Контраспин: Левица спинува дека Македонија е вклучена во репресии на Србите на Косово

И барањето за учество само во мисии под капата на ООН, истакнато во реакцијата на Левица, е контрадикторно. Имено и КФОР е мисија која е под капата на Обединетите нации

Фото: Министерство за одбрана

Реагирајќи на одлука на Влада за испраќање на 31 припадник на АРМ на Косово на шест месеци, Левица спинува дека КФОР е репресивна сила која често употребува прекумерна сила врз Србите, дека со одлуката на Владата и земјата е вклучена во такви репресалии, дека над 90 отсто од македонското население ја осудува таквата одлука и дека мисијата не е во рамките на ООН. Сево ова се спинувани информации во реакцијата на Левица, која што, патем, има целосно легитимно право да бара АРМ да не учествува во мисии на НАТО, зашто програмските определби на партијата се јасно анти-НАТО-вски, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Пишува: Теофил Блажевски

Политичката партија Левица побара од македонската влада да ги повлече војниците на АРМ кои учествуваат во мировната мисија на НАТО на Косово – КФОР и во иднина државата да учествува само во мировни мисии што се под капата на Организацијата на обединетите нации (ООН). Притоа, во образложението на ваквото барање може да се регистрираат спинувани елементи:

Спин: Изминатите неколку месеци често сме сведоци на тоа како приштинските власти, на чело со Аљбин Курти, предизвикуваат нестабилност на северот на КиМ со тоа што спроведува репресивни политики вршејќи класично насилство над мирното српско население во КиМ.

Репресии врз населението кое се обидува да ги заштити своите основни права на северот од Косово и Метохија би биле тешко возможни доколку не постоеше империјалистичката маша на КФОР. Имено, во многу наврати припадниците на КФОР употребуваа прекумерена сила за да ги задушат протестирачите кои легитимно се бореа за своите права погазени од репресивната власт, застанувајќи на страната на посилните и вооружените, а против обичниот народ…

Владата на СДС и ДУИ минатата недела донесе одлука за испраќање на 31 припадник на македонската армија да учествуваат во операцијата на КФОР на КиМ, во период од 6 месеци! Со ваквата одлука, марионетската Влада го продолжува директното учество во репресиите врз српскиот народ на Косово и Метохија, репресија која се спроведува во корелација и под палката на нашите „стратешките партнери“.

Левица, како и над деведесет проценти од македонското население, го осудува ваквиот потег на Владата…

[Извор: Антропол – Реакција на Левица, датум: 10.07.2023]

 

Контраспин: Левица, сосема легитимно и согласно своите програмски определби како јасно позиционирана анти-НАТО партија, има право да се залага и да бара државата повеќе да не испраќа припадници на АРМ во мисии на НАТО, но при образложението околу поводот за ваквото барање комуницира со јавноста и преку извртување на вистината, т.е. спинување.

Во реакцијата на Левица по повод одлуката на Владата на РСМ да испрати 31 припадник на АРМ во шест месечна мисија во рамките на КФОР, има нецелосни информации и спин и во однос на тоа дека КФОР врши репресија и во однос на учеството, т.е. улогата на војниците од С. Македонија во рамките на самиот КФОР и во однос на јавното мислење во државата.

Секој оној кој малку ги следи настаните околу и во Косово, знае дека, до пред жестоките нереди во неколку општини на северот на Косово населени претежно со Срби, пред сè, во Општина Звечан, НАТО силите во рамките на КФОР речиси никогаш не користеле репресивни мерки во рамките на нивната мисија на Косово, која е, пред сè, мировна и треба да го гарантира мирното политичко решавање на недоразбирањата помеѓу Приштина и Белград.

Второ, кога излегоа на терен, после протестите на српското население во четири општини, излегоа всушност да спречат поголема ескалација, затоа што се поставија во улога на заштитник на општинските згради и со тоа еден вид бај пас или замена за косовските специјални полициски сили, кои во огромен број беа испратени да ги чуваат новите албански градоначалници, по изборите на 23.04.2023 кои Србите масовно ги бојкотираа. (Причините за бојкотот се дискутабилни, но недискутабилно е дека со само 3, 4 отсто излезност во четирите општини, новите албански градоначалници нема да имаат легитимитет да управуваат со општините, зашто таа локална власт нема да ја отсликува политичката волја на поголемиот дел од гласачите или на мнозинството од населението).

Трето, локалното српско население, кое протестираше против инаугурацијата на новите албански градоначалници и општински совети со одлука на Владата на Курти за „спроведување на правната држава на целата територија“ од 26.05.2023 г., не беше воопшто нежно при изразување на протестот нa 29.05.2023 г. Имаше и превртени и запалени контејнери, возила, употреба на „молотовки“, плочки и камења, вклучувајќи и огнено оружје, за што сведочат и официјалните податоци и од КФОР. Од другата страна имаше и две лица, Срби, со прострелни рани кои беа донесени во Клиничката болница во Косовска Митровица, но сè уште нема епилог за тоа кој прв пукал во кого на 29 мај кога беа првите жестоки судири во општината Звечан или дали откако е пукано настанале насилни акции. Де факто, тој ден КФОР прво „ги спасуваше“ припадниците на косовските специјални сили (РОСУ), кои беа блокирани и опколени од демонстрантите,  а потоа и цивилите и со таа акција можеби спречи и поголема радикализација или повеќе жртви.

А, за жестокоста на српските демонстранти, покрај видеата и фотографиите на странските агенции зборува и сопштението од КФОР испратено на 30 мај, во кое се вели дека вкупниот број на повредени припадници на мисијата од неиспровоцираниот напад врз КФОР во Звечан се искачил на 30 војници.

Притоа повредени се 11 војнци од италијанскиот контингент и 19 војници од унгарскиот, а повредите се разновидни, вклучувајќи и фрактури и изгореници од импровизирани запаливи средства („молотови коктели“ – н.з.). Тројца унгарски војници се ранети од огнено оружје. Нивните повреди не се животозагрозувачки.

Во истото соопштение се наведува дека НАТО решил да испрати засилен број на свои припадници во четирите општини откако албанските градоначалници влегоа во општинските згради, како превентива од насилства и да ги заштитат животите на двете страни, но дека „биле нападнати од агресивна толпа која постојано се зголемуваше. КФОР секогаш работи со цврстина и воздржаност, во рамките на строгите Правила за ангажман. Во овој случај, КФОР одговори на неиспровоцираните напади на насилна и опасна толпа, додека го извршуваше својот мандат од ОН на непристрасен начин“, се наведува во соопштението од Командата на КФОР.

 

Војниците и офицерите на АРМ не излегуваат да сузбиваат демонстрации

Четврто, кога Левица тврди дека македонската влада де факто е вклучена во репресиите врз српксото население на Косово преку војниците на АРМ во КФОР, не кажува никакви детали за тоа каде се распоредени војниците и офицерите и какви задачи извршуваат.

Според официјалните податоци на МО, војниците на АРМ се распоредени на задача на обезбедување на Регионалната Команда на КФОР во Пеќ, како и во рамки на учество во Командата во Приштина:

Владата на Република Северна Македонија, во октомври 2020 година, донесе Одлука за испраќање на 44 (2-штабни офицери во Главната команда на КФОР во Приштина, 1 штабен подофицер и 1 вод за обезбедување во Регионалната команда на КФОР – Запад во Пеќ) припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата “КФОР” во Република Косово. Првиот контингент со македонски мировници во НАТО операцијата “КФОР” во Република Косово се упати на 01.11.2020 година. Контингентот е распореден во рамки на италијанскиот контингент. Од април 2021 година придонесот во НАТО операцијата “КФОР” е зголемен за 21 припадник или вкупно 65 припадника, се наведува на сајтот на МО.

Но, ако се прочита повеќе, станува јасно дека претходницата на македонското учество во рамките на КФОР е од 2005 година со формирање на Координативен центар при Генералштабот на АРМ „за соработка со земја домаќин“, со што КФОР – на кого С. Македонија му дава и логистичка поддршка кога единици од оваа мисија се на територијата на земјата – само се надодава како мисија по мисиите во Ирак, Авганистан, БиХ и Либан.

Сето ова значи дека ниту физички, ниту фигуративно, АРМ, Владата или кој било друг, учествува во репресии на Косово.

 

КФОР е под надлежност на ООН

Патем, и барањето за учество само во мисии под капата на ООН, истакнато во реакцијата на Левица, е контрадикторно. Имено и КФОР е мисија која е под капата на Обединетите нации:

Под надлежност на Обединетите нации (Резолуцијата 1244), НАТО ја предводи поддршката на мировната операција на Косово од 12 јуни 1999, во рамките на пошироки меѓународни напори за изградба на мир и стабилност во оваа област.

Задачите му се да придонесе за безбедна средина, поддршка и координација на меѓународните хуманитарни напори и обезбедување цивилното присуство, да го поддржи развојот на стабилно, демократско, мултиетничко и мирно Косово и да го поддржува развојот на Косовските безбедносни сили, се појаснува на страницата на КФОР, а за повеќе детали може да се прочита и на овој линк на НАТО.

И конечно, кога Левица вели дека „над деведесет проценти од македонското население го осудува ваквиот потег на Владата…“, исто така, спинува, бидејќи со сигурност е само точно дека Левица го осудува. За тоа колку и дали дали граѓаните го осудуваат потегот не е спроведено подетално истражување или барем некоја едноставна анкета, така што за бројките може само да се шпекулира.

Поради сите погоре искажани аргументи, може да се оцени дека во реакцијата на Левица што беше предмет на анализа претставува спин.

 

hubmk