Најмалку 78 тела се пронајдени од спасувачите откако рибарски брод со мигранти рано утрово се преврте и потона во близина на јужниот брег на Грција, кај градот Пилос на Пелопонез.
Грчкиот портал „Екатимерини“ пишува дека постојат стравувања оти бројот на загинати може дополнително да се зголеми.
Спасени се 104 лица, а информациите сугерираат дека на бродот се наоѓале повеќе од 400 луѓе.
Во потрагата по преживеани се вклучени два патролни чамца на Грчката крајбрежна стража, еден спасувачки брод, грчката морнарица, седум крајбрежни бродови, хеликоптер и беспилотно летало на Фронтекс.
Портпаролот на грчкото Министерство за поморство најави дека спасувачките операции ќе продолжат и во текот на ноќта, јави „Екатимерини“.
Според „Јуроњуз“, четворица од преживеаните се хоспитализирани со симптоми на хипотермија.
Се верува дека чамецот тргнал од областа Тобрук во источна Либија и пловел кон Италија.