fbpx

Контраспин: Дали Ковачевски го ослободи и Трајко Вељаноски?

-

Aко се појде од тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека под власт на СДСМ правдата е мислена именка, бидејќи апелацискиот суд донел решение за укинување на мерката притвор за Драги Рашковски и тоа се образложува со тврдење дека „пиунот Ковачевски го ослободил миленикот на Заев“, тогаш се наметнува и прашањето дали Ковачевски го ослободил и Трајко Вељаноски, бидејќи и овој му е миленик на Заев?, пишува „Вистиномер“ во својот Контраспин.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Укинувањето на мерката притвор за Драги Рашковски беше повод за соопштение на ВМРО-ДПМНЕ во кое се препознава спин:

Спин: Правдата со СДСМ на власт е мисловна именка, доказ за тоа е и ослободувањето на Драги Рашковски.

Пиунот Ковачевски го ослободи миленикот на Зоран Заев.

Рашковски се смее на правдата во лице, наместо во затвор му се укина и куќниот притвор.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение, датум: 03.02.2022]

Контраспин: Реагирајќи на одлука на Апелациски суд, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ослободување од куќен притвор на Драги Рашковски е доказ дека правдата со СДСМ на власт е мисловна именка – тврдење во кое се препознава спин.

Станува збор за извртување на вистината по три основи. Првата е формалноста и вистинитоста на тврдењето кое е спинувано. Имено, одлуката за укинување на мерката притвор на поранешниот генерален секретар на владата Рашковски е одлука, решение кое е донесено од судии во Апелацискиот суд во Скопје. Во државата, како што е општо познато, системот е поделен на извршна, законодавна и судска власт и сите се или треба да бидат независни една од друга. Значи во овој случај, дел од судската власт, постапувајќи по барање на одбраната на Рашковски, кој е обвинет за две кривични дела, донела одлука/решение дека веќе не постојат основи за продолжување на мерката притвор за обвинетиот, за кој пред неколку дена стартуваше судската постапка.

Ова значи дека нема ништо формално точно во тврдењето дека „пиунот Ковачевски го ослободи миленикот на Зоран Заев“, зашто тоа би значело де факто, дека по налог на поранешниот премиер Зоран Заев, актуелниот Димитар Ковачевски во еден згуснат распоред помеѓу обврските во Скопје, Софија, Брисел…, нашол време и имал моќ да влијае врз судии во Апелацискиот суд да донесат одлука за укинување на мерката куќен притвор за Драги Рашковски. Доколку пак, партијата располагала со такви докази за влијание врз одлуката на судиите – оти, навистина, за независноста на судската власт сè уште се расправа во општеството – тогаш ВМРО-ДПМНЕ била должна да ги стави таквите докази на увид на јавноста .

Конечно, постои уште еден елемент кој ја истакнува апсурдноста и спинувањето во тврдењето на опозициската партија, а кој во исто време многу зборува за селективноста при комуникацијата со јавноста во ВМРО-ДПМНЕ. Имено, во текот на истиот ден кога Апелацискиот суд во Скопје донел решение за укинување на мерката притвор на Рашковски, истиот суд донел и уште една друга одлука. Укината е мерката куќен притвор и на Трајко Вељаноски, поранешен претседател на Собранието и една од перјаниците на ВМРО-ДПМНЕ, кој пак, за разлика од Рашковски на кого допрва ќе му се суди, првостепено е осуден на казна затвор од 6,5 години за сосема друг тип на казнено дело, организирање на настаните од 27 април 2017 година.

Но, решението на Судот за Трајко Вељаноски го нема во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. Само Рашковски е апострофиран, што пак, укажува на селективност во комуникацијата со јавноста на партијата. Ова е важен елемент кој исто така води до препознавање на спинот.

Зашто, ако се појде од тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека под власт на СДСМ правдата е мислена именка, бидејќи апелацискиот суд донел решение за укинување на мерката притвор за Драги Рашковски и тоа се образложува со тврдење дека „пиунот Ковачевски го ослободил миленикот на Заев“, тогаш се поставува и прашањето дали  Ковачевски го ослободил и Трајко Вељаноски, бидејќи и овој му е миленик на Заев? Што само по себе укажува на апсурдноста на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ, во кое се препознава спин, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел ја бомбардира Сирија, има над 40 жртви

Израел го бомбардираше регионот околу градот Алепо во Северна Сирија, пренесува Гардијан. Израелските сили таргетирале членови на либанската паравоена организација Хезболах. Има повеќе различни контрадикторни информации за бројот на убиени,...