема да ги коментира оперативните прашања или тековната истрага која е доверлива.

Девет Египќани од бродот се уапсени под повеќе обвиненија, вклучително и ненамерно убиство, предизвикување бродска несреќа и шверц на мигранти. Тие негираат дека сториле нешто лошо.

Речиси половина од луѓето на бродот чиј број се проценува на околу 750, биле пакистански државјани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...