fbpx

Гори депонијата во Кочани, опозицијата бара Владата да ја преземе надлежноста

-

Со денови гори комуналната депонија во Кочани. Последните неколку дена чадењето е намалено, но помали облаци чад и натаму се креваат над селото Бели, а од таму и над градот Кочани. Чадењето е резултат на хемиските реакции, но неколку дена депонијата буквално гореше откако собиричи на пластика случајно ја запалиле.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ ги повика надлежните да реагираат или Владата да ја преземе депонијата и да го реши проблемот.

-Со денови чувствуваме смрдеа, а сведоци сме на еколошка катастрофа. Депонијата секојдневно гори неконтролирано. Го повикуваме директорот на комуналното претпријатие или градоначалникот да преземат најитни мерки. Ако не се способни, бараме Владата да ја преземе надлежноста и да се сопре труењето на кочанчани – велиГоце Марков од ВМРО-ДПМНЕ Кочани.

Од Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ одговорија дека состојбата со Градската депонија е под контрола.

„Само во деновите од викендот се пренесени околу 500 метри кубни земја, со цел да се стави под контрола нејзиното согорување, како резултат на одредени хемиски процеси и горење, предизвикано од пред неколку денови, од страна на несовесни граѓани“, соопштија од КЈП „Водовод“.

Не е прв пат да се запали Градската депонија во Кочани. Од Општината Кочани сметаат дека трајното решение на овој децениски проблем е затворање на Градската депонија. Како и останатите 17 општини од Источниот и Свероисточниот регион, решението го гледаат во изградбата на регионалната фабрика за отпад преку проектот за воспоставување интегриран регионален систем за управување со отпад во овие два региона.

„Со реализацијата на овој проект, сегашната Градска депонија во близината на селото Бели ќе згасне, а комуналниот отпад од Кочани ќе се носи на претоварна станица чија локација е предвидено да биде кај Превалец – Истибања, од каде што ќе се носи на регионалната депонија во Свети Николе“, информираат од Општината Кочани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...