fbpx

Градоначалниците со четири барања до Арсовска за проблемот со ѓубрето, таа вели дека состојбата е нормализирана

-

Советот за развој на Скопскиот плански регион денеска одржа вонредна седница со единствена точка на дневен ред, проблемот со комуналната хигиена. На седницата присуствувале најголемиот број од 18 градоначалници од Скопскиот регион. На седницата не учествувала градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

На седницата, како што информираше претседателот на Советот, градоначалникот на Илинден, Александар Георгиевски, усвоени биле четири точки. Како прво, одлучено било да се бара извештај од Град Скопје за состојбата во која се најде градот и да им се достави во рок од 48 часа. Донесена е и препорака за одржување вонредна седница на Град Скопје за нефункционирањето на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, на која ќе се разговара за причините и последиците од неодложувањето на отпадот. Понатаму, се нагласува и потребата од иницијатива за формирање општински претпријатија во рамките на Градот Скопје, во рамките на законските можности. За крај, како што информираше Советот, како заклучок, ќе се бара од страна на Владата да се вклучи во итно решавање на проблемот и вклучување со сите ресурси за решавање на оваа непогода.

„Она што ние го бараме предавање на механизацијата на нас, да ни се предадат надлежностите. Сметаме дека како општини, со помалку ресурси ќе обезбедиме поголема и подобра услуга. За ова денеска некој веќе требаше да понесе одговорност и некој требаше да депонира оставка. Не може на сметка на 30-40 луѓе да го блокирате цеиот град. Овде, поради сомневања нечии за нешто, сè е блокирано. На граѓаните не им е важно тоа, сакаат да им биде чисто, за тоа плаќаат“, рече градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, додавајќи дека искрени жали и се кае што ѝ дал поддршка на градоначалничката Арсовска.

Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски изрази големо незадоволство од тоа што ЈП „Дрисла“ не прифаќа да го прими отпадот што го собрале општините.

„Тоа е јавно претпријатие, наше, ваше претпријатие. Нека престане политиката веќе. Оваа агонија мора да престане. Еве и камионите на Општина Центар не се примаат, тука е и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, нека каже и тој, четири полни камиони стојат пред Дрисла“, рече Муцунски.

„Проблемот е заеднички, не треба да се политизира, решението е што побрзо да се изменаџира проблемот. Доколку градот не го реши тоа, првично бараме рампите во Дрисла да се кренат. Камионите се наполнети и заглавени и не може да продолжи самата акција. Бараме да се најде решение, но додека не најдат решение, барем нека ни дозволат ние да функционираме и да ги чистиме општините“, рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Од друга страна, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на својот профил на Фејсбук, објави дека е „извојувана уште една победа со цел заштита на јавниот интерес, интересот на скопјани“.

„Скопје се чисти, екипите на Комунална хигиена Скопје се на терен, состојбата во претпријатието е нормализирана. Не дозволивме и нема да дозволиме мафијашки структури заедно со политичкиот смет да наштетат на интересите на македонските граѓани.Она што го ветив пред граѓаните е дека ќе работам чесно и во нивен интерес и ништо нема да ме спречи да го исполнам дадениот збор“, напиша Арсовска, објавувајќи фотографии од испразнети контејнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Хамас не го прифаќа понудениот договор за примирје, преговорите продолжуваат

Висок функционер на Хамас во текот на ноќта изјавил за новинската агенција Франс прес (АФП) дека одговорот на групата на предложениот договор за примирје со Израел, а постигнат со...