Фотографијата која се споделува во овие објави е исечена, а оригиналната е објавена во март годинава, а не во ноември кога беа извршени двете убиства – на Панче Жежовски од Велес и на тинејџерката Вања Ѓорчевска од Скопје, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме неколку објави со иста содржина (овде, овде и овде), каде се споделува информација дека Љупчо Палевски-Палчо, осомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, се фотографирал со членови на семејството на убиениот Жежовски, непосредно по ликвидацијата.
Откако го убил Панче, Палевски се сликал со внукот и зетот на жртвата .На социјалните мрежи се споделува фотографија, самослик од првоосомничениот за грабнувањето и убиството на Панче Жежовски од Велес и Вања Ѓорчевска од Скопје, Љупчо Палевски Палчо, направено во Велес, пишува во една од објавите.
Во друга објава, пак, пишува дека „Палевски по убиството на Жежовски на Фејсбук објавил селфи со зетот и внукот на жртвата“.
Во третата објава со наслов „Шокантно“ се споделува истото – дека откако го убил Панче, Палевски направил селфи со внукот и зетот на жртвата.
Фотографијата која што се споделува во објавите коишто ги рецензираме е исечена и не е во нејзината целост, а осомничениот Љупчо Палевски Палчо навистина ја има објавено на својот Фејсбук профил, ама во март месец годинава, не на крајот на ноември, кога што се случија двете убиства.
На Фејсбук профилот на Палевски може да се види оригиналната фотографија објавена на 30 март 2023. На неа има повеќе луѓе, а двајца од нив минуваат на пешачки премин. Во објавите кои ги рецензираме, фотографијата е скратена. Не може да се утврди дали лицата на пешачкиот премин се во роднинска врска со велешанецот Панче Жежовски.
Поради сите горенаведени факти, сметаме дека овие објави на Фејсбук се неточни.