Законот за игри на среќа не го помина собранискиот филтер

Законот доби поддршка од 51 глас ЗА, со што не се исполнети условите за тој да биде усвоен и тука завршува процедурата по тој Закон, велат од Собранието

Photo by Kvnga on Unsplash

Законот за игри на среќа со кој требаше казината да се оддалечат на 500 метри од училиштата, вчера не помина во Собранието. За негово усвојување требаше поддршка од 61 пратеник, а во случајов недостигале 10 гласови.

„Имајќи ја предвид Одлуката од Уставниот суд У.бр. 115/2019 од 14.05.2020 година, според која за да биде усвоен Законот потребни се најмалку 61 глас ЗА, при одлучувањето за Законот за игри на среќа и забавни игри, на 145. седница, Законот доби поддршка од 51 глас ЗА, со што не се исполнети условите за Законот да биде усвоен и со тоа завршува процедурата по тој Закон“, велат од Собранието.

Претседателот Стево Пендаровски на почетокот на февруари одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, што Собранието го донесе на 7 февруари 2024 година.

Одлуката беше донесена врз основа на детална анализа на текстот на Законот и на постапката во која што овој Закон е донесен, како и по спроведени консултации со Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија. Образложението на Пендаровски беше дека овој закон не може да се носи со европско знаменце.

Од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа постојано изјавуваа дека донесувањето на овој закон ќе остави илјадници граѓани без работа оти ќе бидат затворени скоро сите казина низ Скопје.

Движењето „Антикоцкање“, пак, инсистираше на донесување на ваков закон заради заштита на децата.