Органите во состав на министерствата го рушат просекот на (не)транспарентност

Вкупниот резултат на извршната власт во Северна Македонија (Владата, министерствата и извршните органи) според Индексот на отвореност достигнува 64,92% исполнување на индикаторите за отвореност, но би бил многу поголем доколку извршните органи би ги исполнувале индикаторите утврдени со индексот во поголем процент

Извор на фотографија: Архива на Влада на РСМ

Органите во состав се помалку транспарентни од самата Влада и министерствата, а тоа влијае за намалување на процентот на севкупното ниво на транспарентност во РСМ. Ова го покажува истражувањето на Фондацијата Метаморфозис „Процена на доброто владеење на извршната власт во Северна Македонија и во регионот преку Индексот на отвореност“, кое ја анализира отвореноста на институциите во земјата и регионот, пишува Порталб.мк.

Вкупниот резултат на извршната власт во Северна Македонија (Владата, министерствата и извршните органи) според Индексот на отвореност достигнува 64,92% исполнување на индикаторите за отвореност, но би бил многу поголем доколку извршните органи би ги исполнувале индикаторите утврдени со индексот во поголем процент.

Според мерењата за 2022 година, споредбено, Владата на Северна Македонија исполнила 79,14% од критериумите за отвореност, министерствата 61,58%, додека извршните органи во кои спаѓаат агенциите, инспекторатите, јавните бироа, заводите, управите итн., имаат исполнетост на индикаторите од само 54,04%.

Маријана Јанческа, координаторка во Фондацијата Метаморфозис, потврди дека не само во последното мерење, туку со години се повторува состојбата во која органите во состав имаат низок процент на исполнување на индексите, односно дека постои корелација меѓу хиерархијата на институциите и падот на нивните оценки.

Во индексот се наведува дека „ангажираноста и примената на стандардите за отвореност се на различно ниво кај различните структури на извршната власт и затоа концептот на отвореност мора системски да се реши“.

Јанческа рече дека според резултатите од претходната година, од сите извршни органи, освен еден, сите кои го пополниле прашалникот, известиле дека нивните службеници не посетиле обуки за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Авторката на истражувањето, Данче Данилоска-Бајдевска даде неколку препораки кои бараат да се зголеми нивото на транспарентност во извршните органи. Меѓу другото, таа препорачува дека „Сите извршни органи мора да имаат посебен дел на интернет-страницата наменет за активна транспарентност и директна интеракција со јавноста и отчетност“, но и да се овозможат функционални пребарувачи на сите интернет-страниците на извршните органи.

„Институциите, особено извршните органи, на интернет-страницата треба да објават списоци со услугите што ги нудат, како и на видливо место да постават врска до порталот www.uslugi.gov.mk“, се наведува понатаму во друга препорака во ова истражување.

Според податоците од истражувањето, каде што е дадена и листа на рангирање на институциите според степенот на исполнетост на индикаторите за отвореност на податоците, просечниот процент на исполнетост на индикаторите за отворени податоци е само 41,29%.

Ако ја погледнеме листата од дното кон врвот, на дното на листата за неисполнување на индикаторите е Секретаријатот за европски прашања, кој исполнува само 26,4% од 100% од индикаторите. По него следува Финансиската полиција како втора на листата за неисполнување на индикаторите, и тоа со 30,36%, додека третото место го делат три институции и тоа Управата за јавни приходи, Агенцијата за иселеништво на Република Северна Македонија и Државниот инспекторат за техничка инспекција, кои исполнуваат само 34,32% од индикаторите. Помалку или повеќе, овие бројки се однесуваат и на другите институции, кои можете да ги погледнете во следниот инфографик.

На врвот на листата се наоѓа Бирото за регионален развој, кое има исполнето 52,8% од 100% од индикаторите. Потоа следи Санитарниот здравствен инспекторат со 50,16%. Третото место во оваа група од најдобри институции го делат Бирото за јавна безбедност и два инспекторати, за Градежништво и урбанизам и Пазарниот инспекторат, кои исполнуваат 47,52% од индикаторите за отворени податоци.

Истражувањето е спроведено во периодот од март до јуни 2023 година. Примерокот на целни институции се состои од вкупно 36 институции, вклучувајќи ја Владата/Генералниот секретаријат, 16 министерства и 19 извршни органи по случаен избор во состав на министерствата.

Методите на истражување се состојат од (1) следење на интернет-страниците на таргетираните институции според низа индикатори, (2) прашалник доставен до институциите за да се потврдат наодите добиени од онлајн мониторингот, (3) пратено барање за пристап до информации од јавен карактер до секоја институција со намера да се процени степенот на исполнување на ова основно право од секоја од институциите, како и (4) проверка на законодавната рамка.

 

Подготовката на текстот е дел од проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија