Обуки и финансирање постдипломски студии за македонските студенти ќе овозможи Европскиот институт за иновации и технологија

„Се надеваме дека во иднина освен овие образовни програми кои сериозно го зајакнаа знаењето, ќе успеат да го транформираат истото во креирање на дополнително знаење за развој на нивните бизниси“, вели Александар Стамболиев, националниот секретар на ЕИТ за С. Македонија

Фото: Мета.мк

Специјализирани обуки за млади и финансирање постдипломски студии во С. Македонија ќе овозможи Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ), најави денеска првиот национален секретар на ЕИТ во земјава, Александар Стамболиев. Тој информира дека изминативе години стотици македонски иноватори биле вклучени во образовните програми на ЕИТ, вклучувајќи ги и младите.

Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ) денеска го објави почетокот на првиот заеднички центар во земјава, кој ќе ги подигне регионалните иновации на повисоко ниво и ќе им обезбеди на локалните претприемачи и иноватори, поддршка за иновации.

На настанот кој се одржа во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, се обрати Мартон Херцог, раководителот за иновативен екосистем во ЕИТ, Бенс Хуба, директор на регионалната шема на иновации за ЕИТ урбана мобилност, Џулијан Васало, заменик-амбасадор на Делегација на ЕУ во Северна Македонија, како и проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

„Се надеваме дека во иднина освен овие образовни програми кои сериозно го зајакнаа знаењето, ќе успеат да го транформираат истото во креирање на дополнително знаење за развој на нивните бизниси“, вели Стамболиев.

Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ), како независно тело на ЕУ, промовира и финансиски поддржува иновации преку партнерства помеѓу компании и истражувачки и високообразовни институции за изнаоѓање решенија за различни проблеми – од климатски промени и одржлива енергија до здрав живот и храна. За поддршка на локалните капацитети за иновации, ЕИТ назначува Национален секретар во Северна Македонија, за прв пат на Западен Балкан, кој ќе има за цел да ја јакне соработката меѓу бизнис заедницата и образовните и истражувачките организации во различни области.

Ректорот Јанкуловски, во насока на поврзувањето на академската зазедница со бизнис заедницата, зборуваше за Стратегијата за паметна специјализација, која информира дека е во финална фаза.

„Во нејзината изработка учествуваа членови од нашата академска заедница. Стратегијата има голема улога во економскиот раст на нашата земја и ќе направи поврзување меѓу јавниот сектор и државата и нејзините институции, студентите, професорите. УКИМ е спремен со сите предизвици да се справи, но потребна е поддршка од државата за обновување на некои наши лаборатории во научно- истражувачките институти, тоа сигурно ќе биде од големо значење“, рече Јанкуловски.