fbpx

Контраспин: За Џафери средбите во Тирана се ОК, ама оние во Приштина не

Спинот е во тоа што Џафери не поаѓа во одговорот од принципиелни позиции, т.е. не го гледа прашањето за тоа како и со кого партиите на Албанците во С. Македонија се среќаваат и се договараат на координативни средби, дома или во странство, туку поаѓа од позиција исклучиво на ДУИ

-

Дека Талат Џафери ја извртува вистината, т.е. спинува и дека говори непринципиелно, покажува и фактот што повеќе пати албанските политички партии се координирале во Тирана, но тогаш од ДУИ немало изјави дека станува збор за мешање во внатрешните работи или, пак, дека таквата координација ќе ѝ нанесе штета на Албанија. Впрочем, со Курти и со неговата партија предизборно се координираа и од СДСМ, а во рамки на работната посета се сретна и актуелниот претседател Пендаровски, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Премиерот на техничката Влада, Талат Џафери, даде изјава за улогата на косовскиот премиер во изборниот процес во С. Македонија во која се препознава спин:

Прашањето не е колку тоа им штети на процесите, прашање е колку го нарушува имиџот на Косово во однос на меѓународните фактори и имиџот на институциите на Приштина во однос на обврските што ги има премиерот. Повеќе штета се нанесува на самото Косово отколку на процесите во Република Северна Македонија. Своето мислење за ова прашање го кажавме неколку пати. Тоа е прашање на лична одлука на премиерот на Косово, изјавил Џафери за „Факс њуз Албанија“.

[Извор: Локално.мк – Џафери/изјава, датум: 29.01.2024]

Контраспин: Премиерот на техничката влада Талат Џафери, кој воедно е дел од раководството на ДУИ, вели дека мешањето на Албин Курти во изборниот процес во РСМ, се мисли на средбите на дел од албанските партии во земјата, го нарушувал угледот на Косово – изјава која содржи извртување на вистината, т.е. спин.

Спинот е во тоа што Џафери не поаѓа во одговорот од принципиелни позиции, т.е. не го гледа прашањето за тоа како и со кого партиите на Албанците во С. Македонија се среќаваат и се договараат на координативни средби, дома или во странство, туку поаѓа од позиција исклучиво на ДУИ. Ваквиот одговор на Џафери дојде откако неколку пати опозициските партии беа на средба во Приштина со косовскиот премиер Албин Курти, а последен пат тоа се случи на самиот крај на јануари 2024 г., средба на која учествуваше и тогашниот претседател на сè уште единствената Алијанса на Албанците, Арбен Таравари.

На овој состанок нервозно реагираше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој во изјава за јавниот сервис на Косово, РТК, во текот на истиот ден рече дека Курти треба отворено да каже дали партијата Самоопределување ќе учествува на изборите во Македонија или не, затоа што тој веќе еднаш кажал дека нема да учествува. Формата на реакцијата на Ахмети дојде затоа што Изет Меџити и претходно изјави дека Самоопределување на Курти ќе учествува на изборите. На споменатиот состанок, патем, дел од медиумите пишуваа дека партиите на Курти му го претставиле нивниот кандидат за претседателските избори, Таравари, кој прво негираше дека е заинтересиран, за кратко време потоа да соопшти дека ќе се трка за претседателските избори.

Џафери ја извртува вистината дека овие средби принципиелно ќе му наштетеле на Косово, затоа што нема ниту еден аргумент во таа насока, дотолку повеќе што во Приштина на консултации или на убедување да влијаат околу изборите патуваа и високи функционери на СДСМ, генералниот секретар Миле Зечевиќ и вицепремиерот Бојан Маричиќ и тоа пред последната средба на албанската опозиција, при што во јавноста беше презентирано дека станувало збор за соработка со Самоопределување околу принципиелни прашања, европскиот пат и слични.

Оваа посета беше реализирана на 17.01., само неколку дена откако Али Ахмети на 08.01. за прв пат нервозно го обвини Курти за мешање во изборната сцена со зборовите „ме ставија во многу тешка ситуација. Зошто Курти се жали кога Вучиќ има политичка активност во Косово, како објаснувате? Ме оставија без зборови“. И најверојатно посетата на СДСМ беше обид да издејствуваат од Курти поинаква одлука, затоа што со излегување со претседателски кандидат албанската опозиција ги помеша сметките за заеднички кандидат на ДУИ и СДСМ, како што тоа беше на изборите во 2019 година.

 

Тиранска платформа 1 и 2

Впрочем, дека Талат Џафери ја извртува вистината и дека говори непринципиелно покажува и фактот што повеќе пати албанските политички партии се координирале во Тирана, но тогаш од ДУИ немало изјави дека станува збор за мешање во внатрешните работи или, пак, дека таквата координација ќе и нанесе штета на Албанија.

Во јавноста најсилно оддекна координацијата во Тирана каде на состанок со премиерот Еди Рама на крајот од декември (29.12.) 2016 година беа речиси сите партии на Албанците, по што произлезе т.н. “Тиранска платформа“, документ кој беше формализиран и на состанок во Скопје на 07.01.2016 година. Овој документ кој подоцна го доби името Тиранска платформа и беше дел од договорот за коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, како и значаен генератор на протестите пред Собранието во пролетта 2017 година.

На Џафери и на ДУИ не им пречеше и средбата на дел од албанските партии со Еди Рама на 10 јануари 2023 година, средба која шефот на дипломатијата Бујар Османи ја нарече новогодишна. Меѓутоа, вистинската суштина на средбата се чини дека беше посредување на Рама во спорот меѓу тогашната внатрешна опозиција кај ДУИ, групата „Огнени“.

За тоа зборува тогашната изјава на пратеникот од Беса, Фадил Зендели:

Во овој момент на ДУИ ѝ е потребна средба во Тирана. Не гледаме дека на некој друг му е потребна таква средба. ДУИ има интерес од една таква средба, исто како што ја злоупотреби таа во 2017 година за свои цели. Секогаш кога имаат свои внатрешни проблеми со свои внатрешни противници, ДУИ бара помош од регионот. Не гледаме дека сега треба да им излеземе во пресрет.

Дел од медиумите во земјава, пак, побрзаа да ја наречат средба на која се креирала Тиранска платформа бр.2.

Секако дека има дел вистина во она што го тврди Ахмети, дека средбите со Рама биле во насока на обединување на албанските парии („Еди Рама не се мешаше во внатрешните работи на политичкото тело во Македонија, се обиде да ги зближи партиите во Македонија“), но тоа не му дава причина на Џафери спинувано да тврди дека Албин Курти може да прави што сака, ама дека тоа прашање ќе му наштетело на имиџот на Косово. Очигледно е дека Курти е близок до опозицијата кај Албанците во земјата, а бидејќи неговата популарност е навистина голема, оттаму и спинуваните изјави.

Поради погоре посочените аргументи може да се оцени дека изјавата на Талат Џафери за мешањето на Курти во изборниот процес во земјата е спин.

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Утре бесплатен влез во музеите и на локалитетите по повод Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети

Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, 18 Април, утре ќе биде одбележан со бесплатен влез во сите национални установи од областа на заштитата на културното наследство, кои ќе...