fbpx

Поразителни бројки за судството: Судиите соочени со притисоци, не веруваат во Судскиот совет и не се чувствуваат безбедни

Приближно 72% од анкетираните судии не се согласуваат со тврдењето дека Судскиот совет делотворно ја штити независноста на судството, се вели во Проценката на ризиците од корупција во правосудството, прва од ваков вид во земјава која се базира на сведоштва и искуства на судии и обвинители

-

Притисоците или обидите за влијание врз судиите од нивните колеги или судиите од повисок ранг и од членовите на Судскиот совет се зголемени за повеќе од 10 отсто, во споредба со 2009 година. Судиите не се чувствуваат безбедни во секојдневниот приватен живот и во просториите на судот. Тие не веруваат ниту во Судскиот совет – 72 проценти од анкетираните судии не се согласуваат со тврдењето дека оваа институција делотворно ја штити независноста на судството.

Ова е само дел од обемната анализа за Проценка на ризиците од корупција во правосудството во Северна Македонија, прва од ваков вид во земјава која се базира на сведоштва и искуства на судиите и обвинителите во земјата искажани од прва рака.

Проценката денеска беше презентирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје заедно со Државната комисија за спречување на корупцијата, а истата била изработена во соработка со Здружението на судии и Здружението на јавни обвинители.

Проценката користела пристап на комбинирана методологија, првенствено базирана на анкета со судиите и јавните обвинители, како и на претходно спроведена правна анализа и полуструктуирани интервјуа.

Испитаници во анкетното истражување биле судии и јавни обвинители. Истражувањето било анонимно и доверливо и спроведено по пошта. Секој судија и јавен обвинител во земјата имал можност да одговори на прашалникот. Испратени биле 427 прашалници за судиите и 164 прашалници за јавните обвинители. До 25 ноември 2022, кога се затворил рокот, Мисијата на ОБСЕ во Скопје добила 212 одговорени прашалници од судиите и 83 прашалници одговорени од јавните обвинители, односно околу 50 отсто за двете целни групи, па оттаму истражувањето се смета за репрезентативно.

Најмногу влијанија и притисоци од колегите, третина од судиите и обвинителите имале притисоци од власта

Судиите одговарале на прашања за зачестеност на директен и индиректен притисок, односно дали имале сугестии или обиди за влијание врз независноста на нивното работење, а мнозинството судии првично изјавиле дека не се сретнале со вакви форми на влијание.

Сепак, како што стои во Проценката, податоците откриваат причина за загриженост бидејќи речиси 46% од анкетираните судии навеле дека искусиле некоја форма на притисок или обид за влијание од своите колеги (ретко, често или постојано), додека 42% навеле дека искусиле сличен притисок или влијание од судиите од повисок ранг, како што се претседателите на судовите или судиите од повисоките судови.

„Иако повеќето испитаници посочиле дека ваквите практики не се случуваат често, оваа статистика треба да се смета за знак за предупредување дека судиите се предмет на различни форми на хоризонтални (колегијални) или вертикални (хиерархиски) влијанија во своите редови. Во стварноста присуството на ваквите практики може да е уште пошироко распространето, имајќи ја предвид тенденцијата да не се пријавуваат сите коруптивни искуства“, стои во Проценката.

Дополнително, над една третина од судиите пријавиле дека искусиле некој вид на влијание или притисок од извршната власт (36%) или од претставници на политичките партии (37%).

Во споредба со резултатите од правната анализа на ОБСЕ во 2009 година, има пораст кај перципираниот притисок или обиди за влијание од колегите судии (+12%), судиите од повисок ранг (+12 %) и членовите на Судскиот совет (+9%).

Принтскрин, Проценка на ризиците од корупција во правосудството во Северна Македонија

„Ваквата статистика укажува дека и покрај значителните напори да се промовира судската независност и непристрасното одлучување на судовите, обидите за влијание од оваа природа не се намалени, туку напротив се зголемени до загрижувачки размери што потенцијално можат да ја загрозат судската непристрасност“, се вели во Проценката.

За разлика од судиите, обвинителите во помал процент се пожалиле на директен или индиректен притисок, сугестии или обиди да се влијае врз нивната автономија. Околу 41% се изјасниле дека ретко, често или постојано искусиле вакви обиди од страна на адвокати, додека 36% и 35% искусиле сличен притисок од страна на јавни обвинители од повисок ранг и од колеги јавни обвинители. Дополнително, третина од јавните обвинители навеле обиди за влијание од страна на судиите, а само 13 % од членови на Советот на јавни обвинители. Податоците исто така обелоденуваат дека 36% од јавните обвинители искусиле обиди за влијание од членовите на извршната власт, а 29% од претставници на политички партии.

Судиите кои изразија незадоволство треба да бидат аларм за будење за Судскиот совет

Проценката покажува дека приближно 72% од анкетираните судии не се согласуваат со тврдењето дека Судскиот совет делотворно ја штити независноста на судството, наспроти само 26% кои се согласуваат.

Принтскрин, Проценка на ризиците од корупција во правосудството во Северна Македонија

Истражувањето исто така утврди дека значителен дел од судиите (62%) не го смета Судскиот совет како орган кој во пракса е независен во своето работење.

Понатаму, значителен дел од судиите (73%) не се согласуваат со исказот дека унапредувањето од судиите се врши на начин што се придржува кон објективни, мерливи и правични критериуми. Слично на ова, значителен дел од судиите (65%) изразува скепса во однос на транспарентноста и објективноста на начинот на избор на судии. Мнозинство од судиите (57%), пак, не верува дека дисциплинските постапки покренати од Судскиот совет се водат објективно.

„Овие наоди служат како предупредување за Судскиот совет дека тој мора да преземе чекори да ги зајакне своите внатрешни механизми на контрола и рамнотежа и да се погрижи своите должности да ги врши согласно со највисоките стандарди, особено кога се занимава со такви критични надлежности. Високиот процент на судиите кои изразија незадоволство треба да служи како аларм за будење за Судскиот совет, зашто е јасно дека Советот не исполнува една од своите првенствени одговорности“, се вели во Проценката.

Како што судиите се скептични во однос на Судскиот совет, така и јавните обвинители се изјасниле дека чувствуваат резервираност во поглед на улогата и ефикасноста на Советот на јавни обвинители. Значителен процент, 58% рекле дека не се согласуваат со тезата дека составот и процесот на избор на Советот осигурува негова независност и непристрасност, додека 56 % имаат став дека одлуките на Советот не се носат самостојно и независно.

Принтскрин, Проценка на ризиците од корупција во правосудството во Северна Македонија

Надворешните фактори најчести ризици за корупција

Петте најголеми ризици од корупција, според Проценката, се надворешни и се однесуваат на работата на вештаците, адвокатите и на јавните обвинители. Останатите ризици се внатрешни и се поврзани со улогата на претседателите на судовите и со наклонетоста на судиите кон странките вклучени во постапките.

Принтскрин, Проценка на ризиците од корупција во правосудството во Северна Македонија

Главен внатрешен ризик од корупција што го идентификувале судиите се однесува на влијанието што го остваруваат претседателите на судовите преку Годишниот распоред на работа за судиите. Овој распоред се користи од страна на претседателите на судовите за судиите да се прераспределат од еден во друг оддел на судот по потреба и иако служи како менаџерска алатка за подобро да се организира работниот процес, сепак постојат наводи за злоупотреба од страна на определени претседатели.

„Конкретно, во минатото имаше случаи на ад хок промени на годишниот распоред, како резултат на што на определени судии им се доделуваа предмети од висок јавен интерес. Правната заедница се ангажираше во дебата во врска со ваквата злоупотреба речиси седум години откако министерот за правда го покрена ова прашање во врска со Кривичниот суд Скопје и разочарувачки е да се забележи дека ова останува најприсутен внатрешен ризик што го идентификуваа судиите“, се вели во Проценката.

Испитаниците ја критикувале и работата на вештаците и во кривичните и во граѓанските постапки, зборувајќи за контрадикторни вештачења и тенденција да одат во полза на страната што ги ангажирала.

„На пример, во кривични предмети за сообраќајни незгоди што резултирале со смртен исход, одбраната често понудува вештачење што значително се разликува од она на вештаците ангажирани од јавното обвинителство. Овие „нарачани вештачења“ може значително да ги одолговлечат и да влијаат врз кривичната или граѓанската постапка. Кога судиите се соочуваат со спротивставени вештачења, тие мора да наредат и „супервештачење“ спроведено од конзилиум од тројца вештаци ангажирани од судот. Дополнително, вештаците може да одбијат или да го одложат финализирањето на мислењето поради доцнење на плаќањето од страна на јавното обвинителство или судот. Ова непотребно одолговлекување на кривичните постапки, особено во случаите од јавен интерес отвора сомнежи за потенцијално коруптивно однесување“, стои во Проценката.

Повеќе од половината од судиите вклучени во истражувањето (52%) се согласуваат дека дигитализацијата има потенцијал да го ублажи коруптивното однесување.

„Спроведувањето на дигитализацијата и интероперабилноста може да ги зајакне различните аспекти на работењето на судовите, резултирајќи со подобрен пристап кон правдата, транспарентност и ефикасност на судските постапки. Дигитализацијата на повеќето судски процеси може да го минимизира влијанието на човечкиот фактор и да ја намали веројатноста од коруптивно постапување“, се вели во Проценката.

Половина од судиите-кривичари не се чувствуваат безбедни

Во поглед на личната безбедност, значителен дел од судиите навеле дека се чувствуваат небезбедно во секојдневниот приватен живот, како и во просториите на судот. Вкрстените податоци откриле дека судиите што работат на кривична материја и оние кои работат во подрачјето на Апелациониот суд во Гостивар се особено загрижени за својата безбедност, при што над една половина од судиите кривичари (52%) и половина од судиите од подрачјето на апелациониот суд Гостивар (50%) пријавиле дека се чувствуваат небезбедни во својот приватен живот.

„Овие наоди се загрижувачки, зашто стравот може да има влијание врз судскиот интегритет, при што судиите потенцијално би станале поподложни на несоодветно влијание и коруптивен притисок од странките или од други центри на моќ на локално или централно ниво“, стои во Проценката.

Во поглед на личната безбедност на јавните обвинители, истражувањето открива дека 29% од испитаниците-обвинители изјавиле дека не се чувствуваат безбедно во нивните секојдневни приватни животи, додека 20% пријавиле дека не се чувствуваат безбедно додека се на работното место.

Овие бројки се пониски од оние што ги навеле судиите во однос на нивната лична безбедност.

Во Проценката се заклучува дека во иднина, правосудните институции и сите релевантни актери треба да се концентрираат на намалувањето на институционалната ранливост и градењето организациска култура на отпорност и интегритет што „ќе ги оснажи судиите и јавните обвинители да бидат целосно независни и самостојни во своето работење“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поминаа 23 години од масакрот кај Вејце

Денеска се навршуваат 23 години од масакрот кај Вејце, кога во 2001 година, од заседа беа убиени и масакрирани осум припадници на посебната единица при СВР Битола и припадници...