fbpx

Собранието ги усвои законските измени – се решава статусот на лицата без државјанство

УНХЦР, Агенцијата за бегалци на ОН, го поздрави денешното усвојување на законските измени, оценувајќи го како најнов чекор во низата мерки кои властите ги преземаат за да го спречат и решат бездржавјанството

-

Собранието попладнево ги усвои измените на Законот за матична евиденција, измени кои треба да овозможат решавање на сите познати случаи на бездржавјанство, но и секое дете родено во земјата да добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители се без документи или без државјанство.

УНХЦР, Агенцијата за бегалци на ОН, го поздрави денешното усвојување на законските измени, оценувајќи го како најнов чекор во низата мерки кои властите ги преземаат за да го спречат и решат бездржавјанството.

Секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија има право на упис во матична книга на родени веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители, стои во еден од членовите на Законот за матична евиденција.

„Ова водство за пример покажано од Собранието на Република Северна Македонија е најновиот чекор во низата мерки кои властите ги преземаат за да го спречат и решат бездржавјанството, вклучувајќи ја и таа со која Министерството за внатрешни работи им додели државјанство на 290 лица без државјанство. УНХЦР ќе ги поддржува институциите да ги спроведуваат законските одредби и тесно да соработуваат со разни чинители за да се спречат нови случаи на бездржавјанство“, изјави претставничката на УНХЦР, Моника Сандри.

Од УНХЦР велат дека денешното донесување на измените на Законот за матична евиденција е важен чекор кон остварувањето на меѓународните обврски на државата. Овој напор на целото општество, оценува Агенцијата за бегалци на ОН, го трасира патот на државата да стане првата држава во Европа и втората во светот која ќе го искорени бездржавјанството.

„Се надеваме дека ќе сведочиме слично заедништво и солидарност на Глобалниот форум за бегалци што ќе се одржи во декември. Законските измени беа можни благодарение на заедничките напори од државните власти, граѓанското општество, медиумите, ОБСЕ, Делегацијата на ЕУ, Советот на Европа, агенциите на ОН и други кои работат заедно како дел од глобалната кампања #ЈасПрипаѓам (#IBelong) за да се стави крај на бездржавјанството до 2024 година“, велат од УНХЦР.

Денот кога Собранието ги усвои законските измени се совпадна со денот на погребот на момчето Мемет Камбер. Тој почина на 24 мај годинава, поради сериозни компликации предизвикани од неоткриен дијабет. Деветнаесетгодишниот Мемет немаше здравствена книшка ниту пак лична карта, а со туѓа книшка отиде во болница кога веќе беше предоцна.

Неговото безживотно тело три недели стоеше во капелата на гробиштата Бутел во Скопје, пред денеска да биде погребано, поради бирократски пречки од немањето документи. Административните служби работеле на проблемот со кој требало да се докаже кои се биолошките родители на Мемет, за истите според законот и доказот од ДНК анализата да бидат запишани во матичната книга.

Од Институтот Ромалитико предупредија дека освен Мемет, постојат и други примери на лица кои го загубиле својот живот или пак се соочиле со сериозни потешкотии во процесот на добивање на здравствена заштита.

Моментално имаме околу 1.000 лица без документи, кои се под закана да ја имаат истата судбина како Мемет, изјавија неодамна од Институтот Ромалитико со апел што побрзо да бидат донесени законските измени и да се реши статусот на овие лица, кои би ги добиле сите права како и останатите граѓани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...