сабота, 13 јуни, 2026
Meta.mk

„Еуромакс“ на средба со жителите на Босилово и Ново Село: „Евтин трик“, велат екологистите

Концесионерот на рудникот за бакар Иловица – Штука „Еуромакс рисорсес“ најави дека утре организира, како што се вели во соопштението до медиумите, „неформална информативна средба со жители од општините Босилово и Ново Село, на која присутните ќе се запознаат со потенцијалите за вработување и соработка со рудникот“.

Компанијата информира дека на средбата ќе присуствува Алан Бејкер, менаџер на проект и градба и Никола Гулев, главен финансов директор во „Еуромакс рисорсес“.

На оваа најава реагираат струмичките еко-активисти, кои сметаат дека „најавениот коктел со шведска маса“, е „евтин трик“ за да може компанијата да создава привид во јавноста дека граѓаните го поддржуваат рудникот.

– На „Еуромакс“ не им е првпат да организираат вакви настани со намера потоа да ги искористат за пи-ар и да создадат слика дека сепак имаат поддржувачи на идејата да се отвори рудникот – вели Стојан Велков, еко активист од Струмица, еден од петтемина активисти кои добија опомени пред тужби за нарушен углед од концесионерот, за јавно објавени ставови против „Еуромакс“ и рудникот.
На прашањето на „Мета“ дали, сепак, отворањето на рудникот Иловица – Штука има некаква поддршка кај локалното население, со оглед дека дел од медиумите пред десетина дена објавија изјави на неколкумина жители на струмичкиот крај кои бараат да се отвори рудникот, Велков одговори дека се работело за уште еден пи-ар настан, организиран за сметка на концесионерот на
рудникот и дека поддржувачите биле луѓе на кои им било ветено вработување за нив или на ним блиски, а дека отпорот кон рудникот се продлабочува, посебно кај младината на најзасегнатите села Штука и Иловица, како дека и се најавуваат нови протести против отворањето на рудникот.

Алими требаше да биде награден, а не осуден, велат од Алијанса за Албанците

Алијанса за Албанците најавува жалба до сите правни инстанци на пресудата со која вработениот во Собранието, Абдулфета Алими е казнет со 7 години затвор за упадот во Собранието на 27 април.

„Казнувањето со 7 години затвор на Абдулфета Алими кој е познат како единствениот човек кој го спаси животот на лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села ноќта на 27 април, за нас како партија претставува тенденција за да се амортизираат другите казни на организираната група, однапред проектирајќи и реализирајќи удар врз Собранието врз пратениците и пред се физичката ликвидација на Зијадин Села. Нелогично е и бесмислено Алими да се товари за предметот тероризам и истиот да се поистовети со групата која тепаше пратеници во Собранието“, велат од АА.

Според партијата, Алими требал да биде награден од страна на државата затоа што спасил човечки живот ставајќи го во опасност сопствениот живот.

„Одземени овластувањата“ на припадниците на АРМ кои ширеа лажни вести, дисциплинската постапка е при крај

АРМ им одземало „одредени овластувања“ на двајцата свои припадници осомничени за ширење лажни вести, кои ги откри белгискиот истражувачки новинар Мартен Шенк. Против двајцата, инаку мајор-офицер за безбедност и професионален војник, АРМ најавува и други санкции, по формалното завршување на дисциплинската постапка.

„Едниот припадник е повлечен од мисијата во Босна и Херцеговина, каде што досега бил. Превземени се чекори за повлекување на одредени овластувања кои тој ги има, исто и за овластувања кои ги има војникот, а за други мерки ќе зборуваме по завршувањето на дисциплинската постапка, каде треба да завршат роковите за жалба“, велат во Генералштабот на АРМ.

Во МВР велат дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика сè уште го испитува случајот.

АРМ води дисциплински постапки против мајор и професионален војник посочени како оператори на сајтови со лажни вести во истрагата на белгискиот новинар Мартен Шенк. Дисциплинската комисија треба да утврди колку со лажни вести на мрежа на интернет-сајтови и лажни „Фејсбук“ профили, го нарушиле угледот на Армијата.

Според степенот на прекршување на работната дисциплина и на одредбите од Законот за служба во АРМ, на двајцата им се закануваат санкции од писмено предупредување, до отказ.

Истрагата која ја води МВР, пак, покрај двајцата активни припадници на АРМ опфаќа и поранешен питомец на Воената академија, а потоа инспектор во МВР.

Шенк, истражувач и проверувач на факти, ги открил тројцата оператори на мрежи на сајтови за лажни вести во две независни истраги, објавени на неговата интернет страница leadstories.com.

Јанушев: Пресудата е нарачана, монтирана и производ на неправда

Пресудата за судскиот случај за упадот во Собранието на 27 април според опозициската ВМРО-ДПМНЕ е резултат на политички монтиран процес и е производ на евидентна неправда.

-Политички пресуди од вкупно 211 години затвор, се вика погребување на правото. Се потврди нашето тврдење дека казните ќе бидат драконски, не затоа што се праведни, туку спротивното, затоа што во овој случај се суди според политички мотиви, а не правни факти – рече генералниот секретар на партијата Игор Јанушев на денешната прес-конференција.

Тој потенцира дека директорот на БЈБ, Митко Чавков, кој на 27 април 2017 преземал мерки за ситуацијата да не ескалира е осуден, а како што рече, нема постапка за заменик министерот на МВР, Агим Нухиу кој не презел ништо.

-Ние сме држава во која убијци на малолетни деца како што е случајот со Смилковско езеро се на слобода, а луѓе од 27-ми април се судат за терористи – додаде Јанушев.

Според него пресуда е нарачана и однапред позната и очаен чекор на власта која губи.

Притвор за возачот и сопственикот на „Дурмо турс“ за несреќата кај Ласкарци

Судот прифати три од шесте барања за притвор на Основното јавно обвинителство за автобуската несреќа кај Ласкарци минатиот месец кога животот го загубија 15 патници. Притвор добија возачот кој возел со недозволена брзина, сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ и раководителот.

„Постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување мерка притвор за шест лица и мерки за претпазливост за едно лице, кои денеска беа спроведени во судот, судија на претходна постапка по исказите на лицата како и ценењето на фактите и доказите приложени во предлогот, донесе решенија со кои за Д.Б. Р.М. и М.Т го прифати предлогот на обвинителството и им предели мерка притвор во траење од по 30 дена“, соопшти Основниот суд Скопје 1.

За две лица за кои обвинителството бараше притвор, судот определи мерка куќен притвор, додека за уште две лица се одредени мерки на претпазливост.

Несреќата кај Ласкарци се случи на 13 февруари кога автобусот на „Дурмо турс“ со 51 патник излета од патот Тетово – Скопје и падна во провалија откако ја проби заштитната ограда на автопатот. Во несреќата загинаа 15 лица, а 39 беа повредени.

Четириесет загинати во напад на две џамии во Нов Зеланд

Четириесет лица загинаа, а 20 се тешко повредени во терористички напад врз две џамии во Крајстчрч во Нов Зеланд кој се случи за време на попладневните молитви. Австралиецот Брентон Тарант (28) отворил оган од автоматско оружје, а сето тоа директно го пренесувал на „Фејсбук“.

Претходно на „Твитер“ напаѓачот објавил манифест од 74 страни зошто го прави тоа. Себе си се опишува како обичен белец, роден во Австралија, припадник на работничката класа од скромно семејство. Вели дека прво „фрлил мерак“ на џамија во градот Дунедин, но, сепак, се одлучил за Крајстчрч, бидејќи таму имало повеќе „окупатори“.

Четири осомничени во моментов се во притвор, меѓу кои и една жена, а објектите остануваат затворени, додека полицијата ги повика џамиите во Нов Зеланд да ги затворат вратите до крајот на денот. За еден од приведените е потврдено дека е австралиски државјанин.

Премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн соопшти дека најмалку 40 луѓе се убиени во напади во две џамии во градот Крајстчрч.

– Ова е еден од најтемните денови во историјата на Нов Зеланд. Она што се случи овде е досега невиден чин на насилство – истакна премиерката Ардерн.

Таа додаде дека повеќе од 20 лица се ранети, од кои повеќето со сериозни повреди. Меѓу нив има и деца.

Полицијата потврди дека има „значителен“ број жртви, но не го прецизира нивниот број. Во соопштението наведува и дека откриле неколку импровизирани експлозивни направи оставени под автомобили.

Цаца Николовска: Предметите на СЈО не се доведени во прашање

Материјалите од прислушуваните разговори, односно „бомбите“, не се единствениот доказ што Специјалното јавно обвинителство ги користи во своите предмети, според тоа, овие предмети не се доведени во прашање, е ставот на Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Судот за човекови права во Стразбур. Според судијката, државата не смее да се доведе до ситуација некој од осомничените да не одговара за сторените кривични дела.

– Значи тоа се едни докази, кои мора да бидат поткрепени со други докази. Од друга страна мора да се испочитува постапката на фер постапување, каде што ќе се даде право на одбраната да реагира. Што значи дека и тие прислушувани материјали одбраната ќе ги цени и ќе ги елаборира, ќе се даде право на одговор на спротивната страна и ќе се применуваат принципите на еднаквост на странките во текот на постапката. Многу често слушам дека овие материјали веќе нема да може да бидат докази. Прво почекајте законот да помине, да видиме што ќе биде и како ќе биде – рече Николовска денеска во Штип на дебатата на Правниот факултет „Дали новите реформи ќе ги решат старите предизвици во судството”.

Цаца Николвска вели дека државата сега е пред предизвикот да докаже оти владеење на правото постои.

–  Да докажеме дека секој кривично ќе одговара, евентуално за делата што ги направил и дека во демократијата и во праксата на Европски суд за човекови права конзистентната пракса е еден од елементите на фер постапување. Што ова значи? Ако за некој се има еден третман, за друг се има друг третман, тоа во однос на оценувањето на нашите идеи и желби да влеземе во друштво на ЕУ нема лесно да помине – рече Цаца Николовска.

Едно лице е тешко повредено, а 10 се полесно во сообраќајна несреќа во Прилеп

Едно лице се бори за живот, а 10 други се полесно повредени во сообраќајната несреќа што синоќа два часа пред полноќ се случила на улицата „Александар Македонски“ во Прилеп, при судир на патничко возило „Фиат пунто“ и минибус „Мерцедес спринтер“ што превезувал работници. Двете возила се со прилепски регистарски ознаки. Патничкото возило е управувано од С.Д.(54) од Прилеп, а минибусот е управуван од И.В.(30) од Прилеп.

Според информациите возачот на патничкото возило, С.Д. е тешко повреден и е итно хоспитализиран во хируршкото одделение. Веднаш е извршена потребната хируршка интервенција кај пациентот, но тој се уште е во критична состојба. И сопатникот на ова возило Д.Ј. (44) и уште деветте други патници во минибусот се повредени во несреќата. На сите им е пружена потребната помош во хируршко и ортопедско одделение.

-Земена е крв за анализа, за да се утврди евентуално присуство на алкохол во крвта на возачите. Издадени се наредби за определување на исправност и оштетеност на возилата. Извршен е увид од дежурен јавен обвинител и екипа од Полициската станица во Прилеп. Се е фотографирано и скицирано, подигнати се траги од местото, издадени соодветни наредби. Се работи на расчистување на случајот – соопшти Милка Спиркоска, јавен обвинител од ОЈО-Прилеп.

Нов случај на заболено дете со МРСА во училиштето ,,Панајот Гиновски”

Кај уште едно дете од шесто одделение од основното училиште ,,Панајот Гиновски” во Бутел е констатирана бактерија МРСА (Methicillin Resistant Staphylococcus aureus), што е втор случај на заболено дете со оваа бактерија од ова училиште. Ова го покажале брисевите кои им ги направиле родителите на децата. Пред 20 дена кога се појави првиот случај, дете од второ одделение, здравствените и санитарни инспектори наредија да се направи итна дезинфекција на училиштето и тоалетите. Откако тоа беше направено, денеска има нов случај, а од ДЗСИ најавија дека ќе соопштат подетални информации во текот на денот.

Засега не се знае дали бројот на случаи е поголем од овој. Инспектори и градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевсли се во училиштето.

Во меѓувреме, паралелките неделава се преполовени бидејќи поради страв родителите не ги носат децата на училиште.

Не се знае дали ќе се одработуваат пропуштените часови. Нема ниту насоки од раководството, дали наставата ќе биде прекината деновиве, дали ќе се одработува и слично.

,,Имаме неколку барања до училиштето и градоначалникот. Бараме да се земат брисеви од сите ученици во училиштето и соодветно медицински да се постапи каде што ќе има позитивен наод. Бараме да се дезинфицираат и темелно исчистат сите простории вклучувајќи ги и тоалетите. Да се постават врати во тоалетите (ова го бараме за да се заштитат децата од исмевање и други непријатни случувања од страна на други ученици во училиштето). Да се воспостави ред за чистење на училниците и тоалетите со распоред за чистење. Да се користат адекватни средства за чистење. Да се воспостави пракса, барем на три месеци да доаѓа санитарна инспекција. Реновирањето на тоалети и на училиштето да не биде во период кога учениците се во училиштето“, пишува во барањето од родителите доставено до директорката Катерина Ническа Мартиноска и градоначалникот Велимир Смилевски.

Стејт Департментот во извештајот користи наоди од „Метаморфозис“ и „Опсерваторијата на медиумските реформи“

Американскиот Стејт Департмент во најновиот Извештај за човекови права ги цитира наодите добиени со периодичниот извештај за статусот на медиумските реформи кој беше изработен во рамките на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“ кој го спроведуваа Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА),

„Изготвен од Фондацијата „Метаморфозис“, „Агора“ и Платформата за истражувачко новинарство и анализа (ПИНА) – периодичен извештај за статусот на медиумските реформи објавен на 6 март, покажа дека реформите во медиумите напредуваа со различно темпо и квалитет, а повеќето беа само делумно исполнети“, стои во извештајот од Стејт департментот.

Извештајот на „Опсерваторија на медиумските реформи“ кој се однесуваше на периодот од 1 октомври до 31 декември 2017 година на четирите столба на итните реформски приоритети ги утврди следните клучни наоди: реформи во јавниот радиодифузен сервис – започнато, но неисполнето, владините реклами – делумно исполнето, пристапот до информации од јавен карактер – делумно исполнето, и клевета и навреда – целосно неисполнето.

Стејт Департментот во извештајот, меѓудругото, наведува дека има напредок во медиумите и во судството, но останува да се решат уште низа важни проблеми како што е корупцијата. Од таму ја истакнуваат и политизацијата која останува присутна на ниво на јавната администрација.

Во врска со правосудниот систем констатирано е дека пет судии дозволиле политиката директно да се вмеша во судството. Тоа се претседателот на Врховниот суд – Јово Вангеловски, поранешната членка на Судскиот совет, Александра Зафировска, судијката од Кривичен суд Софија Лаличиќ, Светлана Костова од Вишиот управен суд, како и поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски.

Фотографија: tom.arthur via flikr, CC BY-NC-SA.

ОЈО: Недозволена брзина и неисправни сопирачки причини за несреќата кај Ласкарци

Едномесечната истрага на Основното јавно обвинителство Скопје за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 15 лица утврдила дека возењето со брзина над дозволената, како и техничката неисправност на автобусот на „Дурмо Турс“ се главните причини за сообраќајката.

Обвинителот Сашо Рајчев на денешната прес-конференција соопшти дека автобусот се движел со недозволена брзина од 99 километри на час на автопат на кој се дозволени максимални 80 километри на час.

-Поради неприлагодената брзина на патот, возачот изгубил контрола над автобусот, по што преминал во другите ленти и на крајот излетал од патот. Поради техничките проблеми на сопирачките, пак не можел да го запре возилото. Според вештите наоди и мислења, евидентирани се кочења откако автобусот ја преминал заштитната ограда во двете насоки. Но брзината не му овозможила да го сопре автобусот пред да падне – рече Рајчев.

За сообраќајката осомничени се седум лица од кои шест Основното јавно обвинителство ги гони за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а едно лице е осомничено за несовесно работење во службата

Од обвинителството соопштија дека лицата се во полициска станица, по што ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 и за нив обвинителството ќе бара мерка притвор.

-Истрагата е поведена кон шест лица, плус едно седмо лице. И тоа кон сопственикот на правното лице кое е сопственик на автобусот, потоа раководителот на тоа правно лице. Тие не организирале автобуски превоз согласно законските прописи, и го препуштил возниот парк на раководителот, кој, пак, немал таков сертификат. Трето, четврто и петто осомничени се вработени во правно лице кое вршело технички преглед на автобусот. Тие даваат дозвола дека автобусот е исправен, и покрај тоа што во двата технички прегледи во изминатата година покажал неисправност. Шестиот осомничен е возачот, кој не ја почитувал брзината, и возел со 99 километри на час. Сите овие се лишени од слобода – додаде Рајчев.

На полноќ истекува рокот за увид во Избирачкиот список

Ноќеска на полноќ истекува рокот за увид во Избирачкиот список и пријавувањето за гласање на дијаспората. На овој датум завршува и поднесувањето на барањата на граѓаните за запишување, дополнување или бришење податоци во Избирачкиот список.

Јавниот увид во Избирачкиот список се спроведува во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, во време од 08.30 до 19 часот, вклучувајќи ги и деновите од викенд и празници.

Од ДИК ги повикуваат сите заинтересирани граѓани кои сакаат да извршат увид во своите податоци во Избирачкиот список, тоа да го направат на официјалната веб-страница и во подрачните одделенија и канцеларии на Комисијата.

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска, информираше дека до завчера вкупно 50.572 граѓани извршиле увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија и канцеларии и дека се донесени 119 решенија за запишување во Избирачкиот список, 107 решенија за бришење од Избирачкиот список, како и 29 решенија за промена на податоци во Избирачкиот список.

Во тек е и пријавувањето за гласање во странство, а до завчера биле поднесени само 920 пријави, од кои пет се одбиени.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај. Во претседателската трка ќе учествуваат Гордана Силјановска – Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река.

Заев – Рама: Очекуваме во јуни двете држави да ги отворат пристапните преговори со ЕУ

Премиерот Зоран Заев и владината делегација денеска официјалната посета на Албанија ја започнаа со средбата со албанскиот премиер, Еди Рама со кого Заев имаше тет-а-тет средба, а потоа и заедничка прес-конференција.

Рама на прес-конференцијата го оцени Договорот од Преспа како историско достигнување што го отворило патот кон НАТО и ослободило позитивна енергија кон заедничкиот пат во ЕУ интеграциите. Рече дека Република Албанија во Република Северна Македонија гледа стратешки партнер и на полето на стабилноста на регионот.

Заев, изрази надеж за европски перспективи на двете држави и зајакнување на билатералната соработка со цел стабилен и просперитетен европски регион.

– Очекуваме, до крајот на годината, Република Северна Македонија да ви се придружи во Алијансата, како рамноправна 30 земја членка на НАТО. Но паралелно со овие очекувања, нашите надежи се фокусирани и на јуни 2019 година, за отворање на пристапните преговори со ЕУ. Во нашата држава успеавме да ги поставиме темелите на едно општество за сите, а работиме, низ обиди за максимален консензус и со опозицијата на сите реформски закони, потребни за евроинтеграциите – рече премиерот Заев, посочувајќи дека Рамковниот договор е исполнет и дека се работи на духот на договорот низ градењето едно општество за сите.

Тој рече дека Република Албанија е еден од нашите најблиски пријатели но и партнери, со којшто можеме да осигураме просперитет и безбедност, но и европски перспективи на нашите земји и на регионот.

Заев наведе дека се работи на патот Кичево – Охрид, на проектната документација за патот Кичево – Дебар – кон границата со Албанија како и на железничката линија Кичево – Лим.

Од владината прес-служба велат дека на билатералната средба било разговарано поконкретно за проектите за соработка во областа на земјоделството, културата, туризмот како и за можноста за одржување втора владина седница во нашата држава.

Груевски: Чавков е жртва на личната одмазда на Заев за „Поткуп“

Поранешниот премиер кој се наоѓа во бегство во Будимпешта, преку „Фејсбук“ напиша дека синоќешното апсење на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков и прогонот против него е лична одмазда на Зоран Заев кон него заради предметот „Поткуп“ .

Чавков синоќа беше приведен поради сомневања на Основното јавно обвинителство дека тој имал намера да побегне во неговата вила на Халкидики два дена пред да се објави пресудата за 27 април каде еден од главните обвините е токму Чавков.

Тој вели дека обвинителството предвреме знае дека судот ќе го осуди Чавков за виновен и предвреме бара и добива притвор за него.

-Чвков е невин и жртва на политички прогон и политички монтиран процес, како и многу други лица во тој предмет кој настана како резултат на свесно и планирано незаконско бирање на претседател на Собранието, темпирано токму во време кога пред истото се одвиваат граѓански протести кои траеја помалку од два часа дневно. Процес во кој прво е договорена казната за Чавков и другите обвинети, а потоа е почната постапката и судењето. Судењето е политичко и е чиста фарса. Чавков има нарушено здравје и со овој чекор и оваа освета свесно се става во ризик неговиот живот – вели Груевски.

Тој пишува дека Чавков и Мијалков презеле одлучна операција во Куманово на 9 мај 2015 година за спречување на терористите кои планирале масовни убиства и терор.

– Припадници на таа група која има сериозна контрола во затворот Скопје најпрвин ги нападнаа и им нанесоа физички повреди на поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски токму во истиот затвор каде СДСМ сега ги смести Чавков и Мијалков кои долг период беа главни стожери на безбедноста во Македонија. Таа група веднаш по претепувањето на поранешните министри јавно објавија на „Фејсбук“ дека секој функционер од владата која ја предводев ќе го снајде истото како Јанакиески и Ристовски ако дојде кај нив, а дека мене ќе ме нашле ,,на крајот на светот” – пишува Груевски.

На крај тој вели дека судот и обвинителствата се заробени, заплашени и уценети од извршната власт која нарачува апсења и пресуди.

Со законски измени ќе се овозможи производство на органско и ароматизирано вино

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Единствениот национален електронски регистар на прописи објави дека подготвува измени на Законот за виното.

„Со предлог законот се регулира воведување на нови производи во рамки на законот (органско вино, ароматизирани вина и пијалаци кои се базираат на вино), како и дефинирање на условите за производство на вино кај мали винарии и физички лица производители на вино“, пишува во образложението.

Шара ќе стане Национален парк, откако ќе ја нагрдат со нови градби, тврдат екологистите

На прогласувањето на Шар Планина за национален парк ќе мора да се почека до наредната, 2020 година бидејќи сè уште трае процесот на изготвување на Студијата за валоризација на овој планински масив.

Според Искра Стојанова од канцеларијата на УНЕП, Агенцијата на Обединетите нации за животна средина, која ја изготвува студијата, во тек е втората фаза од нејзина изработка и се очекува таа да биде готова и презентирана на засегнатите страни дури на крајот на 2019 година.

– Теренските истражувања се завршени лани, а во втората фаза ќе се работи на зоните и на границите на идниот Национален парк Шар Планина и во овој процес, како и до сега, ќе бидат вклучени локалните заедници, пред сè општините кои гравитираат кон Шар Планина – Теарце, Тетово, Боговиње, Врапчиште и Гостивар, но и граѓанските организации како Македонското здружение на екологисти МЕД и два института – Институтот за екологија на Тетовскиот Универзитет и Институтот за биологија на УКИМ – вели Стојанова.

Министерот за животна средина, Садула Дураки, во септември лани најави прогласување на Шар Планина за Национален парк до крајот на 2019 година, со образложение дека тоа е еден од условите за влез во Европската Унија, која бара 12 проценти од територијата на секоја држава, да бидат национални паркови.

– Паралелно со изработката на Студијата за валоризација до крајот на 2019 година ќе се изработи и Социо-економската студија за Шар Планина – вели Беса Татеши, портпаролка на Министерството за животна средина и просторно планирање.

По одржувањето на јавната расправа, Министерството за животна средина и просторно планирање треба да го изработи конечниот предлог за прогласување на заштитеното подрачје Шар Планина и да го достави до Владата на Република Македонија која одлучува за прогласувањето, односно за натамошното постапување по предлогот.

– Во рамките на проектот за прогласување на Шар Планина за Национален парк, се изработува и Црвена листа на загрозени видови, кои понатаму ќе имаат приоритетно место во креирање на мерките и политиките за заштита“, информира за „Мета“ Татеши.

– Приказната за прогласувањето на Шар Планина за национален парк ја слушаме уште од 1996 година и мислам дека и овој пат нема да ја прогласат, се додека не се завршат сите инфраструктурни проекти кои им се во план – мали хидроелектрани, хотели, цели викенд-населби – вели Александра Бујароска од невладината „Фронт 21/42“.

Таа додава дека тие го следат градењето мали хидроцентрали, кои ги сметаат за еколошки исклучително штетни проекти.

– Изградениот каскаден систем на трите мали хидроцентрали на реката Бистрица веќе направија огромна штета, а водата и е комплетно одземена на реката – тврди Бујароска, напомнувајќи дека Министерството за економија во јануари годинава објавило повик за уште најмалку шест или седум хидроцентрали во пределот на Шар планина.

Од Канцеларијата на УНЕП не можеа да потврдат колку инфраструктурни и други проекти се предвидуваат за реализација во овој планински предел во периодот пред Шара да биде прогласена за национален парк, но истакнуваат дека „сите плански документи ќе бидат земени предвид“ во текот на изготвувањето на Студијата за валоризација на Шарпланинскиот масив.

Романија го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО

Парламентот на Романија денеска на пленарна седница го ратификуваше Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО. На седницата присуствуваше претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој од вчера престојува во работна посета на Романија.

-Романија денеска уште еднаш ја демонстрираше својата посветеност, пријателство и поддршка кон Република Северна Македонија за остварување на нејзината евроатланска определба, овозможувајќи една кохерентност и заедничка иднина. Дозволете искрено да се заблагодарам од мое лично име, од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од име на нашите граѓани, чест ни е што сте наши вистински пријатели и партнери – изјави Џафери.

Џафери од Букурешт заминува за Вилнус каде што утре ќе присуствува на ратификацијата на Протоколот и во Сејмот на Литванија. Предвидено е претседателот на Собранието, Талат Џафери да има и обраќање пред пратениците во литванскиот Парламент.

Романија е седма земја членка на НАТО која го ратификуваше Протоколот. Прва тоа го стори Грција, а по неа и Словенија, Албанија, Бугарија, Хрватска и Црна Гора.

Притворен Митко Чавков, ОЈО се сомнева дека сакал да избега

Поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков синоќа бил приведен и однесен во истражниот затвор во Шутка.

Решението за одредување на мерка притвор се базира на службена белешка од сознанија добиени од негов пријател. Според оперативните сознанија на Бирото за јавна безбедност, Чавков има вила на Халкидики каде планирал да избега пред да му биде изречена пресудата за 27 април.

„По остварена средба со близок пријател, подносителот на службената белешка добил информација дека обвинетиот во случајот за „27 април“, Митко Чавков, поседува вила на Халкидики Р. Грција, каде истиот планира, пред да биде изречена пресудата во петок (15.03.2019 година), да ја напушти државата, односно да се даде во бегство, при што се напоменува дека пријателската врска е во многу блиски релации со семејството на обвинетиот“, стои во решението на судот со кое се уважува барањето на Основното јавно обвинителство да биде определена мерка притвор.

Чавков е еден од обвинетите во предметот што се води за настаните во Собранието од 27 април 2017 година, за кој главната расправа е завршена и е закажано рочиште за објавување на пресудата.

Гори депонијата во Кочани, опозицијата бара Владата да ја преземе надлежноста

Со денови гори комуналната депонија во Кочани. Последните неколку дена чадењето е намалено, но помали облаци чад и натаму се креваат над селото Бели, а од таму и над градот Кочани. Чадењето е резултат на хемиските реакции, но неколку дена депонијата буквално гореше откако собиричи на пластика случајно ја запалиле.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ ги повика надлежните да реагираат или Владата да ја преземе депонијата и да го реши проблемот.

-Со денови чувствуваме смрдеа, а сведоци сме на еколошка катастрофа. Депонијата секојдневно гори неконтролирано. Го повикуваме директорот на комуналното претпријатие или градоначалникот да преземат најитни мерки. Ако не се способни, бараме Владата да ја преземе надлежноста и да се сопре труењето на кочанчани – велиГоце Марков од ВМРО-ДПМНЕ Кочани.

Од Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ одговорија дека состојбата со Градската депонија е под контрола.

„Само во деновите од викендот се пренесени околу 500 метри кубни земја, со цел да се стави под контрола нејзиното согорување, како резултат на одредени хемиски процеси и горење, предизвикано од пред неколку денови, од страна на несовесни граѓани“, соопштија од КЈП „Водовод“.

Не е прв пат да се запали Градската депонија во Кочани. Од Општината Кочани сметаат дека трајното решение на овој децениски проблем е затворање на Градската депонија. Како и останатите 17 општини од Источниот и Свероисточниот регион, решението го гледаат во изградбата на регионалната фабрика за отпад преку проектот за воспоставување интегриран регионален систем за управување со отпад во овие два региона.

„Со реализацијата на овој проект, сегашната Градска депонија во близината на селото Бели ќе згасне, а комуналниот отпад од Кочани ќе се носи на претоварна станица чија локација е предвидено да биде кај Превалец – Истибања, од каде што ќе се носи на регионалната депонија во Свети Николе“, информираат од Општината Кочани.

ОБСЕ/ОДИХР ќе ги следи претседателските избори со 279 набљудувачи

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе ги покрива претстојните претседателски избори со вкупно 279 набљудувачи. Ќе има главен тим од 11 експерти со седиште во Скопје и 18 долгорочни набљудувачи кои од 20 март ќе бидат распоредени во девет тима низ целата држава, соопшти денеска на прес-конференција шефот на набљудувачката мисија, Корин Јонкер.

ОДИХР дополнително ќе побара од земјите членки на ОБСЕ да обезбедат 250 краткорочни набљудувачи кои ќе дојдат неколку дена пред изборите.

Јонкер истакна дека ќе го набљудуваат изборниот процес не само на денот на изборите туку и периодот пред, за време, и по денот на изборите. Ќе се следи администрирањето на изборите, кампањите на кандидатите и нивното финансирање.

– Не сме заинтересирани за резултатот, туку за квалитетот на изборниот процес и секој гласач, да гласа слободно и транспарентно – рече Јонкер.

Од ОБСЕ/ОДИХР ќе објават извештај ден пред изборите, а по изборите ќе има прес-конференција и прелиминиран извештај. Конечниот извештај ќе биде објавен неколку месеци по изборниот процес, кој ќе содржи препораки до властите за областите на кои треба да се работи.