fbpx

Георгиев ги охрабри анкетираните судии со име и презиме да пријават кој им врши притисок

На тие што не му веруваат на Судскиот совет ги насочи да пријават во Јавното обвинителство и другите надлежни институции, а доколку не го сторат тоа, како што рече, ќе го доведе во прашање нивниот интегритет

-

Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев се огласи по повод анализата за Проценка на ризиците од корупција во правосудството во Северна Македонија, во која, меѓу другото, приближно 72% од анкетираните судии изјавија дека не се согласуваат со тврдењето дека Судскиот совет делотворно ја штити независноста на судството.

Проценката, прва од ваков вид во земјава, се базира на сведоштва и искуства на судиите и обвинителите во земјата искажани од прва рака. Истата беше презентирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје заедно со Државната комисија за спречување на корупцијата, а изработена е во соработка со Здружението на судии и Здружението на јавни обвинители.

Георгиев денеска ги охрабри анкетираните судии со име и презиме да пријават кој им врши притисок, а на тие што не му веруваат на Судскиот совет ги насочи да пријават во Јавното обвинителство и другите надлежни институции, а доколку не го сторат тоа, како што рече, ќе го доведе во прашање нивниот интегритет.

„Ги охрабрувам и ги повикувам судиите кои биле анкетирани, каде констатирале дека имале влијанија, односно притисоци од претседатели на судови, од членови на Судски совет, слободно нека пријават. Ги охрабрувам дека таквата состојба е алармантна и доколку ја чувствуваат, слободно, тоа се судии, кои знаат како да пријават. Дали до Советот, ако немаат целосна доверба, има и други институции, обвинителство. Слободно нека пријават, а ние сме тука да се носиме со таквите проблеми“, рече Георгиев.

Тој смета дека судиите немале храброст бидејќи за влијанијата проговориле анонимно, а не пријавиле.

„Во состојба кога тие пријавуваат во анонимни анкети некакви вакви аномалии, а од друга страна да не ги истакнат ваквите аномалии значи на некој начин си препишуваат самите на себе дека немаат доволно храброст“, рече Георгиев.

Инаку, спроведеното истражување било анонимно и доверливо и спроведено по пошта. Секој судија и јавен обвинител во земјата имал можност да одговори на прашалникот. До 25 ноември 2022, кога се затворил рокот, Мисијата на ОБСЕ во Скопје добила 212 одговорени прашалници од судиите и 83 прашалници одговорени од јавните обвинители, односно околу 50 отсто за двете целни групи.

Податоците откриваат причина за загриженост бидејќи речиси 46% од анкетираните судии навеле дека искусиле некоја форма на притисок или обид за влијание од своите колеги (ретко, често или постојано), додека 42% навеле дека искусиле сличен притисок или влијание од судиите од повисок ранг, како што се претседателите на судовите или судиите од повисоките судови.

Истражувањето исто така утврди дека значителен дел од судиите (62%) не го смета Судскиот совет како орган кој во пракса е независен во своето работење.

Значителен дел од судиите (73%) во истражувањето не се согласиле со исказот дека унапредувањето од судиите се врши на начин што се придржува кон објективни, мерливи и правични критериуми. Слично на ова, значителен дел од судиите (65%) изразиле скепса во однос на транспарентноста и објективноста на начинот на избор на судии. Мнозинство од судиите (57%), пак, не верува дека дисциплинските постапки покренати од Судскиот совет се водат објективно.

„Овие наоди служат како предупредување за Судскиот совет дека тој мора да преземе чекори да ги зајакне своите внатрешни механизми на контрола и рамнотежа и да се погрижи своите должности да ги врши согласно со највисоките стандарди, особено кога се занимава со такви критични надлежности. Високиот процент на судиите кои изразија незадоволство треба да служи како аларм за будење за Судскиот совет, зашто е јасно дека Советот не исполнува една од своите првенствени одговорности“, се вели во Проценката.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...