!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Вељаноски: СЈО со одлуката за „Пуч“ потврди дека е партиски разгранок на СДСМ


Скопје, 18 јануари, 2017 - 16:29 (META) 

Со денешната одлука за повлекување на обвинението за случајот „Пуч“, СЈО потврди е партиски разгранок на СДСМ/Сорос, изјави денеска на прес-конференција актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.

Тој истакна дека Јанева „не е обвинител кој работи независно туку по наредбите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и на нарачателите од странство“.

– Од денеска Јанева и Специјалното јавно обвинителство влегуваат во ново руво, а во одбрана на криминалот. Со денешната одлука Јанева застана зад Заев и зад Верушевски, кои дури се обидоа да ја заобиколат волјата на граѓаните и без избори да се дограбат до власта со објавување на креирани и монтирани материјали – рече Вељаноски.

Со денешната одлука, додаде Вељаноски, „СЈО целосно се делегитимира и се откажа од основната функција заради која е формирано“.

– Тоа потврди дека неговата задача не е расветлување на скандалот со прислушувањето, туку вклучување во политичката битка. Немаме дилеми дека СЈО е партиски разгранок на СДСМ – рече Вељаноски.


Собранието не избра претседател, само ги верификуваше мандатите на пратениците


Скопје, 30 декември, 2016 - 15:47 (META) 

Собранието попладнево ги верификуваше мандатите на сите 120 пратеници. По предлог на Верификационата комисија, „за“ гласаа 114 пратеници, а ниту еден против или воздржан.

– Врз основа на извештајот на Државната изборна комисија (ДИК) за изборите одржани на 11 декември, комисијата констатира дека нема основа за оспорување на верификацијата на мандатите на 120 пратеници. Верификационата комисија му предалага на Собранието да ги верифицира мандатите на пратениците во Собранието на РМ – рече Владимир Ѓорчев.

Пред гласањето, пратеникот Ибрахим Зекирија од Беса го повика Собранието да не го верификува мандадот на Јохан Трчуловски од ВМРО-ДПМНЕ, поради тоа што беше осуден од Хашкиот трибунал за злосторства врз албанско население во 2001 година. Зекирија не го посочи со име Трчуловски, но јасно алудираше на кого мисли.

– Јас сум загрижен што денеска во Собранието станува пратеник некој што од Хашкиот суд беше осуден за злосторства кон албанските цивили во 2001 година. Тие беа мои соселани во Љуботен. Го повикувам Собранието да не го верификува мандатот на овој пратеник – рече Зекирија.

На ова реагираа претседателот на Собранието во заминување, Трајко Вељаноски, кој претседаваше со конститутивната седница, и Илија Димовски, двајцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Вељаноски рече дека треба да има деловнички или законски причини за некому од пратениците да не му биде верификуван мандатот, а не врз основа на тоа дали некој некому се допаѓа или не.

– Изборната кампања, кога можеа да се даваат разни квалификации, заврши. Собранието и пратениците треба да работат конструктивно. Ако правиме список кој кому не му се доаѓа, тој би бил многу долг – рече пратеникот Димовски.

Иако беше најавена како точка на дневниот ред, Собранието на денешната седница не го избра новиот претседател и потпретседателите на законодавниот дом бидејќи, како што рече Вељаноски, сè уште нема предлог од десетмина пратеници за нов спикер и за негови заменици.

Вељаноски ја прекина денешната седница, а следната, кога треба да биде избран новниот претседател на Собранието, ќе биде закажана дополнително, кога ќе се создадат деловнички услови за тоа.


Новото Собрание ја почна конститутивната седница


Скопје, 30 декември, 2016 - 14:16 (META) 

Избраните пратеници денеска во 13 часот се собраа на конститутивната седница на новиот состав на Собранието на Република Македонија. Седницата ја отвори и со неа претседава претседателот на Собранието во заминување, Трајко Вељаноски, кој за свои заменици ги назначи пратениците Стојан Миланов и Јусуф Хасани.

По прозивката на пратениците, беше констатирано дека на седницата се присутни 118 од вкупно 120 избрани пратеници. На седницата единствено не се присутни двајцата пратеници на ДПА, Мендух Тачи и Бардуљ Даути.

Оливер Спасовски од СДСМ реагираше процедурално, посочувајчќи дека според пратеничката група на СДСМ, седницата треба да ја води највозрасниот пратеник, а не Вељаноски. Тој се повика на практиката од конституирањето на претходните два парлементарни состави, во 2011 и во 2014 година, нагласувајќи дека со нив не претседавал Вељаноски, туку највозрасниот пратеник.

На ова Вељаноски кусо реплицираше дека практиката и деловникот се две различни работи и дека предност има деловникот.

По ова пратениците го изгласаа составот на Верификационата комисија, за чиј претседател е избран Владимир Ѓорчев, а членови се Петре Шилегов, Фадил Зендели, Реџаиљ Измаили и Шурије Рашиди.

Вељаноски даде пауза за да може комисијата да го подготви извештајот за верификација на мандатите на пратениците.


Денеска ќе се конституира деветтиот собраниски состав


Скопје, 30 декември, 2016 - 9:53 (META) 

Собранието на Република Македонија денеска во 13 часот ќе ја одржи конститутивната седница на новиот состав, на која треба да бидат верифицирани мандатите на новоизбраните пратеници и да биде избран новиот претседател на законодавниот дом.

Конститутивната седница во средата ја свика претседателот на Собранието во заминување, Трајко Вељаноски, веднаш откако Државната изборна комисија (ДИК) им ги врачи уверенијата на кандидатите што освоија пратенички места на предвремените парламентарни избори на 11 декември.

Избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието на Република Македонија, верификација на мандатите на пратениците во Собранието на Република Македонија, избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, избор на претседател на Собранието на Република Македонија се на дневниот ред на денешната седница, соопштија од Собранието.

Политичките партии што освоија мандати вчера одржаа координативна средба со Вељаноски, околу деталите за денешната конститутивна седница.

По средбата, генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, го оспори планот со седницата да претседава собранискиот спикер во заминување, Трајко Вељаноски. Спасовски, повикувајќи се на деловникот на Собранието, рече дека со конститутивната седница треба да претседава најстариот меѓу избраните пратеници (Бранко Маноиловски од ДУИ, н.з.), а не Вељаноски.

Новиот деветти собраниски состав ќе има 120 пратеници и нема да има пратеници од дијаспората поради недоволниот број освоени гласови од кандидатите.

На предвремените парламентарни избори, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, коалицијата предводена од СДСМ – 49, ДУИ – 10, Движење Беса – 5, Алијанса за Албанците – 3 и ДПА – 2 пратенички места.


Спасовски: Најстариот пратеник треба да ја води конститутивната седница, не Вељаноски


Скопје, 29 декември, 2016 - 18:23 (META) 

Досегашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, планира да ја води конститутивната седница, што е спротивно на Деловникот и на собраниската практика, бидејќи најстариот пратеник претседава со конститутивната седница, вели генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, по работната средба што партиите ја имале кај досегашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.

Во соопштението на СДСМ се вели дека на средбата се договарале деталите околу конститутивната седница на Собранието која треба да се одржи утре, во 13 часот.

– Бевме информирани дека Трајко Вељаноски сега е пратеник и затоа сметаме дека конститутивната седница треба да ја води најстариот меѓу пратениците. Но, тоа покажува како ВМРО-ДПМНЕ планира да ја води утрешната седница, која треба да биде конститутивна и која треба да тече врз нормите кои се пропишани, без никакво насилство – вели Спасовски.


Вељаноски за петок ја закажа конститутивната седница на Собранието


Скопје, 28 декември, 2016 - 17:22 (META) 

Претседателот на Собранието во заминување, Трајко Вељаноски, за петок во 13 часот ја закажа и ќе претседава со конститутивната седница на новиот собраниски состав.

„Врз основа на член 63 од Уставот на Република Македонија, кој предвидува дека новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена од одржаните избори и конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, Вељаноски ја закажа конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав за петок, 30 декември 2016 година, во 13 часот“, стои во соопштението од кабинетот на Вељаноски, испратено доцна попладнево.

Државната изборна комисија денеска на овластените претставници на политичките партии им ги врачи уверенијата за добиените пратенички мандати.

Новиот деветти собраниски состав ќе има 120 пратеници, а нема да има пратеници од дијаспората поради недоволниот број на освоени гласови од кандидатите.

Претседавачот со првата седница (Трајко Вељаноски, н.з.) од избраните пратеници треба да назначи двајца, кои по потреба ќе го заменуваат во претседавањето со седницата, а потоа со прозивка треба да го утврдува бројот на присутните избрани пратеници.

Собранието може да се конституира ако на седницата присуствуваат мнозинството избрани пратеници, а откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, кои ќе ги верифицираат мандатите на пратениците.


Не Мухиќ, туку пратеникот Маноиловски од ДУИ може да ја закаже првата седница


Скопје, 21 декември, 2016 - 14:11 (META) 

Универзитетскиот професор Ферид Мухиќ, сепак, не е најстариот пратеник во новиот неофицијален собраниски состав, туку тоа е пратеникот од кандидатската листа на ДУИ, во шестата изборна единица, Бранко Маноиловски.

Според податоците што можат да се најдат на интернет, на „Википедија“ за Маноиловски, односно Бранко Манојловски како што е заведен таму, поради што настана и конфузија при проверката на новите пратеници, тој е роден на 19 август 1941 година во селото Кичинице, во горнореканскиот крај, и има 75 години. Професорот Ферид Мухиќ, пак, е две години помлад од Маноиловски, односно е роден во 1943 и има 73 години.

Ова значи дека доколку претседателот во заминување на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, од некоја причина одбие да го свика новиот собраниски состав, тогаш таа чест ќе му припадне не на Мухиќ од Колацијата предводена од СДСМ, туку на Бранко Маноиловски од ДУИ.

Инаку, и професорот Мухиќ, со кого денеска разговаравме телефонски, мислеше дека тој е највозрасниот пратеник во новото Собрание.

– Јас искрено се надевам дека Трајко Вељаноски ќе прифати и ќе ја свика седницата. Тоа не е некоја трајна и значајна функција, туку просто произлегува од деловникот на Собранието, според која ако претседателот во заминување не ја свика седницата, тоа да биде најстариот пратеник и доколку тоа биде случај, како најстар пратеник ја имам таа чест и ќе ја закажам – ни изјави Мухиќ.

Инаку, откако Управниот суд ја уважи тужбата на СДСМ и го поништи гласањето на избиричкото место 2011 во Теарце, на 25 декември, со одлука на Државната изборна комисија (ДИК), треба да има прегласување на ова гласачко место.

На почетокот на неделава, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, соопшти дека извршниот комитет на партијата донел одлука, меѓу другото, и да не учествува и да не ги признае резултатите од евентуалното прегласување.

Сепак, по прегласувањето, ДИК треба да излезе со конечните резултати од предвремените парламентарни избори, а тоа ќе биде најверојатно на средината од следната недела. На 31 декември, пак, треба да биде свикано новото собрание, односно најдоцна 20 дена од одржаните избори, кои во случајот беа на 11 декември.

Според членот 63 од Уставот, „конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав“ (Трајко Вељаноски, н.з.), а „доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите“, што во конкретниот случај би било на првиот ден од новата година.

Членот 9 од Деловникот на Собранието, околу свикувањето на конститутивната седница, вели дека доколку првата седница на Собранието не ја свика претседателот на заминување, седницата се одржува на дваесет и првиот ден од завршувањето на изборите, во 10 часот, а ја свикува најстариот по години избран пратеник“, односно, во конкретниот случај, Бранко Маноиловски.

„Ако и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, (Ферид Мухиќ, н.з.) сè до избраниот пратеник што ќе се согласи да ја свика првата седница“, се додава во ставот 1 од членот 9 на Деловникот на Собранието.


Изборите ќе бидат поука за поразените и за победниците, порача спикерот Вељаноски


Скопје, 11 декември, 2016 - 19:03 (META) 

„Секогаш кажувам дека граѓаните на Република Македонија знаат да изберат и да ја донесат својата одлука. Така и на овие парламентарни избори“, рече првиот човек на доскорешниот собраниски состав, Трајко Вељаноски, откако гласаше на избирачкото место 2.571 во основното училиште „Мирче Арцев“ во општина Ѓорче Петров.

– Посакувам, најискрено посакувам, и тоа е добро за Република Македонија, по завршувањето на изборите, по пребројувањето на гласовите, поразениот да излезе и да му честита на победникот. А победникот да работи понатаму за доброто на Република Македонија, да престане вештачки наметната политичка криза и да продолжиме ние да работиме за доброто и за економски просперитет и на граѓаните и на Република Македонија. Тоа е наша должност како политичари – рече Вељаноски.

Тој додаде дека очекува и посакува по овие избори да заврши политичката криза, а дека изборите ќе бидат поука и за поразените и за победниците.


Контраспин: Трајко Вељаноски со лицемерна дефиниција за тоа што е национален интерес


Скопје, 24 ноември, 2016 - 19:10 (META) 

Точно е, како што вели Вељаноски, дека ќе се избира помеѓу концепт кој обезбедува сигурност и заштита на највисоките национални интереси и концепт кој води кон разградување на државата. Само уште да дефинира точно што се највисоки национални интереси, а што е лицемерие кое се затскрива зад нив, пишува „Вистиномер“.

Контраспин: Трајко Вељаноски, висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ и дел од кандидатските листи на партијата за изборите на 11 декември, со очигледно потценување на фактите, прес-конференцијата ја заврши со недвосмислен спин околу тоа за што ќе се гласало на претстојните избори.

Најпрво, за делот од изјавата дека на 11 декември ќе се гласало за унитарна или за двојазична, федерализирана Македонија. Трајко Вељаноски и врвот на неговата партија немаат ама баш од никаде доволно силни аргументи да го потврдат овој спин, на кој – тоа веќе посериозните аналитичари го оценија – ќе инсистираат до крај на кампањата за овие избори, како, безмалку, единствена карта на која ќе се обидат да ги анулираат другите сериозни теми. Ова е така, затоa што ниту настапите на Заев на кои се повикуваат (околу двојазичноста), ниту пак, политичката програма што ја објави СДСМ, не нудат цврсти аргументи за тврдење од овој тип на Вељаноски, особено, пак, не за федерализација на Македонија.

(Целиот текст од „Вистиномер“ можете да го прочитате и да го преземете ТУКА)


Вељаноски: СДСМ предвидува реорганизација на локалната самоуправа


Скопје, 23 ноември, 2016 - 14:40 (META) 

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ја обвини опозицијата дека во својата предизборна програма предвидува реорганизација на локалната самоуправа и формирање локални полиции.

На денешната прес-конференција во центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Вељаноски истакна дека СДСМ во својата програма задира и во културата, образованието, децентрализирањето на социјалната заштита, управувањето со земјоделското земјиште, а сето тоа го оцени како скандалозно и опасно за иднината на земјата.

– Тоа што Зоран Заев го најави пред албанската дијаспора во Швајцарија, СДСМ го вметна во својот памфлет кој го нарекува програма. Ветувањето за излегувањето од рамките на Охридскиот договор, отворањето на прашањето за воведување двојазичност и за кантонизација по урнекот на Швајцарија се потврда за најавите на Заев дека сака да го менува Уставот на Република Македонија и да го почне патот кон федерализација на државата – истакна Вељаноски на прес-конференцијата.