Собранието ќе биде виновно ако избега Вељаноски, му одговорија од судот на Џафери

Фото: Архива на Мета.мк

Собранието ќе биде одговорно доколку осомничените Трајко Вељаноски Љупчо Димовски евентуално избегаат откако не им беше одземен пратеничкиот имунитет, му одговорија од Кривичниот суд на претседателот на Собранието, Талат Џафери кој одговорноста за евентуално бегство ја префрли на Судот.

„Сведоци сме дека за прв пат Собранието кое е надлежно да одлучува за имунитетот во законски утврден рок, не донесе одлуки, а со тоа го оневозможи Судот да одлучува за мерката притвор на пратениците. Затоа, неприфатливи се изјавите дека Судот ќе биде одговорен за одолговлекување на постапката, дотолку повеќе што Судот не може своеволно и спротивно на Законот да определува било какви мерки за обезбедување доколку за истото не се создадени услови“, се вели во соопштението од судот.

Од таму додаваат дека доколку обвинителството поднесе нов предлог поради нови или изменети околности, Судот веднаш ќе се обрати до Собранието и доколку навремено се добие одлука од Собранието, веднаш ќе постапи.

Џафери на денешниот брифинг за новинари на прашањето дали Собранието ќе биде одговорно доколку Вељаноски побегне надвор од државата, рече дека според законите одговорноста за такво нешто е кај Судот кој треба да ги обезбеди лицата во постапката.