Исчезнатиот авион на Амелија Ерхарт можеби е пронајден по 87 години

Ерхарт е првата жена и втора личност која летала преку Атлантикот во 1932 година, таа се обидувала да лета околу светот кога авионот исчезнал над Пацификот

https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Amelia_Earhart_LOC_hec.40747.jpg

Поранешен разузнувач на американските воздухопловни сили верува дека нашол делови од авионот на Амелија Ерхарт кој исчезна пред скоро девет децении. Тој вели дека деловите се на дното на Тихиот Океан и ги пронашол користејќи сонарни податоци од дрон во длабокото море, соопшти Си-ти-ви.

Надевајќи се дека ќе ја реши мистеријата стара 87 години, истражувачот Тони Ромео планира да започне мисија кон крајот на оваа година или почеток на следната година за да го пронајде одамна изгубениот авион, што масовната американска потрага не успеа да го најде.

„Таа е најпознатата исчезната личност во Америка, нели? Сè додека нејзе ја нема, секогаш ќе има некој што ќе ја бара. Ако можеме да помогнеме да се затвори оваа приказна и да ја вратиме Амелија дома, би биле многу возбудени“, вели Ромео.

Ерхарт е првата жена и втора личност која летала соло и непрекинато преку Атлантикот во 1932 година, пет години откако на Чарлс Линдберг му успеал подвигот. Заедно со навигаторот Фред Нунан, таа се обидувала да лета околу светот кога нивниот авион исчезнал над Пацификот.

Ромео кој е главен извршен директор на приватната компанија за истражување „Deep Sea Vision“, верува дека остатоците од авионот на Ерхарт лежат на дното на океанот повеќе од 5.000 метри под површината, на околу 160 километри од островот Хауланд, приближно на половина пат помеѓу Хаваи и Австралија.

Според Ромео, Сонарните снимки од дронот покажуваат форма на авион на рамното, песочно океанско дно. Шестнаесетчлениот екипаж на „Deep Sea Vision“ пребарал повеќе од 13.400 квадратни километри во текот на 100 дена минатата година.

Ромео вели дека сликите покажале нешто што се чини дека е авион кој одговара на големината на „Ерхарт Локхид Модел 10-Е Електра“ и додава дека сликата покажува специфична карактеристика на авионот, односно двојни вертикални стабилизатори на опашката.

Негова претпоставка е дека Ерхарт останала без гориво и го приземјила авионот на површината на океанот, а леталото подоцна потонало на дното.

„Првиот чекор е да се потврди ова. Следниот чекор би бил, доколку е можно, да се подигне на површина“, вели Ромео, додавајќи дека процесот може да потрае со години.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Deep Sea Vision (@deep.sea.vision)