fbpx

Парламентите во регионот не се посветени на стратешко планирање и известување за нивната работа

Задача на Собранието е проактивно да постапува кон унапредување на својата транспарентност и отчетност, како и да ги вклучува граѓаните во своите работни процеси онаму каде што законот дозволува

-

Парламентите во регионот не се посветени на стратешко планирање и известување за нивната работа, што е евидентно преку недостатокот на објавување на годишни работни програми и извештаи. Нашето Собрание пак, не објавува годишен работен план, но објавува годишни работни и детални извештаи.

Ова се наодите од истражувањето за Индексот на отвореност на парламентите од балканскиот регион, поточно, парламентите од Црна Гора, Словенија, Сeверна Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија, кој го работеше Фондацијата Метаморфозис заедно со партнерските организации во регионот.

„Нашите наоди покажувааат разочарувачки исход со маргинален напредок во дел од мониторираните земји и пад на институционалната отвореност во одредени законодавни тела во Србија и Босна и Херцеговина“, вели Мила Јосифовска Даниловска, менаџер на програми во „Метаморфозис“, која работеше на ова истражување.

Лани, иако одредени парламенти од регионот вложиле напори за стратешко зајакнување на нивната отвореност преку посебни стратешки документи и политики, нивните напори често биле попречувани од политички блокади, кризи и активности кои не дале приоритет на унапредувањето на демократизацијата во општеството.

Парламентот на Црна Гора исполнува 87.7% од поставените критериуми за отвореност, по што следат парламентите на Словенија 73.6%, Северна Македонија 71.5%, Хрватска 63%, Србија 45.68%, и парламентарно собрание на Босна и Херцеговина 56.9% (Народен дом 56.3%, Претставнички дом 57.6%). Важно е да се напомене дека во Србија и Босна и Херцеговина исто така се мониторираат и покраинските и ентитетските парламенти, така што парламентот на Република Српска исполнува 42.3% од критериумите за отвореност, парламентот на Федерација на Босна и Херцеговина 37.2% (Народен дом 41%, Претставнички дом 33.5%) и парламентот на Автономна покраина на Војводина 32.3%.

„И покрај нашите препораки, долги години по ред остануваат неадресирани неколку прашања, како што е стратешкиот пристап за подобрување на нивната отвореност, недостатокот на соодветно планирање и известување за нивната работа, несоодветно отворени седници на работните тела на парламентот, неразвиените антикорупциски мерки кои бележат ограничено или никакво подобрување од соодветните држави, и присуство на недоволно имплементирани механизми за надзор“, објаснува Јосифовска Даниловска.

Останува практиката на парламентите, наместо да усвојат единствена стратешка рамка со која се регулира нивната отвореност, принципот на отвореност да се расфрла низ различни политики кои ги регулираат нивните функции. Парламентите бележат најслаби резултати во нивната посветеност да учат од тековните процеси и да ја подобрат нивната работа преку воспоставени системи за мониторирање, евалуација и учење – со користење на показатели во нивното стратешкото планирање и известување за сработеното.

Портал за отворени податоци во македонското Собрание 

Парламентите во регионот не се фокусираат соодветно на отворените податоци. За да го реши ова прашање, Собранието на Северна Македонија, развило посебен портал за отворени податоци, а нивниот напредок во областа на отворените податоци допрва треба да се види.

„Нашите резултати го пласираат парламентот на Црна Гора на првото место по отвореност на законодавната власт во регионот. Разликата во парламентарната отвореност и транспарентност во регионот останува значителна, како што беше забележано во претходните години. Овој тренд опстојува, при што Црна Гора, Словенија и Северна Македонија постојано постигнуваат повисоки нивоа на отвореност во споредба со другите земји во регионот. Собранието на РСМ е единствено во регионот, покрај парламентите во Хрватска и Словенија кои имаат одредено посебен дел на своите веб-страници за оваа намена, кое разви посебен Портал за отворени податоци со што се очекува значително да се зголеми транспарентноста и отчетноста на Собранието“, вели Јосифовска Даниловска.

Што е потребно за подобра отвореност? 

Наодите покажале дека Собранието на РСМ е едно од ретките собранија во регионот кои имаат поставено Канцеларии за контакт со граѓаните на локално ниво, покрај Србија и Словенија. Сепак, она што е потребно Собранието на РСМ да го направи, е да изготви посебна стратегија во која ќе ги обедини сите активности и напори на Собранието поврзани со унапредување на неговата транспарентност, како и посебна комуникациска стратегија.

„Освен тоа, треба да објави годишна работна програма врз која ги темели своите активности, спроведувањето на релевантните стратегии како и годишните работни извештаи. Треба да објави информации за кои веќе е одобрен слободен пристап. Постојано да ги обучува вработените во доменот на слободен пристап до информации од јавен карактер, да објавува информации за заштита на укажувачите, како и да воведе механизам за е-петиции“, додава нашата соговорничка.

Иако на регионално ниво Собранието е трето по отвореност со исполнетост на индикаторите за отвореност од 71.5% веднаш по Собранието на Црна Гора (87.7%) и Собранието на Словенија (73.6%), македонското Собрание е на шесто место по отвореност на национално ниво веднаш зад Министерството за одбрана (89.7%), Владата (79.1%), Министерството за внатрешни работи (78.9%), Министерството за информатичко општество и администрација (75.3 %) и Министерството за труд и социјална политика (72.5%).

Во споредба со претходното мерење кога Собранието било на четвртото место на национално ниво, ова претставува пад од две места на листата на институции по отвореност што се должи на напредокот кој горенaведените институции го покажаа во изминатата година.

Наодите покажале дека и оваа година, како и изминатите шест години, Собранието не објавило годишна работна програма врз која ги темели своите активности, спроведувањето на релевантните стратегии како и годишните работни извештаи. Годишното планирање на работата на Собранието како и објавување на прелиминарен годишен календар за своите активности, е клучно за подобрување на предвидливоста на работата на Собранието што ќе доведе за подигање на квалитетот на јавните консултации во Собранието.

„Ненавременото закажување на седниците може да влијае на квалитетот на дебатата во Собранието, а предвидливоста на седниците би придонела за поквалитетна и аргументирана дискусија. Во оваа насока, во втората половина на 2022 год., Собранието го разгледа словенечкиот модел на календар кој се состои од годишна програма за работа, временски распоред за претстојните два месеци и временски распоред на секоја сесија. По оваа работилница, како што нотира работниот извештај на Собранието за 2022, воспоставување на календарот ќе биде приоритет во работата на Собранието“, објаснува Јосифовска Даниловска.

Задача на Собранието е да ги вклучи граѓаните во своите работни процеси

На оваа тема поразговаравме и со Алекандра Јовевска од Институтот за демократија Социетас цивилис, која е согласна со Јосифовска Даниловска, дека задача на Собранието е проактивно да постапува кон унапредување на својата транспарентност и отчетност, како и да ги вклучува граѓаните во своите работни процеси онаму каде што законот дозволува.

„Оттука, потребна е поинтензивна и прилагодлива комуникација со граѓаните, како и нивно вклучување во работата на Собранието. Неколку препораки како да се постигне тоа: aктивното промовирање на механизмите кои им стојат на располагање на граѓаните за нивно вклучување во работата на Собранието и поттикнување и охрабрување на граѓаните за искористување на овие механизми. Собранието има нова веб-страница која допрва треба да се промовира пред јавноста, а на самата веб- страница има копче Транспарентно Собрание каде Собранието изнесува извештаи, буџет, ревизорски извештаи, јавни набавки“, смета Јовевска.

Според неа, потребно е модернизирање и на останатите официјални канали на Собранието за комуникација со јавноста, континуирано адаптирање на новите трендови на информирање преку постојана технолошка и ИТ модернизација на постојните канали за комуникација, но и употреба на нови.

„Потребна е и поголема интерактивност со граѓаните, особено преку воведување на дигитален механизам кој им нуди можност на граѓаните да ги промовираат своите иницијативи и да добијат поддршка за понатамошно поднесување до Собранието на овие иницијативи. Вакви платформи се практикуваат во други парламенти, но овде мора да се напомене дека природата на помошта и поддршката која ја нудат во голем степен зависи и од законодавната рамка, како и регулативите предвидени во деловниците на самите парламенти. На пример, веб-порталот за петиции на Европскиот парламент има за цел да обезбеди можност за комуникација на граѓаните на ЕУ со Парламентот. Преку оваа платформа, Парламентот, спроведува постојана проверка на начинот на кој се спроведува европското законодавство и врши надзор над работата на европските институции“, објаснува Јовевска.

Таа потсети дека Собранието се приклучило кон иницијативите на Партнерство за отворена власт (ПОВ) во 2017 година, неколку години после владата (2011 година). Овој исчекор на Собранието, според неа, е за поздравување, имајќи предвид дека е еден од првите законодавни домови во светот кој се приклучил кон ПОВ.

„Моментално Собранието го реализира својот втор Акциски план кон ПОВ, кој во себе има 3 заложби и 11 достигнувања чија главна цел е унапредување на транспарентност на Собранието. Генералната оценка за исполнувањето на тековниот акциски план 2021-2023, е дека има значителен напредок во однос на сите заложби. Сепак, она што може да се препорача во овој дел, е дека е потребно поголемо искористување на механизмите и алатките кои ПОВ глобалната мрежа ги нуди. Потребно е вклучување на посмели и реформаторски заложби во акциските планови на ПОВ. Треба да се цели кон опфаќање на сите функции на Собранието со што би се обезбедила јавност и одговорност во сите полиња на работата на Собранието“, смета Јовевска.

Она што исто така е потребно да се направи е да се активираат Канцелариите за контакт со граѓаните. Тоа е исклучително полезна алатка која воопшто не е искористена, бидејќи многу мал дел од овие канцеларии се активни. Целта е да се промовира непосредната комуникација на граѓаните со пратениците, можност за размена на инфо, предлози, сугестии и зголемување на нивото на учество во работата на Собранието.

Календар во работата на Собранието

Воведувањето на Собраниски календар во работата на Собранието ќе ја зголеми неговата транспарентност и можностите за вклучување на јавноста во неговата работа, ќе ја зголеми предвидливоста на работата на законодавниот дом и ќе обезбеди негова поголема независност, смета Јовевска.

„Голем број законодавни домови одамна ја практикуваат оваа алатка, а моделот кој го користи е адаптиран на нивното темпо на работа и деловници. Собранието на Република Северна Македонија ја препозна потребата од Собраниски календар, и веќе тековно ги разгледува можностите за негово воведување, како и развивање на модел кој најмногу би одговарал за условите на работа во нашето Собрание. Дополнително, календарот ќе обезбеди и повеќе време за пратениците за спремање околу точките на дневен ред, ќе можат навремено да се информираат околу регулативите за кои треба да дискутираат во Собранието што ќе придонесе за поквалитетна и аргументирана дискусија“, додава таа.

Нема годишна програма и календар, но има Стратешки план

Во врска со пристапот на отвореноста на Собранието, прашавме дали оттаму планираат да воведат Годишен план за работа, како и за тоа, дали знаат какви се искуствата од парламентите на западноевропските земји во однос на изготвувањето на годишни планови за работа. Исто така, прашавме дали новата собраниска веб-страница ја подобри отвореноста кон граѓаните, но и, зошто на веб-страницата на Собранието не се достапни аудио/видео записи од пленарните седници.

„Собранието како законодавна власт секоја година усвојува Стратешки план, последниот е 2023-2027. Во него се содржани стратешките цели кои се основа за планирање на годишниот буџет на Собранието (функционален, дигитален, отворен, безбеден парламент, парламентарна дипломатија и ефикасни услуги и служба)“, информираат од Собранието.

Како што објаснуваат од законодавниот дом, тие имаат и интерно детално разработени цели и активности, како и индикатори и надлежни единици, со статус на спроведување во посебен ексел, кој им овозможува следење на спроведувањето.

„Собранието нема собраниски календар. Планирањето на законодавната агенда се одвива на неделните координациии (според Законот за Собранието), каде се утврдува распоредот на седници на работни тела и пленарни седници“, информираат во Собранието.

Оттаму појаснуваат дека се работи во моментот преку ПСП програмата за донесување на календар за работа со цел предвидливост на работата на законодавниот дом, меѓу другото и на следнава неодамна оддржана работилница, каде Парламентарниот институт обезбедил компаративни знаења.

„Заедно со Центарот за управување со промени (ЦУП) и Националниот демократски институт (НДИ) помагаат да се моделира календар за планирање на законодавната агенда. Собранието не усвојува/донесува посебен план за работа кој се однесува на законодавната агенда, во смисла на листа на закони кои се планира да се донесат за една календарска година“, велат во Собранието.

Сепак, оттаму не одговорија прецизно на прашањето, дали се планира во наредниот период да биде изготвен Годишен план за работа, ниту пак, кога би можеле да го очекуваме изготвувањето на ваквиот документ.

Западноевропските парламенти го регулираат своето работење

Парламентите во западно-европските земји силно го регулираат во најголем дел своето работење, и тоа во сите аспекти, без оглед на формата – дали станува збор за деловникот, за правилниците, насоките и упатствата, ИСО стандардизација или политики на управување со квалитет, велат во Собранието.

„Планирањето на годишната агенда за работа е различна во зависност на тоа дали парламентот работи во сесии (пролетни и есенски), каков е календарот за заседавање, па според тоа и што и кога поминува по соодветна процедура во парламентот и на крај постојано заседание“, информираат во Собранието.

Ќе се мери бројот на кликови на собраниската веб-страница

На прашањето, дали новата веб-страница ја зголемила отвореноста кон граѓаните, во Собранието велат дека допрва ќе гo мерaт бројот на отворања и дали се зголемува бројот на активни корисници.

„Обновувањето на веб-страницата беше предвидена како интервенција и активност во Програмата за парламентарна поддршка спроведувана од Собранието и НДИ и финансирана од Швајцарската конфедерација. Се спроведе како постапка за јавна набавка и целата спецификација во врска со тоа е достапна на порталот на БЈН и ЕСЈН. Главните цели се – подобра комуникакција на веб-страната со софтверот е-парламент за обработка на податоци и достапност на јавноста од администраторска страна, и подобрување системите за пребарување, достапни документи и организацијата на веб страната од корисничка страна“, објаснуваат од Собранието на РСМ.

Како индикатор за тоа дали е подобрено или не е, тие додаваат дека во Стратешкиот план каде е планирана оваа активност, стои дека ќе се мери бројот на отварања, во смисла на тоа дали се зголемува бројот на активни корисници.

Во однос на прашањето зошто на веб-страницата на Собранието не се достапни аудио/видео записи од пленарните седници, од законодавниот дом се без јасен став. Од таму велат дека прашањето со индексирањето и архивирањето на аудио и видео материјали од пленарни и седници на работни тела, совети и комитети, Собранието го разбира како важно од аспект на институционалната меморија, историската важност и достапноста за јавноста на истите во реално време, онлајн, кои се претходно обработени со метадата податоци.

„Собранието го чува видео и аудио материјалот на локален сервер и пристапот до сите нив е пропишано со барање за извадок од барана содржина. Во смисла на развој, Собранието зема во предвид можности за сеопфатна база на видео снимки од седници (минати и за во иднина, уредени на платформа, пребарливи по метаподатоци) како институционална меморија на законодавната власт“, објаснуваат од Собранието на РСМ.

Од законодавниот дом појаснуваат дека некои од линковите не се активни заради поврзувањето на новата веб-страница со базите на податоци од старата, што било обврска на економскиот оператор што го спроведува договорот. За тоа, кога ќе биде исполнета оваа обврска, засега е неизввесно.

 

Подготовката на текстот е во рамки на синергија помеѓу проектите „Користење на новите медиуми за промовирање на владината транспарентност“ финансиран од Националнен фонд за демократија и „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ финансиран од Фондација Отворено општество-Македонија, кои ги спроведува Фондација Метаморфозис.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците од утре на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од утре, 29 април, ќе бидат на пролетен распуст. Распустот ќе трае 8 дена, а во училишните клупи ќе се вратат...