fbpx

Без Фонд за енергетска ефикасност и инвестиции, ќе нема намалување на аерозагадувањето

-

Македонската влада догодина треба да започне со користење на 25 милиони евра кредит од Светската банка со кој е предвидено до 2025 година да се изврши реновирање на околу 100 јавни објекти на локално и централно ниво преку примена на мерките за енергетска ефикасност. Од Министерството за финансии за „Мета.мк“ велат преку проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор може да се влијае на значително намалување на аерозагадувањето во градовите низ земјава.

Досега се направени првичните проценки за тоа колку ќе се намалат штетните емисии по завршувањето на целокупната инвестиција преку кредитот. Па така, јавните објекти по нивната санација би требало да го намалат испуштањето на ПМ 2.5 честичките за 69.866 тони, додека емисијата на јаглерод диоксид во воздухот преку реализацијата на проектот би се намалила за 234.919 тони CO2 еквивалент.

– Бројката ќе зависи од резултатите на спроведените енергетски ревизии на предложените објекти, кои ќе треба да ги посочат најисплатливите мерки за енергетска ефикасност за секој објект – посочуваат од Министерството за финансии.

Преку кредитот од Светска банка ќе бидат вклучени објекти што се под капата на Министерството за здравство, како и згради што се во сопственост на локалните самоуправи низ земјава. Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор ќе биде предвесник на формирањето на идниот Фонд за енергетска ефикасност, со кој треба да се интензивираат инвестициите во намалување на потрошувачката на енергија во објектите.

Покрај за санација на околу 100 згради, кредитот од Светска банка предвидува да се издвојат и 5 милиони евра за формирање на Фондот за енергетска ефикасност. Овој иницијален капитал би се употребил за надоместување на трошоците за идниот персонал, маркетинг и предвидените енергетски контроли, проекти и инвестиции врз објектите на кои првично би се работело. Националниот фонд за енергетска ефикасност ќе се воспостави во рамките на Развојната банка на Северна Македонија.

Како клучен предуслов за воспоставување на ваквиот фонд, неопходно е националното собрание да го усвои Предлог – законот за енергетска ефикасност. Токму во членот 30 е вклучена одредба за формирање на Националниот фонд, преку кој би се инвестирало во мерки за намалување на потрошувачката на енергија, а со тоа и на аерозагадувањето во земјава.

Првото читање на предлог – законот за енергетска ефикасност е вклучено во дневниот ред на денешната 123 седница на Собранието на РСМ, но тој е вметнат дури како 67 точка по која ќе расправаат пратениците. Со оглед на бројните задолженија што македонските пратеници треба да ги завршат пред распуштањето на Собранието, прашање е дали целосната процедура за усвојување на овој закон ќе биде завршена од овој парламентарен состав пред изборите.

Македонија е на самото дно во Европа, како во поглед на непостоењето на Закон за енергетска ефикасност, така и во делот на отсуството на Национален фонд за енергетска ефикасност преку кој би се реализирале најголем дел од инвестициите за намалување на потрошувачката на енергија во објектите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...