!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Презентирано истражувањето „Кој им ги врзува рацете на новинарите и како да се одврзат?“


Скопје, 15 јуни, 2017 - 15:45 (META) 

Затвореноста на институциите кога од нив ќе се побараат информации е еден од најгорливите проблеми со кои се соочуваат новинарите од земјава, а особено истражувачките новинари, и е директно прекршување на правото на слобода на информирање. Иако од 2006 година на сила е Законот за пристап до информации од јавен карактер, тој честопати се изигрува од институциите кои сакаат да сокријат одредени информации.

Ова беше посочено на презентацијата на трите дела на видеосторијата од истражувањето „Кој им ги врзува рацете на новинарите и како да се одврзат?“, спроведено од Фондацијата „Метаморфозис“ во рамки на проектот „Истражувачко новинарство, чувар на демократијата и на човековите права“ на Центарот за управување со промени и на Институтот за човекови права.

Во рамките на проектот е извршено и истражување за примената на мерката притвор, при што се побарани информации од Основното јавно обвинителство – Скопје, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, од Специјалното јавно обвинителство и од Основниот суд Скопје 1. Како што беше посочено на презентацијата, одговор на едно од барањата за пристап до информации од јавен карактер стигнал дури по околу 10 седмици.

– Направиме компаративна анализа на тоа колку мерки на притвор, домашен притвор, мерки на претпазливост се побарани и се изречени во 2016 година од обвинителствата и од скопскиот суд, но излезе дека и тоа е преголем залак. Одговор од судот побаран првпат на 14 февруари, а го добивме дури на 27 април. Исто така, затвореноста на институциите се виде и во тоа што обидите да контактираме со актуелни судии и обвинители, заврши со „ѕид на тишина“. За разлика од нив, поранешни обвинители, судии и истражувачки новинари зборуваа за проблемите што излегуваат при доаѓањето до информации и затвореноста на институциите – посочи Виолета Глигороска, координатор на проектот.

Потребна е итна и квалитативна промена на Законот за пристап до информации од јавен карактер, бидејќи во него има и многу нејаснотии и нелогични решенија, ако се сака да се постигне вистинска отвореност на институциите кон новинарите, посочи воведничарот Теофил Блажевски, новинар и член на Советот за етика во медиумите.

– Неопходна е драстична промена на отвореноста на институциите, дури и без новинарите да прашуваат, па како што на веб-страницата на Собранието на Република Македонија се објавуваат стенограми од седниците, исто би требало да биде и со седниците на Владата, а сите институции треба навремено и јасно и транспарентно да ги објавуваат информациите за нивното работење – рече тој.

Во истражувачката сторија во видеоформат, за затвореноста на институциите и за нееднаквиот пристап на скопскиот Основен суд 1, говорат универзитетската професорка Гордана Бужаровска, поранешната судијка во Врховен суд и во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца – Николовска, поранешниот заменик-јавен обвинител Бардил Кука, Уранија Пировска од Хелсиншки комитет за човекови права, како и новинарите Сашка Цветковска, Жаклина Хаџи-Зафирова и Џелал Незири.

За проблемите обработени во истражувањето по презентацијата на триделната приказна дискутираа и дел од новинарите вклучени во проектот, при што беше повторена генералната констатација за досегашната екстремна затвореност на институциите.

Трите дела од сторијата што произлезе од истражувањето спроведено од Фондацијата „Метаморфозис“, се подготвени во рамките на проектот „Истражувачкото новинарство, чувар на демократијата и на човековите права“ со финансиска поддршка од ЕУ и од Амбасадата на Британијуа во Скопје, а имплементиран од Центар за управување со промени и од Институт за човекови права.


Укажувачите на корупција на Балканот ги сакаат малку, а во Македонија – најмалку


Сараево, 18 април, 2017 - 13:25 (META) 

Укажувачите на криминал и на корупција (whistleblowers) не се популарни, односно ја немаат поддршката ниту од граѓаните во земјите од Западен Балкан, а најмалку во Македонија, покажува истражувањето спроведено во седум земји, врз 7.000 испитаници, поддржано од Регионалниот совет за соработка (РСС) со седиште во Сараево.

Истражувањето, кое е прво од ваков вид, е спроведено во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија, Хрватска и во Црна Гора. Резултатите покажуваат дека само нешто повеќе од половина од граѓаните ги подржуваат укажувачите.

Во просек, секој шести граѓанин од земјите од регионот мисли дека укажувачите треба да се казнат, а во Македонија дури секој трет испитаник смета дека укажувањето на корупција и на криминал е неприфатливо и таквите лица заслужуваат казна.

Македонија, иако има еден од најсеопфатните закони за заштита на укажувачитево  споредба со земјите од регионот, има најмала поддршка за нив. Само 41,4 отсто од граѓаните сметаат дека укажувањето на корупција и на криминал е прифатливо, додека 30,4 отсто сметаат дека тие лица треба да бидат казнети, дури и ако откриваат сериозни неправилности. Нешто повеќе од 28 отсто не знаеле или не сакале да одговорат на прашањето.

На ниво на компании или организации и институции, поддршката е уште помала. Само 36 отсто сметаат дека се чувствуваат повикани да пријават ако увидат криминал или корупција, што е далеку под просекот во регионот, покажало истражувањето.

Од РСС нотираат дека анализата покажува дискрепанца помеѓу високата загриженост за состојбите со криминалот и со корупцијата во земјите од Западен Балкан и релативно слабата поддршка за укажувачите на ваквите појави.

– Корупцијата и неефикасноста за нејзиното решавање и понатаму се причина за голема загрижност во општествата во Југоисточна Европа, но, како што покажа истражувањето, тоа сè уште не се трансформирало во поддршка на јавноста кон укажувачите – вели експертот за реформа на јавната администрација и борба против корупција при РСС, Раду Котику.

Тој вели дека укажувањето се смета за една од најефикасните алатки за борба против корупцијата. Организациите како што се Советот на Европа или Канцеларијата на Обединетите нации за борба против наркотици и криминал имаат подготвено меѓународни стандарди за оваа област, додека повеќето од земјите од Југоисточна Европа веќе имаат донесени и закони за заштита на укажувачите.


По Брексит околу 12.000 лекари би можеле да ја напуштат Британија


Лондон, 23 февруари, 2017 - 10:20 (META) 

Околу 12.000 лекари, кои дипломирале во Европската економска зона, може да ја напуштат Велика Британија бидејќи чувствуваат помала сигурност за својата иднина по референдумот за Брексит, покажа истражувањето на „Британската медицинска асоцијација“.

Весникот „Гардијан“ пишува дека истражувањето, кое се темели на одговорите на 1.193 лекари, предизвика страв дека недостигот од специјалисти во британските болници може да се продлабочи.

Четириесет и два проценти од испитаниците изјавиле дека размислуваат да ја напуштат Велика Британија, 23 отсто не биле сигурни, додека 39 проценти се изјасниле дека немаат таква намера.

– Во момент кога националната здравствена каса веќе ја достигна својата граница и земјата се соочува со сериозен недостиг од персонал, тоа би било катастрофално – рече д-р Марк Потер, претседател на советот на асоцијацијата.

Во Велика Британија работат 280.932 лекари, од кои 11 отсто се квалифицирале во друга земја од Европската економска зона.


ИДСЦС: 77 отсто од граѓаните се за влез на Македонија во ЕУ


Скопје, 17 февруари, 2017 - 16:53 (META) 

Доколку следната недела се одржи референдум за влез на Македонија во Европската Унија, за влез би гласале 77 отсто од граѓаните, а против 17 отсто, покажува анкетата спроведена во ноември минатата година од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во рамки на проектот „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014-2016)“

Според истражувањето, доколку се изземе спорот за името како пречка во пристапниот процес, поддршката за членство во ЕУ се ближи кон прагот од 90 отсто.

Наодите од другата анализа направена од ИДСЦС наречена „Кредибилитетот на Европската Унија во Македонија е доведен во прашање“ укажуваат дека најголемиот процент на испитаници односно 44,3 отсто не се задоволни од напорите кои ЕУ ги презема во улога на медијатор во политичката криза во Македонија.

Според ова истражување, мнозинството од испитаниците – 58,5 отсто воопшто не се запознаени со извештајот на Прибе. Анкетата покажува дека 26,2 отсто од испитаниците сметаат дека ЕУ би била најдобриот странски сојузник на Македонија, 25 отсто од населението сметаат дека тоа би била Русија, додека за 17,5 отсто од граѓаните, САД е претпочитан сојузник.

Највисокиот процент на етнички Албанците ја поддржуваат ЕУ и САД, соодветно со 32,2 и 28,3 отсто, додека најголем дел од етничките Македонци 29,9 отсто сметаат дека Русија би била најдобриот сојузник за Македонија.


Судиите некритички одредуваат притвор бидејќи е ефтин


Скопје, 15 февруари, 2017 - 16:24 (META) 

Македонските судови имаат унифицирана тарифа или сума за тоа колку чини еден ден поминат во притвор, а која се движи од 2.500 до 3.500 денари (40 – 50 евра), беше истакнато на денешната презентација на истражувањето на „Неосновано притворени – правни и буџетски импликации“, што се одржа во ЕУ-Инфоцентарот во Скопје.

„Сознанието дека ‘цената’ за ограничување на слободата во Република Македонија е многу ниска и дека судиите во граѓанските судови имаат етаблирана практика за досудување мали и незначителни износи за надомест на штета, негативно се одразува врз судиите во кривичната постапка некритички да определуваат мерка притвор“, е заклучок на професорите од Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје, Гордана Бужаровска, Ванчо Узунов, Неда Здравева и Бобан Мисоски кои се автори на истражувањето, кое финансиски е поддржано од холандската амбасада во земјава.

Истражувањето се однесува на периодот 2011 – 2015 година и според податоците во овој период 138 македонски граѓани биле неосновано притворени, а подоцна против нив не било покренато обвинение или биле ослободени по жалби во судските постапки.

Исражувањето покажува дека од буџетот на државата за материјална штета поради неосновано притворање судовите досудиле надомест од 3,8 милиони денари, што е само 45 отсто од вкупната сума што била баран од граѓаните. За нематеријална штета биле побарани 65,5 милиони денари, а досуден е износ за штета од 15,5 милиони денари, односно 23, 6 отсто од вкупната сума, додека за надоместоци за трошоци на постапките побарувањата изнесувале 2,1 милион денари, а вкупниот досуден износ за трошоци изнесувал 1,8 милиони денари.

„Податоците покажуваат дека вкупните трошоци за надомест на штета на неосновано притворените лица изнесувале 28.999.395 денари, односно околу 470.000 евра. Во таа смисла, ако тој износ се смета за апроксимативен и за периодот 2011-2015 година, во кој имало 138 неосновано притворени лица со вкупен број од 10.316 притворенички денови, произлегува дека просечниот вкупен надомест на штета по притворенички ден изнесува околу 2.800 денари. Или, просечно по неосновано притворено лице, вкупниот надомест на штета изнесува околу 210.000 денари“, беше истакнато на денешната презентација на истражувањето.

Професорката Бужаровска истакна дека податоците покажуваат дека судовите во 90 отсто од случаите ги прифаќале барањата на јавните обвинителства за одредување на мерката притвор. Обвинителствата пак кон предлозите најчесто ги доставувале доказите што ги добивале од МВР.

Според податоците од јавните обвинителства, во периодот 2011-2015 година, близу 6.700 обвинети лица не биле прогласени за виновни. Од нив за 1.700 обвинети лица судот донел ослободителни пресуди, а за близу 3.000 лица судот го одбил обвинението.

Амбасадорот на Холандија, Ваутер Пломп, кој ја отвори презентацијата, истакна дека заштитата на човековите права е приоритет на Холандија и дека таа како пријател на Македонија известира многу во овие сфери во земјава. Тој истакна дека еден од главните проблеми, кој е нотиран од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, е должината на времетрањето на притворот, кој во Македонија е значително повисок во споредба со ЕУ и Холандија.

– Холандија е долгорочен пријател на Македонија и на македонската влада во процесот на сите реформи кои што се потребни за членството на земјата во Европската Унија – рече амбасадорот Пломп.


Анкета на „М-проспект“: Загадувањето на воздухот треба да го реши Владата


Скопје, 9 февруари, 2017 - 16:05 (META) 

Дури 82 отсто од граѓаните на Македонија сметаат дека загадувањето на воздухот е многу сериозен проблем и дека треба веднаш да се преземат мерки за решавање. Ова го покажува истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „М-проспект“.

Според анкетата, главен причинител за загадувањето на воздухот, за мнозинството граѓани, односно 31,5 отсто од испитаниците, е сообраќајот, на второ место е индустријата со 24,9 отсто, додека греењето на домаќинствата е на трето место со 11,5 отсто.

Речиси половина од граѓаните, односно 45,7 отсто сметаат дека Владата е одговорна за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот, а секој четврти граѓанин смета дека општинските власти се тие што треба да преземат мерки за да се реши проблемот.

Одговорност кај граѓаните за решавање на проблемот со загадување на воздухот гледаат 11,8 отсто од испитаниците, додека 8,3 отсто сметаат дека бизнис-секторот е одговорен.

Решение на проблемот 21,8 отсто од испитаниците гледаат во зголемување на зелените површини во градските подрачја, 19,1 отсто во гасификацијата, а 18,8 отсто во затворање на фабриките што не ги исполнуваат еколошките стандарди.

Анкетата била спроведена теренски, во периодот од 16 до 27 јануари 2017 година, на национален репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.


Со „Математичка дебата“ против незнаењето на учениците


Штип, 24 јануари, 2017 - 16:50 (META) 

Како најдобро се учи математика, беше предмет на „Математичката дебата“ што денеска се одржа на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, со професори и со наставници од Македонија, Бугарија, Романија и од Кипар. Управувачкиот комитет на меѓународниот проект во наредните две години треба да понуди нови методи и електронски дебати за тоа како најлесно да се изучува математиката. Оваа иницијатива доаѓа во време кога беа објавени резултатите од меѓународното истражување ПИСА (Program for International Student Assessment), кое покажа дека македонските средношколци се на 68. место по познавање математика во ранг од 72 земји.

Во проектот „Математичка дебата“, кој во Македонија, покрај наставниците и професорите, го вклучува училиштето „Љубен Лапе“ од Скопје, учениците ќе бидат прашани како сакаат да ја изучуваат математиката.

– Сакаме да ги ставиме учениците во проактивна улога и да ги прашаме што сакаат тие да прават, на кој начин сакаат да ја учат математиката, каде ние како наставници треба да се промениме, дали можеби треба да се растоварат наставните програми и содржини – вели Татјана Печемска-Атанасова, универзитетска професорка по математика.

Пачемска-Атанасова е на став дека треба да се менуваат и наставниците по математика во односот кон учениците, но и да ги осовременат методите на настава со користење интернет и компјутери. При тоа, во рамките на овој проект, ќе биде изработена и е-платформа.

– Оваа платформа би се применувала во наставата по математика, а би се фокусирала на користењето на информатичката технологија и на мобилните апликации во меѓусебната комуникација меѓу учениците од различните земји – изјави Пачемска-Атанасова.

На пазарот на трудот на Европа до 2030 година, според истражувањето на Британската агенција за економија и пазар, ќе бидат потребни повеќе од два милиони луѓе со математички вештини.

Иницијаторите на овој проект сметаат дека треба значајно подобрување на пристапот кон изучување на математиката и од наставниците и од учениците. Истражувањето ПИСА покажа дека сегашните 15-годишници од Македонија се полоши математичари од своите врсници пред 15 години. Сегашните средношколци не знаат да пресметаат колку е приближната цена на еден предмет и да ја префрлат во друга валута или не знаат да споредат вкупна должина на две алтернативни рути за патување.


БИРН: Странците инвестирале седум пати помалку од најавеното


Скопје, 23 јануари, 2017 - 11:51 (META) 

Странските инвеститори инвестирале седум пати помалку од најавеното и отвориле три пати помалку работни места отколку што ветиле, покажува базата на податоци  „Странски инвестиции под лупа“ изработена од новинарскиот тим на БИРН Македонија.

Истражувањето опфатило 138 инвестиции што биле најавени или промовирани од Владата во период од 2007 до 2016 година. Тоа покажува дека дури 43 од најавените странски инвестиции воопшто не се реализирани или, пак, се пропаднати, што е речиси третина од вкупниот број инвестиции опфатени во базата.

Податоците што произлегоа од истражувањето на БИРН покажуваат дека само четири странски компании што инвестирале во земјава, вложиле толку пари колку што ветиле или дури и повеќе од тоа, а другите инвестирале значително помалку средства или воопшто не инвестирале.


Истражување: Во Македонија германската плата вреди двојно повеќе


Диселдорф, 4 јануари, 2017 - 12:41 (META) 

Македонија и другите земји долж балканската магистрала (Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора) се најевтини за живот и во нив германски државјанин за истите пари што во својата земја ги троши за основни работи, може да добие двојно повеќе. Ова го покажува обемното истражување на Институтот за економски и општествени науки од Диселдорф, кој ги анализирал статиските на Европскиот завод за статистика (Евростат), националните заводи за статистика за да ги спореди трошоците за живот во 37 европски земји, САД и во Јапонија, пренесува „Дојче веле“.

Целта на истражувањето била да одговори на прашањата на германските граѓани како што се: Колку моите пари вредат во странство?; Каде се најевтини подароците за празници?; Во која земја можам да одам на одмор за најмалку пари?

Кога станува збор за трошоците за живот – станарина, сметки, храна, облека, трошоци за автомобил, образование, забава, според истражувањето, германската плата најмалку вреди во Швајцарија, а нејзината вредност е двојно поголема во Македонија, Србија…

Според методологијата, ако на германското евро му се даде индекс 100, тогаш Швајцарија има индекс 158,5, што значи дека оваа земја е за 58,5 отсто поскапа во однос на Германија. Покрај Швајцарија, меѓу најскапите се Исланд (со индекс 147,8), Норвешка (141,8), Данска (136,7), Ирска (121,4), Финска (119,7), Луксембург (119,2) итн.

Македонија спаѓа меѓу најевтините земји, каде германската заработувачка има вредност повеќе од половина од својата вредност. Македонското „евро“, според диселдорфскиот институт, има индекс 45,3, односно Македонија е за 54,7 отсто поевтина земја од Германија. Србија има индекс 48,5, Словенија – 79,9, Хрватска – 65,6, Црна Гора – 55,4, Босна и Херцеговина – 50, Албанија – 48,2 и Бугарија 46,1.

Во истражувањето нема податоци за можеби најсиромашните земји во Европа – Косово и Молдавија.

Нордиските земји и Швајцарија се најскапи и кога станува збор за цените во хотелите и во рестораните, додека од балканските земји, овие услуги се најевтини во Македонија и во Албанија, кои имаат идентичен индекс – 41,8.

Според достапните податоци, што ги пренесува „Дојче веле“, просечната заработувачка на вработен во Германија, кој работи со полно работно време е околу 2.200 евра, со одбиени даноци, здравствено и социјално осигурување.

Во Македонија просечната месечна нето-плата, според последните пресметки на Дражавниот завод за статистика за октомври е 22.460 денари, односно 365 евра.


Парите на македонските даночни обврзници завршуваат како добивка на странските фирми


Скопје, 7 декември, 2016 - 16:52 (META) 

Во периодот од 2007 до 2015 година, потрошени се вкупно 159 милиони евра за привлекување или поддршка на странските директни инвестиции, се вели во истражувањето „Вистинската цена на евтината работна сила: Политики за привлекување на странски директни инвестиции во Македонија, 2007-2015“ на Институт за општествени и хуманистички науки, кое беше објавено денеска.

Анализирани се 25 фирми кои имаат добиено државна помош, чијшто број на вработени во 2015 година изнесува 12.600 лица.

– Кога вкупниот износ на средства што државата ги исплатила за поддршка на странските фирми (159 милиони евра) ќе се подели со вкупниот број на вработени (12.600), се добива дека државата издвојува околу 12.580 евра за едно работно место. Просечната плата во фирмите во 2015 година изнесува 261 евро, што е значајно пониско од државниот просек од 360 евра. За целиот анализиран период, фирмите оствариле нето-добивка од вкупно 235 милиони евра, што е два и пол пати повеќе од платите што ги исплатиле. Најголема добивка остварила „Џонсон Мети“, 227 милиони евра, а по неа е „Ван Хул“ со 10,3 милиони евра – се вели во истражувањето.

Во него се додава дека со оглед на тоа што средствата кои државата ги исплатила за привлекување и за поддршка на странските инвестиции (159 милиони евра) се значајно повисоки од платите кои овие фирми ги исплатиле (92,1 милион евра), може да се заклучи дека државата директно генерира дел од нето-добивката на овие фирми.

Всушност, заклучокот од истражувањето е дека парите на македонските даночни обврзници завршуваат како добивка на странските фирми.

Една од препораките на ова истражување е да се прекине со политиките на издвојување огромни државни средства за привлекување странски инвеститори. Со овие политики парите на македонските даночни обврзници завршуваат како добивка на странските фирми, кои потоа ги кршат работничките права и несоодветно ги третираат работниците.