fbpx

Ковачевски би отстапил од премиер, ако има некој од ВМРО што ќе сака да ги потпише уставните измени за во Собрание

Од владата брифираат дека до изборите наредната година може да се затворат едно или две поглавја во процесот на преговори за членство во ЕУ, доколку набрзо се изгласаат уставните измени во Собранието и се одржи втората меѓувладина конференција со ЕУ

-

Премиерот Димитар Ковачевски би го отстапил премиерското место, доколку некој од ВМРО-ДПМНЕ сака да ја има таа чест да ја потпише како премиер иницијативата за предложените уставни измени што треба да се достават до Собранието. Од владата брифираат дека Ковачевски со големо задоволство би му ја отстапил на ВМРО-ДПМНЕ таа чест. Исто така, штом ДУИ се согласни и првиот Албанец-премиер да му го отстапат на Христијан Мицкоски, тогаш не би имало пречка ВМРО-ДПМНЕ да го даде првиот премиер-Албанец којшто би ја потпишал иницијатива за уставните измени.

Извори од Владата на РСМ на денешниот брифинг со медиумите информираа дека една голема европска држава ќе донесе парламентарна резолуција за потврда на македонскиот јазик, идентитет и култура во нивното Собрание, потег кој најверојатно ќе се случи в четврток. Исто така, уште една поголема држава која е надвор од ЕУ и Европа набрзо ќе донесе исто таков документ на ниво на нивната влада, со која се потврдува македонскиот јазик, идентитет и култура.

Од владата додаваат дека преговарачката рамка со ЕУ во себе ги содржи сите гаранции за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, како и за заштита на македонскиот јазик, идентитет и култура, но и за одржување на втората Меѓувладина конференција без потреба од дополнителна одлука од Европскиот совет, при што од нас се очекува да ги оствариме уставните измени.

Од владата брифираат дека до изборите наредната година може да се затворат едно или две поглавја во процесот на преговори за членство во ЕУ, доколку набрзо се изгласаат уставните измени во Собранието и се одржи втората Меѓувладина конференција со ЕУ.

Од извршната власт на денешниот брифинг беше посочено дека по лидерската средба веќе не постои разлика со опозицијата во однос на содржината на уставните измени и нивното изгласување во Собранието, односно не е спорно нивното усвојување во парламентот. Клучното прашање е како да се направат тие.

Бидејќи ставот искажан на прес-конференцијата од ВМРО-ДПМНЕ веројатно е прилично изненадувачки за членовите на ВМРО-ДПМНЕ веројатно затоа секој ден мора да се одржуваат прес-конференции за да се објаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ, велат од владата.

Според истите извори, ВМРО-ДПМНЕ на лидерската средба барал ДУИ да не биде дел од владата, но од владата посочуваат дека такви сценарија одамна сме гледале на Балканот и дека тие биле дестабилизирачки за земјите.

На брифингот се напомена дека на лидерската средба имало разидување поради барањето на ВМРО-ДПМНЕ уставните измени да стапат од моментот на стапување на Македонија во членство во ЕУ, односно барањето уставните измени да важат одложено, откако земјава ќе стане земја-членка на ЕУ. Ваквото барање на ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо само доколку е во рамките на преговарачката рамка со ЕУ.

„Уставните измени да важат од денот на одржување на втората меѓувладина конференција. Ако излезете од тоа таа рамка, тогаш не важи преговарачката рамка со ЕУ. Владата е задолжена од Собранието да работи во согласност со преговарачката рамка на ЕУ“, брифираат од Владата, додавајќи дека владата е исто така задолжена да го штити македонскиот јазик, идентитет и народ и никој не може да настапува против тоа.

Од друга страна, барањето на ВМРО-ДПМНЕ уставните измени да важат после шест-седум години може да доведе до излегување од преговарачкиот процес со ЕУ, што би било големо разочарување, брифираат од владата. Додаваат дека ваквото барање на ВМРО-ДПМНЕ значи менување на преговарачката рамка на ЕУ, кое не може да се прави на лидерска средба, бидејќи преговарачката рамка е доставена од 27 земји-членки на ЕУ и таа е усогласена меѓу нив, на самиот Ѐвропски совет.

Од владата сметаат дека дијалогот со ВМРО-ПМНЕ мора да продолжи и таа партија да остане во процесот, бидејќи се работи за нијанси за реализација на уставните измени. Од извршната власт се надеваат дека водечката опозициска партија ќе остане во процесот за усвојување на уставните измени во Собранието. Сепак, треба да им се остави простор за да одлучат како ќе дејствуваат понатаму.

Инаку, извршната власт информира дека иницијативата со предложените уставни измени во моментов се наоѓа во Министерството за правда на допрецизирање, по што наредните денови ќе биде доставена во Владата за да се разгледа на владина седница, а потоа би била доставена до Собранието на РСМ. До крајот на јуни има реална шанса уставните измени да бидат испратени до Собранието на РСМ. Сепак, целата собраниска процедура за изгласување на уставните измени би можела да трае неколку месеци.

Од Владата се надеваат оти надмудрувања со игра на зборови нема да има, бидејќи доколку брзо се усвојат уставните измени во Собранието, автоматски ќе се создадат услови за продолжување на преговорите со ЕУ, односно во декември годинава или јануари догодина би се одржала втора Меѓувладина конференција со ЕУ.

Извршната власт засега е без јасен одговор што би се случило доколку ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно се откаже од прифаќањето на уставните измени во овој собраниски состав. Од владата предупредуваат дека преговорите со ЕУ во ваков случај би биле прекинати. Според владини извори, во овој случај на избори во земјава ќе одиме догодина во редовниот термин.

Ковачевски по лидерската средба: ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени

Мицкоски тврди дека средбата со Ковачевски била неуспешна, бара предвремени избори

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Србин измамен во центарот на Скопје, одземени му биле 300 евра

С.А.(63) од Србија вчера во полициска станица пријавил дека бил измамен од две лица од кои бил пресретнат околу 10.30 часот на подрачјето на Центар, информира МВР. Според пријавеното, едното...