Најголем дел од младите не комуницираат со општините, но сакаат да се дел од зелени настани

Повеќе од половина од младите во истражувањето одговориле дека не се запознаени со надлежностите за животна средина и климатски промени на локалната самоуправа

Фото: Мета.мк

Дури 58 отсто од младите во земјава не комуницираат со локалната самоуправа, но затоа пак мнозинството од 70 отсто од нив сакаат да се дел од зелени настани и би се вклучиле во креирањето политики доколку се навремено информирани и суштински вклучени. Ова е само дел од резултатите на истражувањето што го спроведе Здружението Гоу Грин со поддршка на Фондацијата Хајнрик Боел.

Податоците од националното истражување кај младите за нивното учество во зелени политики на локално ниво се однесуваат на сите осум плански региони во период август-септември 2023 година. Биле опфатени 401 младо лице на возраст од 15-29 години.

Повеќе од половина од младите во истражувањето одговориле дека не се запознаени со надлежностите за животна средина и климатски промени на локалната самоуправа.

Притоа, истражувањето покажува отсуство на комуникација помеѓу општините и младите за зелени теми и на начин кој им е близок на младите. Воедно, кај младите постои недоверба во локалните институции.

Од темите кои најмногу ги интересираат, младите се најзаинтересирани за транспортот (18%), урбанизмот (18%) и отпадот (15%).

Истражувањето утврди дека младите не знаат како може да учествуваат во локални настани, но истовремено би сакале да учествуваат најмногу на едукативни работилници и волонтерски активности.

Исто така, младите имаат слабо познавање за зелените политики и постоечките документи поврзани со животна средина и климатски промени на локално ниво, не се запознаени со сервисите за млади на локално ниво кои произлегуваат од Законот за младинско учество и младински политики, но и не се доволно запознаени со Зелената агенда.

Од Гоу Грин препорачуваат Агенцијата за млади и спорт да ги земе предвид податоците од ова истражување при спроведувањето на Акцискиот план за Националната младинска стратегија, а до централната власт препорачуваат да се зајакне видливоста на Законот за младинско учество за тоа како може младите да придонесат и да бидат вклучени на локално и национално ниво, но и да се зголеми едукацијата, активностите и младинското учество за Зелената Агенда и Зелениот Договор на ЕУ.

Најважната препорака до општините е да ја зајакнат соработката со млади на теми поврзани со климатските промени и животна средина, особено за оние теми кои се дефинирани како приоритетни во рамки на ова истражување. Исто така, Гоу Грин препорачуваат општините да направат план за комуникација со млади, додека младинските совети да вклучат активности за промоција на овие теми во нивниот
акциски план и да ја зајакнат соработката со секторите за животна средина и
урбанизам.