Млади активисти ја обоија Германската канцеларија, бараат свесност за климатските промени

На фотографијата објавена од групата „Последната генерација“ се гледа натписот: „Помогнете! Вашите деца“, напишана со големи букви и бројни отпечатоци од раце. Можат да се забележат и неколку активисти како седат или лежат на земја

Фото: Annette Riedl/dpa

Членовите на групата за климатски активизам „Последната генерација“ истурија портокалова боја на фасадата на Германската канцеларија вчера наутро, пренесува германската агенција ДПА.

На фотографијата објавена од групата се гледа натписот: „Помогнете! Вашите деца“, напишана со големи букви и бројни отпечатоци од раце. Можат да се забележат и неколку активисти како седат или лежат на земја пред ѕидот.

Берлинската полиција го истражува инцидентот и приведе 16 лица на возраст од 13 до 16 години за да го провери нивниот идентитет.

Полицијата отвори истрага поради сомнение за предизвикана материјална штета.

„Активистите ја повикуваат германската влада да ја исполни својата одговорност кон помладата генерација во однос на климатските промени“, се вели во соопштението на „Последната генерација“.

„Последната генерација“ постојано се појавува на насловните страници со драматични протести кои го привлекуваат вниманието за климатските промени, а некои активисти беа уапсени поради нарушување на сообраќајот.

Групата се бори за поголема климатска акција со блокади на улици и други мерки од почетокот на 2022 година. Тие, исто така, ја обоија Бранденбуршката порта со портокалова боја.

Во тек се неколку истраги и судења на членовите на групата, од кои многумина се веќе осудени.