Претседателот на Собранието, Талат Џафери синоќа ја прекина седницата на која се одлучуваше за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски, обвинет за организирање на упадот во Собранието на 27 април.

Џафери седницата ја прекина две минути после полноќ откако претходно процедурално се јави координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој побара, но не му беше одобрена паузата од еден час, по што, почна кавгата со исклучени микрофони на Џафери со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и со пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ. Две минути по полноќ Џафери рече „ја затворам седницата“ и прв си замина од салата.

Собранискиот спикер најави дека за продолжение дополнително ќе извести иако продолжението е неизвесно, бидејќи истече рокот од три дена за одлука по барањето на судот за одземање на имунитетот на Вељаноски.

Претходно пратениците спореа околу тоа дали воопшто има правен основ да се свика седницата со оглед на тоа што надлежната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, не донела заклучок со мнозинство гласови, односно четворица пратеници предложија одземање на имунитетот, а четворица биле против.

Вељаноски заедно со поранешните министрите, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во средата беа приведени на распит поради сомнение дека се дел од организаторите на настаните од 27 април. Вељаноски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на Јанакиески и Ристовски им беше одредена мерка притвор. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека се работи за политички прогон.