fbpx

Кинеското присуство во Западен Балкан – предизвик за придржување до вредностите и стандардите на ЕУ

Во најновата анализа како негативно се оценува кинеското влијание врз процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ во делот на слободното движење на стоки, јавните набавки, правото на трговските друштва, информатичко општество и медиуми, економската и монетарна политика, социјалната политика и вработување, животната средина и правосудството

-

Дали присуството на Кина во Западен Балкан потенцијално може да ја поткопа посветеноста на регионот да се придржува до европските вредности, како што се владеењето на правото, доброто владеење, животната средина, слободните медиуми? Во кои преговарачки поглавја може да се почувствува кинеското присуство и да се поврзе со пристапувањето во ЕУ? Каде се забележуваат кинески активности кои вршат влијание спротивно со ЕУ принципите? Како да се елиминираат или минимализираат негативните последици од кинеското присуство?

На овие, но и на голем број други прашања се задржува најновата анализа и истражување „Кинеското влијание врз процесот на пристапување на Западен Балкан: синергии и пречки“, на Здружението ЕСТИМА и Фондацијата Конрад Аденауер.

Анализата ја следи класификацијата и структурата по кластери на новата методологија за проширување донесена во 2020 година, групирајќи ги подглавјата во шест кластери: темели, внатрешен пазар, конкурентност и инклузивен раст, зелена агенда и одржливо поврзување, ресурси, земјоделство и кохезија и надворешни односи.

Презентација на истражувањето „Кинеското влијание врз процесот на пристапување на Западен Балкан: синергии и пречки“ / Фото: Мета.мк

Како негативно се оценува кинеското влијание врз процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ во делот на слободното движење на стоки, слободно движење на работниците, јавните набавки, правото на трговските друштва, информатичко општество и медиуми, економската и монетарна политика, социјалната политика и вработување, животната средина, правосудството…

Кинеското присуство на Западен Балкан има влијание врз европската агенда на земјите во повеќе поглавја. Во повеќето од нив, влијанието е негативно, бидејќи некои од владите имаат тенденција да ги заобиколуваат вредностите, правилата или процедурите на ЕУ за да ја овозможат соработката и да ги задоволат кинеските партнери, се вели во истражувањето.

На презентацијата на истражувањето, директорот на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје, Даниел Браун истакна дека трговските, односно економските односи со други земји не се никогаш лоши, но порача дека е многу важно да се стави фокус на целите кои ги има ЕУ, а се различни од кинеските.

Кина и ЕУ имаат различни цели, тоа не значи дека ние не смееме да користиме технологија од Кина, но ако имаме безбедносни несигурности тогаш можеби би требало да се запрашаме дали ќе ја користиме. Не треба да се прекинат сите односи со Кина, но треба да сфатиме дека станува збор за две страни со различни цени, никој не вика да не учиме кинески, туку да бидеме свесни што може да произлезе од нашите акции. Верувам дека луѓето во регионот примаат позитивни поени од Русија и Кина како резултат на разочарувањето во ЕУ, поради процесите за приклучување кон ЕУ. Затоа дури и во случај кога не сме сигурни дали во скоро време земјите од регионот ќе се приклучат треба да работиме на зајакнување на конекциите, давање на повеќе бенефиции кои ги уживаат земјите на ЕУ за земјите од Западен Балкан, смета Браун.

Ана Крстиновска, една од авторките на истражувањето и претседателка на ЕСТИМА истакна дека она што е важно на патот за ЕУ е како ние ќе се поставиме и колку ние ќе имаме желба да ги спроведеме реформите.

Кинеското присуство во државата може да биде позитивно доколку го искористиме како позитивно, а може да биде негативно доколку дозволиме склучување на јавни набавки кои не се во согласност ниту со нашето законодавство ниту со европската регулатива, рече таа.

Истражувањето, освен од Крстиновска, е спроведено и од Бледар Фета, Александра Станковиќ, Сенада Шело Шабиќ, Александра Д. Спасовска и Момчило Радуловиќ. Развиена е матрица заснована на поглавјата, подрачјата и клучните аспекти на европските вредности, а локалните истражувачи ја пополнувале истата користејќи статистички бази на податоци, интервјуа, официјални изјави и документи, медиумски написи и научна литература.

Пониски цени, сомнителни проекти

„Во кластерот ‘Темели’, во кој се опфатени, меѓу другото, владеење на правото, демократија, добро владеење, безбедност и човекови права, пристапот на Кина честопати е спротивен на условите за пристапување во ЕУ. Инфраструктурните проекти финансирани од кинеските банки понекогаш ги заобиколуваат националните закони за јавни набавки, фаворизирајќи ги кинеските компании“, вели Крстиновска, додавајќи дека кинеското присуство во Западен Балкан претставува предизвик за напорите на регионот да се придржува до вредностите и стандардите на ЕУ во овие области.

Во однос на ова, разликите помеѓу ЕУ и земјите аспиранти од една страна, и Кина од друга страна, имаат инхерентно различни концепции за основите на политичкиот поредок и улогата на државата, што понекогаш доведуваат до крајно спротивни исходи.

Во извештајот се вели дека соработката со Кина во трговијата, инвестициските и инфраструктурни проекти има свои предности, како на пример пониски цени за потрошувачите и можностите за локалните компании.

Сепак, истата предизвикува и загриженост за квалитетот и безбедноста на кинескиот увоз, потенцијалната експлоатација на работниците, нарушувањето на конкуренцијата и заобиколувањето на прописите за државна помош. Некои земји, како Србија, нудат посебни придобивки за кинеските компании, иако овие практики ќе треба да се усогласат со европските стандарди ако земјата сака да влезе во ЕУ, пишува во анализата.

Вкупниот износ на проекти финансирани преку заеми само од кинеската Експорт-Импорт банка надминува 14 милијарди евра во периодот 2000-2021 година и овој износ е надополнет со грантови и финансирање од кинеските комерцијални банки.

За целите на тие проекти, па дури и некои проекти финансирани од националните буџети и доделени на кинески компании, владите во регионот покажаа подготвеност да ги заобиколат националните закони во областа на јавните набавки и да направат дополнителни отстапки во корист на кинеската страна, се вели во анализата.

Тука се споменува Србија, земјата која користи две третини од кинеските заеми и договори доделени на кинески проекти, која вовела низа законски мерки и процедури за забрзување на кинеските проекти и протуркување на оние со сомнително влијание врз животната средина. Со Црна Гора и Северна Македонија, потенцирани се два контроверзни договора за изградба на автопатишта во поедноставени постапки.

Во Северна Македонија имаше наводи дека најголемиот проект финансиран од Кина за изградба на две автопатски делници доведе до прекршувања на еколошките норми, стандардите за здравје и безбедност при работа, кои сепак поминаа без соодветна истрага, се вели во извештајот и се додава дека сепак, земјава е исклучок по една работа – дека било подигнато обвинение за случајот „Синохидро“, но дека истиот бил отфрлен од судот во 2019 година, поради застареност.

Според извештајот, во С.Македонија заемот од кинеската Експорт-Импорт банка за изградбата на автопатот го искачила јавно загарантираниот долг на државните претпријатија до 8 проценти од БДП во 2019 година. Србија пак, во моментов има долг од 2.26 милијарди евра кон кинеската Експорт-Импорт банка. 

Соработката во образованието и културата ја одразува амбицијата на Кина да ја унапреди својата мека моќ

Во однос на научната соработка со Кина, во истражувањето се потенцира дека пред пандемијата имало интензивна соработка со повеќето земји од Западен Балкан, при што Кина обезбедувала средства за заеднички истражувачки проекти, опрема и мобилност. Слично на тоа, се додава во анализата, соработката во образованието и културата ја одразува амбицијата на Кина да ја унапреди својата мека моќ. Како примери се даваат Кинескиот совет за стипендии (КСС) кој обезбедува средства за студирање во Кина за студенти во регионот, а институтите „Конфуциј“ се присутни во сите земји и го промовираат кинескиот јазик и култура.

Институтот Конфуциј започна соработка во научни истражувања во области како вештачка интелигенција и информатичка технологија. Сепак, во земјите од Западен Балкан, за разлика од другите делови во светот, институтите Конфуциј не станаа предмет на политичка контроверзност.

Иако слободата на медиумите не е загрозена, во истражувањето се изразува загриженост за порастот на кинеската пропаганда која ги обликува перцепциите на јавноста во регионот.

Во Северна Македонија најголем дел од промотивните содржини ги предлага Амбасадата на Кина преку нејзините врски со локалните медиуми, вклучително и Медиумска информативна агенција (МИА) и Националниот радио-дифузен сервис (МРТ). Исто така, редовно се објавуваат колумни во истакнати медиуми и на маргинални интернет портали кои ги истакнуваат позициите на Кина.

Во истражувањето се потенцира и дека во земјава има заедничка комисија за научно-технолошка соработка и вкупниот број заеднички реализирани научни и универзитетски проекти во периодот од 2016 до 2021 година изнесува 40. Македонското Министерство за образование и наука (МОН), има потпишано Меморандум за разбирање за заедничко финансирање на проекти за истражување и развој со Народна Република Кина, кој е дел од стратешкиот план на МОН за периодот 2022-2025 година.

Стратешкото партнерство меѓу Кина и Србија

Иако кинескиот капитал има потенцијал да го зајакне инфраструктурниот развој и економската конвергенција со ЕУ, одреден број инфраструктурни проекти и директни инвестиции биле обележани, поради небрежност кон животната средина и непридржување кон еколошките стандарди, стои во истражувањето и се додава дека работата на кинеските компании на патничката и во помала мера на железничката структура е еден од највидливите аспекти на присуството на Западен Балкан.

Ана Крстиновска, ЕСТИМА / Фото: Мета.мк

Па така, во Србија, работата започнала уште во 2009 година со изградбата на Путиновиот мост и продолжила со голем број автопати. Во земјава, Синохидро ги гради автопатските делници Кичево-Охрид и Миладиновци до Штип, и во двата случаи, со кинески заеми. Истата компанија ги доби тендерите за изградба на регионалните патишта Кочани-Крупиште во 2019 година и Фариш-Дреново во 2020 година, двата финансирани од ЕБОР. Уште еден заем од ЕБОР беше искористен за набавка на шест електрични возови и локомотиви од Кина во 2017 година.

Во истражувањето се оценува дека енергетскиот сектор е една од областите од голем интерес за Кина во Западен Балкан, а ова во голема мера е поттикнато од побарувачката на домашните влади и нивната желба да ја зголемат енергетската доволност, нешто што веројатно ќе добие на значење со војната во Украина и обврските на Западен Балкан на Зелената агенда.

Животната средина е област и со позитивно и со негативно влијание. Од една страна, таа е причина за загриженост во многу проекти и инвестиции, а од друга страна, кинеските компании покажаа зголемен интерес за поддршка на производството на зелена енергија, се вели во заклучоците од истражувањето.

Во однос на надворешните односи, пак, во анализата се нагласува дека Кина зазема значително различно место и значење во надворешните политики на земјите од Западен Балкан.

Таа има сеопфатно стратешко партнерство со Србија, која се чини дека најгласно ги брани интересите на Кина на меѓународната сцена и ѝ нуди значителни економски можности на план. За возврат, по руската агресија врз Украина и нејзиниот веројатно намален дипломатски капитал, Кина стана најсилен поддржувач на Србија во нејзиниот спор со Косово.

Црна Гора и С.Македонија, стои во анализата, како сојузници во НАТО, станаа попретпазливи во соработката со Кина во последниве години, иако сè уште се надеваат дека ќе добијат одредени придобивки во вид на инвестиции или пристап до пазарот.

Целта на публикацијата е да се направи сеопфатна анализа на кинеското влијание во регионот и да се идентификуваат областите каде што земјите од Западен Балкан можат да ги елиминираат или минимизираат негативните последици или да ги искористат потенцијалните синергии, со цел да се разбере влијанието меѓу пристапот на Кина и процесот на интеграција на Западен Балкан во ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Носталгија по диктатори: Хусеин, Гадафи и Асад

Чест наратив на Кремљ е дека ирачкиот лидер Хусеин, либискиот Гадафи и сирискиот Асад биле големи патриоти и имале добри социјални политики, но дека биле жртви на американскиот империјализам,...